Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



БРАТ ЗА БРАТ, КУЛТУРА ЗА ПАРИ (КАПИТАЛИЗАМ, КУЛТУРА, БАЛКАН)
ДЕБАТА, КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ТОЧКА, 24. 04. 2005, НЕДЕЛА
 

На 24 април (недела), во 19.00 часот, во просториите на Културниот центар Точка се одржa дебата на тема "Брат за брат, култура за пари". Во дебатата учествуваа Елизабета Шелева (теоретичар на културата, Скопје), Александар Станковски (сликар и режисер, Скопје), Владимир Арсениевиќ (писател и издавач, Белград), Александар Зограф (стрип уметник, Белград) и Никола Гелевски (писател и издавач, Скопје).

 



НЕКОЛКУ ОПШТИ НАЗНАКИ ЗА ТЕМАТА НА РАЗГОВОРОТ

Капитализмот радикално ја промени Република Македонија, како и земјите во целиот регион. Многубројни се импликациите од таа долга и мачна “транзиција” од еден квазисамоуправен социјализам во еден прилично див капитализам; во разговорот, нас повеќе н# интересираат културните импликации и промените во сферата на културата во Македонија, во регионот, па и пошироко, со оглед на променетите политички односи во целиот свет.
Некои важни прашања: дали културните производи мораат да бидат комерцијални?; дали уметноста може да биде самоодржлива?; каков е односот меѓу државата, невладиниот сектор, културните институции и уметниците?; дали единствената преостаната културна и општествена стратегија е да се работи во рамките на светот на Симулацијата и Спектаклот?

ТЕЗИ ЗА РАЗГОВОР

Комерцијална и експериментална култура
Во транзиционите општества (кои во голема мера поминуваат низ првобитната акумулација на капиталот) сите важни диференцијации се одвиваат околу парите. Една од основните задачи на сериозната културна политика е да ги заштити најсмелите, најавангардните и најрадикалните културни практики од ударите на пазарот, бидејќи токму тие практики најчесто имаат придвижувачка и еманципаторска улога. Со други зборови, уметничкиот ризик треба да биде финансиски заштитен, а уметничките зихераши треба да бидат препуштени на пазарниот ризик.
Заедно со организациското раздвојување, би се случувале и други форми на одвојување на “експерименталците” од “зихерашите”: борејќи се за опстанок на пазарот, комерцијалните проекти би можеле да сметаат на громогласното внимание на сензационалистичките медиуми, но не би требало да ја имаат, како сега, поддршката која ја има “уметничкиот сектор” - компетентната критика, учеството на релевантни фестивали итн.

Знаковната моќ на фетишите
Џерџ Лукач одамна укажа дека робата или стоката лежи на границата помеѓу културата и трговијата, пречекорувајќи ги наводно светите граници помеѓу естетиката и економијата, парите и уметноста.
Во текот на 18 век робата беше само световен предмет за секојдневно купување и употреба - “тривијална ствар”, како што велеше Маркс. Кон крајот на 19 век, меѓутоа, робата зазема повластено место, станувајќи не само основа на новата индустриска економија, туку и на новиот културен систем, системот за промовирање на социјални вредности.
Во поново време робата ни се нуди како фетиш - нешто помеѓу стока и уметност, или нешто што едновремено е и стока и уметност. А мистиката на робниот фетиш не се наоѓа во неговата употребна вредност туку во пазарната вредност и во неговата “знаковна моќ”.

Општество на ризик
Како што вели Ентони Гиденс, живееме во општество на ризик. Нам, кои престојуваме во овие гадни и мрачни “транзициони” (до кога и кон што!?) простори и времиња, ризикот ни прозвучува едноставно: да се преживее барем уште некој ден, чекајќи ги фамозните среќни околности кои ќе ја разбудат комираната надеж.
Темелната, пак, теорија на ризикот смета дека ризикот денес не е нешто зададено, што природата ни го наметнува (како фатумот во античките трагедии, прстот на судбината), туку дека ризикот денес има сосема поинаква дефиниција: тој е она што ние ù го правиме на природата. Наместо судбината, науката и технологијата се оние што ни ја креираат иднината. Затоа и ризикот веќе не доаѓа однадвор туку однатре - од одлуките што ги донесуваат политичарите, научниците, новите технологии.
Клучно за современите ризици е дека се своевидни човечки генерирани хибриди: 'Тие ги вклучуваат и спојуваат политиката, етиката, математиката, масовните медиуми, технологиите, културните дефиниции и претскажувања. Во општеството на ризикот современото општество станало рефлексивно, што значи дека едновремено станало тема и проблем самото на себе'.


Капиталот ја има моќта
Единствената релевантна моќ денес, која всушност и го воспоставува “општеството на ризик”, е логиката на капиталот. Тој сè повеќе станува независен од било каква политика, со што избегнува каква било контрола и насочување. Но, дали моделот на современиот капитализам навистина е најсоодветно општествено уредување за луѓето?!
Улрих Бек се залага за едно ново просветителство кое ќе ни ги отвори духот, очите и институциите пред опасностите што индустриската цивилизација си ги задава себеси.

Така што, ние “транзиционите”, барем ја имаме можноста (зајакната со нашите вредни искуства со социјализмот и самоуправувањето, колку и тие да беа деформирани) структурно да поработиме на еден посолидарен (посолиден) општествен систем од овој ранокапиталистичкиот (доцнафеудалниот) во чиешто метастазирање, за жал, учествуваме.
 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |