"BitMaP.WAV.",
изложба на фотографии на Катерина Ристоска
На 08.12.2005 година, во 20.00 часот, во просториите на Културен центар Точка, ќе се отвори изложбата на фотографии на Катерина Ристоска насловена BitMaP.WAV. Инаку, оваа изложба е остварена во соработка со Димитар Самарџиев, кој има направено звучна обработка на фотографиите. |
|
|
Катарина Ристовска е родена на 17Април1980 година во Скопје. Дипломира на Архитектонскиот факултет. Со уметничка фотографија се занимава од 1996, а со излагачки активности од 1998. Оттогаш учествува на бројни државни и меѓународни изложби и е добитник на неколку награди. Во 2003 станува активен член на Фото клубот Елема.
На оваа самостојна изложба се претставува со 30 колор фотографии.
Во следниов текст авторите ја објаснуваат нивната идеја и начин на обработка:
Тргнуваме од фотографиите како најавтентични копии на претпоставениот оригинал, како обид за заробување на светлината што паѓа врз предметите и се одбива од нивната површина. Сончевите зраци кондензираат и коагулираат во фабриката обликувајќи разнобојни конци. Може да се каже дека конците (оптегнати врз машините) потсетуваат на жици од расклопено/растурено пијано или некој друг инструмент. Може да се каже дека фотографирањето (во) пропадната фабрика укажува на нашиот индустриско/технолошки пристап кон излажбата. Може да се каже сè и сешто, но овие фотографии претставуваат суровина за производство на звуци, а не на зборови. И тоа не е обид за нивно толкување или превод од светлина во звук, туку звуците просто сапрофитираат врз или под сликите. Тука нема никаква симболичка врска, туку само замена на еден формат за дигитален запис со друг (BMP > WAV) - од фотографија во фонографија. Само колку да се употребат средствата, или само колку да им овозможиме на инструментите да нè инструментализираат. Само затоа што постои таков софтвер. Само колку да го истакнеме шумот и да го издигнеме на степен на изразно средство. Да уживаме во фетишумот што е присутен на/при секој обид за пренесување пораки. Да им овозможиме на културните потрошувачи да си здодевнуваат во галеријата со noise во заднината. Затоа што, за разлика од раните 80-ти, noise-от веќе не е директен напад врз mainstream естетиката, туку сега претставува совршена позадина за (ш)уметнички излажби.
ПОГЛЕДНЕТЕ НЕКОЛКУ ФОТОГРАФИИ
ОД КАТЕРИНА РИСТОВСКА

|
|