Димов ги истражува различните аспекти на предметите и предметноста во модерното потрошувачко општество, придавајќи му посебно значење на еден од тие аспекти – склопувањето. Преку таа теориска рамка Димов не воведува во практичното значење на неговиот проект, кое најдобро може да се согледа во мислата на Филип Старк цитирана и од самиот автор: “Дизајнерот треба и мора да учествува во барањето на смисла во создавањето на цивилизиран свет.”
Како што вели самиот Димов: Во текот на едно деноноќие човекот допира
околу 500 индустриски дизајнирани предмети, во чиешто производство
учествувал само индиректно, преку потребата за олеснување на
сопствената егзистенција. Учеството се остварува со анализа и
класификација на потребите на потрошувачот од страна на дизајнерите и
понатаму, во согласност со исплатливоста на крајната дистрибуција,
производство на одреден предмет.
Хипер-производството на предметите во потрошувачкото општество не е
единствена причина за намалувањето на просторот за живеење. Втората
причина е неможноста за нивно склопување, за време на употребливиот
век на предметот и рециклирањето, откако тој ќе заврши.
Просторот и
условите во кои живееме директно влијаат врз односот кон предметите
кои ги поседуваме. Не случајно “борбата со просторот” е изразена на
далечниот Исток, во Јапонија, каде што на увезените кинески изуми им
се додава една особена и битна карактеристика - склопливост. Дури и
нивниот секојдневен социјален живот започнува преку виткање на
сопственото тело.
Започнувајќи од
дваесеттите години на минатиот век модернистите утврдуваат дека
просторот може да се рециклира преку негово динамичко видоизменување.
Таков простор овозможува наслојување на дејствија по иста единица
волумен. Предметите се склопуваат за да го намалат просторот којшто го
зафаќаат за време на
транспортот и складирањето. Со тоа објектот кој се склопува е
попрактичен од оној (за иста намена), чијашто големина не може да биде
намалена. Но, вистинските причини се посложени. Склопувачките објекти
го прикажуваат квалитетот во контраст со нивниот материјал. Тие
зборуваат за леснотијата која не го затвора просторот со маса и тежина
(вклучувајќи ја и визуелната тежина). Тие се експресија на “негирање
на материјалноста”, еден вид компромисен однос на постоење, однос
којшто дозволува движење на просторот кој би требало да предизвика и
движење на духот. Сето тоа намалување на просторот преку предметноста
во исто време потсетува и на ефемерноста на постоењето и на
изменувачките животни циклуси.
|