Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

 

Mobilis in Mobile (Подвижен во подвижното), изложба на Мирослав Стојановиќ - Шуки


Следејќи една развојна линија во досегашното над петнаесетгодишно присуство на Мирослав Стојановиќ - Шуки во современата македонската ликовна уметност, можеме да заклучиме дека овој автор постојано ги истражува и преиспитува разнородните интерпретативни можности во рамките на делото. За разлика од големиот број досегашни проекти (како на пр. Седумте секретари на СКОЈ, 1996; Црвен ветар доаѓа, 1999; Финална линија, 2001; итн.) во кои отворено ангажирано се произнесува за значајни политички теми од историјата и сегашноста, не е можно да се направи директна аналогија базирана врз принципот на концептуална сличност на проектот Mobilis in Mobile со претходните дела. Напротив, во овој најнов проект авторот ги третира вечните / безвремените теми од природата. (...)

Вечното движење од кое “произлегува промената” е претставено преку шест објекти за кои не може веднаш да се посочи една едноставна дефиниција изведена врз основа на традиционалните морфолошки аспекти на уметничкото дело. Специфичните објекти на Мирослав Стојановиќ - Шуки се композиции чија структура ја градат различни материјали и составни делови - најчесто темпера на платно и мобилни елементи - кои за појдовна основа ја земаат формата на сликата. Овие објекти се модели кои, како што сугерираат насловите и претставите, симулираат природни феномени, поточно ја прикажуваат феноменологијата на елементите, а воедно, малку иронично асоцираат на баналното прикажување на омилените класични мотиви во сликарството воопшто.

Бојата како сликарски елемент во делата на Стојановиќ е третирана чисто механички, не во смисла на рефлексија, туку како материјал кој со својата густина ја пропушта или задржува светлината што, комбинирано со мобилите, овозможува различни оптички сензации. (...) Од друга страна, пак, механичкото (машинско) движење на мобилните елементи овозможува конструирање на динамички структури преку кои е претставена визуелизацијата на феноменот движење и трансформацијата на поимот време (кој заедно со просторот) е основен модел со помош на кој физиката го интерпретира поредокот, траењето и промената во природата. (...) Овие комбинирани објекти, засновани на поврзување различни елементи, создаваат визуелни структури кои се во функција на (повторно) истражуање на појавноста на визуелните феномени. Техничките средства за создавање просторно-светлосни ефекти Мирослав Стојановиќ - Шуки ги користи за постигнување на контемплативна, а не технолошка димензија на делото.
 

 


« назад

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |