Изложба на гостиварскиот уметник Алпај Реџеп во Точка
На 05. 04. 2005 (вторник), во 20.00 часот, во просториите на Културниот центар ТОЧКА во Скопје се
одржа изложбата на младиот гостиварски уметник Алпај Реџеп, насловена Поништување (Фан.а). Проектот е поддржан од Швајцарската културна програма- Македонија. |
|
|
од рецензијата на Маја Чанкуловска – Михајловска
За генезата на арабеската
Сликите од најновата изложба на младиот уметник Алпај Реџеп се надоврзуваат на проблемот на транспонирање на арабеската и основните елементи од кои таа се генерирала. Преку истражувањето на генезата на арабеската тој на одреден начин ни ја раскажува и историјата на исламската уметност, вградувајќи во своите слики некои од карактеристичните елементи на оваа уметност - калиграфијата, колоритот, дводимензионалноста, монументалноста...
Една од особеностите на исламската уметност е орнаментот, а забраната за прикажување на антропоморфни претстави придонела да се развие богат и комплексен апстрактен израз. Од една страна, употребата на арапското писмо во делата на Алпај Реџеп, неговиот орнаментален карактер, нагласена линија и ритам ги наоѓаме во основата на исламската декорација, а од друга страна, пак, оваа концепција е блиска на директното преземање на одредени калиграфски писма и нивното преобразување во гестуално апстрактно-експресионистичкото сликарство од 40-те и 50-те години на 20. век (сликарство на гестот и сликарство на знакот), како и до подоцнежниот редуктивистички пристап во апстрактното сликарство на чисти ликовни знаковни структури или графички знакови во боено монохромно поле.
Старата традиција на исламското минијатурно сликарство може да биде откриена во настојувањето кон дводимензионалност и декоративен внатрешен цртеж на поединечните обоени површини. Спојувањето на сите димензии во исто единство и сите фази на времето во една целост, го забележуваме исто така и во сликарството на обоено поле, каде монохромната површина е подлога за хроматски, гестуални варијации, без однос на предни и задни планови, а подлогата на сликата е прв, основен и единствен план, место на ликовното доживување. За разлика од живата обработка на бојата во исламската уметност, тука е воспоставена хармонија меѓу неутралната пасивна позадина и активната разиграна арабескна структура т.е. источно калиграфско ткаење, а загасениот колорит според авторот има врска со темната страна на душата.
Преку овие дела, инспирирани од исламската уметност, калиграфијата како оригинална уметност на исламскиот свет се комбинира со модернистичките движења од западната уметност на 20. век. Арабеската во ориенталните пејсажи (а-ла-турка) го дефинира поимот калиграфија како обид за естетска деформација на знак, буква, бројка во ликовната уметност. Овој мотив учествува во изградбата на мистичната димензија на овие апстрактни пејсажи претставува трансферирање и пресликување на енергијата на бесконечното движење, а според авторот, арабеската е создавање на слика без фигура и истовремено негација на слика во европска смисла.
ПОВЕЌЕ за
Алпај Реџеп

|