Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Самостојна изложба на Марко Стојановиќ во Точка
 

Во четврток, 28. 04. 2005 година, во 20:00 часот, во просториите на Културниот центар Точка  се отвори самостојната изложба на Марко Стојановиќ, насловена „1. мај 1982“. Изложбата е дел од проектот Слевање на маргините на Контрапункт од Скопје.

 



Марко Стојановиќ е роден 1982 година во Неготин, Србија и Црна Гора. Завршил средно уметничко училиште во Ниш. Моментално е на четврта година на Академијата за уметности во Нови Сад, отсек графички дизајн. Зад себе има три самостојни изложби во Неготин и Нови Сад, а учествувал и на голем број групни изложби. Во 2004 година учествуваше во проектот Колективитети и самци во Битола (во организација на Контрапункт).

На изложбата ќе бидат претставени дела од два циклуса на овој млад и талентиран автор - 1. мај 1982 и Х&Х – Хајдук Велјко вс Хамлет. Првиот циклус Х&Х – Хајдук Велјко вс Хамлет е составен од дигитални колажи изработени во периодот 2001 - 2003 година.
 


Во делата од циклусот Х&Х – Хајдук Велјко вс Хамлет Марко Стојановиќ ја покажува сржта на своите интереси и истражувања во областа на визуелните комуникации. Овие дела се резултат на реакцијата на брендизацијата, маркирањето и типизацијата кои силно и опсесивно продираат во сите сфери на секојдневниот живот и честопати агресивно влијаат на интелектот. Стојановиќ, како претставник на генерацијата која пораснала во времето на глобалното владеење на бренд идеологијата и манипулацијата на најширок план (роден 1982), ги препознава кодовите и нивните замки не подлегнувајќи им. Со испраќањето на мноштво, наизглед споредни и нападно декоративни, често збунувачки пораки, Стојановиќ повикува на потрага по зрното на суштината под брендот. Добар почетен став на дизајнер.
 

(Дејан Радовановиќ, од текстот во каталогот)


Вториот циклус 1. мај 1982, се однесува на едно ново, интересно и сосема лично толкување на познатата слика на познатиот јапонски уметник Он Кавара, ставајќи го како централен мотив денот на неговото раѓање. “Откривајќи го интересниот јапонски концептуален уметник Он Кавара, дојдов на идеја да направам серија на дела за измислениот дијалог со овој прекрасен уметник... Он Кавара како централен мотив во своите слики го зема датумот кога сликата била создадена. Позади, каде што вообичаено се наоѓа датата, тој испишува текст кој кажува што најзначајно се случило тој ден во светот (по принципот на телевизиски вести)... После четириесеттина години, јас направив лажна слика (графика) на Он Кавара, со сосема исти димензии (26 х 33 см), на ист тип платно (погрубо платно со видливо ткаење) и со сосема идентичен фон кој го претставува 1. мај 1982., денот на моето раѓање! На задната страна на графиката (сликата) се наоѓа текст: “Денес е роден уметникот Марко Стојановиќ, во Неготин.”

 (Марко Стојановиќ)

 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |