Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Зоран Попоски со МОЛК во Точка
 

На 27.01.2005. (четврток) со почеток во 20.30. часот во културниот центар Точка, Зоран Попоски ја отвори својата трета самостојна изложба - МОЛК.

Најновата самостојна изложба на Зоран Попоски претставува 'технички' исчекор од досегашниот негов израз, базиран исклучиво врз дела изработени во техниките масло (акрил) на платно, во еден за него нов медиум - дигитални отпечатоци. Процесот на изработка на најновата серија 'експресивни портрети' започнува со фотографирањето на неговите пријатели (нивните имиња се наслови на делата), кои потоа преку дадаистичка постапка на случајноста одбираат еден цитат од шунд литература, а подоцна истиот цитат станува личен 'statement'. Според авторот, насловот на изложбата - 'МОЛК', сугерира читање во смисла на Лакановата 'немост', односно немоќ нешто да се искаже, а случајно избраните реченици, кои истовремено и не одговараат и одговараат на ставовите на личностите, на чуден начин сепак кажуваат нешто за нив. Толкувањето на овие реченици оди во сосема друга, квази-сериозна крајност, па дури и психоаналитички пристап во обидот за рецепција на секоја личност и нејзината “изјава”.



Изложбата е составена од вкупно осум дигитални отпечатоци со голем формат, а техниката на изработка на делата, концептот, како и самиот процес на разработка се сосема нови (во оваа изложба Зоран Попоски прв пат ги комбинира на фотографијата, текстот и звукот). Авторот сепак им дава 'свој личен печат' преку заокружување на оваа целина со елементи од неговото сликарство, како што се чувствувањето на просторот и бојата како основно изразно средство, кои ги препознаваме во двете претходни изложби (“Патот на копнежот”, 2003, Културен центар “ТОЧКА”, Скопје и “Патот на копнежот”, 2004, Дом на култура “Марко Цепенков”, Прилеп).
Наспроти смиреноста на претставените ликови врескаат експресивните бои и 'слободниот' израз, чии референци лежат во апстрактниот експресионизам и акционото сликарство. На моменти се добива впечаток дека ваквата доминантна пиктуралност е конфронтирана со насловот на самата изложба. Напротив, токму експресивноста, интерпретирана од авторот како израз на внатрешните духовни и психолошки состојби, е во функција на исполнување на потребата/неопходноста битието да ја искаже сопствената 'приказна', надминување на препреките и слободното изразување на емоциите во површниот свет во кој владее немоста. Изложбата ќе биде отворена до 22 Февруари.




 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |