Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

 

Цртеж - 'рт-еж (Ск_Мк...нови тенденции )

 

ЗА АВТОРИТЕ:

1. Љубиша Камењаров:
Се фокусира на испитување на линијата и на расчленување на деловите од кои е составено едно дело. Необичните свежи портрети и ситуации кои наликуваат на илустрации ги збогатува со многу духовити текстуални сегменти.

2. Ѓорѓе Јовановиќ:
Во циклусот Маски ги гледаме многубројните лица на авторот. Со гребење врз површината на чувствителна хартија се добиваат различни маски. Поставени на различни површини, дводимензионалните маски добиваат трета димензија, со што се добива впечаток дека многу лица зјапаат во нас кога поминуваме.

3. Христина Иваноска:
Во овој најнов, се уште ненасловен циклус Христина интервенира врз готови испечатени страници од модно списание. Најчесто ги потенцира контурите на фигурите, а понекогаш со боја целосно им го менува изгледот. Се задржува на цртежот како основна форма, но во сосема поинаков контекст, при што конструира свој свет врз зададената фотографија.

4. Антонио Димитров:
Неговите структури најчесто се “недовршени” или завршуваат онаму каде што завршува хартијата, но тоа не е нивниот крај... Секогаш може да се продолжат. Карактеристичен е неговиот минуциозен пристап и неверојатната трпеливост која е потребна за создавање на еден ваков деликатен цртеж.

5. Бојан Тикваровски:
Гради цел еден свет составен од органолики форми. Особено се фокусира на деталната обработка на цртежот така што во секоја завршена форма постои можност да се издвојат уште безброј други.

6. Матеј Богдановски:
Во серијата насловена Искушението на Св. Антониј, низ дванаесет цртежи е претставена една библиска сцена во поинаков, современ амбиент. Негувајќи го реалистичниот цртеж, Матеј инсистира на прикажувањето на светот на митовите и бајките, а цитатноста одразува постмодерен сензибилитет во креирањето на интересните ликовни комбинации.

7. Ана Андроска:
Составени од прекршени линии, нејзините фигури и цветови делуваат нежно и кршливо, но употребата на силни бои ја зацврстува нивната деликатна форма, не дозволувајќи им да се скршат. Освен формите, Ана го истражува и просторот кој еднаш е потполно исполнет со цртеж, а друг пат останува сосема чист.

8. Ненад Ѓорѓевиќ:
Тој се обидува да се наврати на детскиот цртеж, да се задоволи со чкртки нафрлани без ред и правило. На овој начин се приближува и до примитивниот, инстиктивен начин на изразување. Фасциниран од детскиот начин на цртање, создава цртеж во кој заборава на научените правила и се концентрира на чистината на детската игра.

9. Методи Ангелов:
Неговите цртежи се состојат од форми мултиплицирани до бесконечност, односно низа од исти форми водени од еден повторувачки ритам. Ваквата поставеност ја преминува класичната шема на организирање на просторот, а хоризонталното ширење е само навестување на следната низа.

10. Тома Домовски:
На прв поглед цртежите делуваат како едноставни и брзи скици или студии за дело што допрва треба да се развие. Зачудува успешното доловување емоции во интимните сцени кои оставаат силен впечаток на сензибилен авторски пристап.

11. Владимир Лукаш:
Преку неговите дела раскажува многу приказни: за кралот прободен со стрела, змијоликата жена, цветот кој претерува... Со неговата голема раскажувачка способност преку цртежот ни дозволува да влеземе во надреален свет кој изобилува со неверојатно случки.

12. Бранко Прља:
Неретко во уметноста големо влијание врши литературата, текстот... Овој автор е заинтересиран за двете: пишувањето и цртањето. Тој создава синтеза од двата негови интереси за да оформи цтреж кој изобилува со развиени ликови и случки кои меѓусебно се надополнуваат.

13. Наташа Андонова:
Женските фигури се особено присутни во цртежите на Наташа. Дел од нив се изведени со брзи потези во вид на скици каде се нагласени само одредени делови на лицето и телото, некои се со импресионистички реминисценции, а не се одбегнати ниту стилизацијата и допадливоста на поетската изразност, како и кокетирањето со академизмот.

14. Ленче Андонова:
Ленче негува интересен однос кон прикажувањето на женскиот акт, инаку една од омилените академски теми. Актот доминира во цртежот, се друго - позадина, детали,... - е безначајно. Понекогаш се изразува со многу силна линија, а понекогаш линијата воопшто ја нема или е во функција на акцентирање на одредени делови на телото, а формата ја насетуваме од широко нанесените плохи со боја.

15. Бејтула Заими:
Со енергични линии ја одредува динамиката и ритамот на делото и се навестуваат одредени релации и простори. Строгоста на црните линии, кои преовладуваат во неговиот израз, ја разбива и збогатува со боја која асоцира на нештата кои цели да ги представи.

16. Миле Ничевски
Авторот на екстремно циничен начин ги демистифицира митовите и идеолошките ограничувања, различните митови од културата, историјата и секојдневието; смело подбивајќи се со колективниот дух, дури и со фетишите на мегакултурите, ги базира неговите претстави на иронија и цитатност, поточно иронија во цитирањето.

17. Бурхан Ахмети:
Гледајќи ги неговите цртежи може да се почувствува начинот на кој се создаваат. Многу линии со различна дебелина и карактер се вкомпонирани со ритам кој ја придвижува сликата. Сето тоа е изработено во манир кој нуди чистина, но и длабочина.

18. Ване Костуранов
Главна опсесија на Ване Костуранов се куќите. Трансформирајќи ја сентенцата на Егзипери “Неговата родна планета е едвај поголема од една куќа” можеме да укажеме на значењето кое овој мотив го има во неговото творештво. Цртежот е “детски” едноставен и го нагласува чувството на интимност и меланхоличност.

19. Ивана Драгшиќ:
Што да правиме кога не ни се спие? Може да се обидеме со цртање?
Во циклусот Инсомнија, Ивана ни ги прикажува нејзините бессони ноќи и се што нацртала додека не можела да заспие. Овие цртежи изобилуваат со најразлични форми на размислување, со навидум неповрзани ликови, прикажани во состојби без логичен распоред.



« назад

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |