Концерт на Чинч во Точка
На 15 Јануари (Сабота) во 21 часот во културниот центар Точка, белградскиот бенд Чинч ќе одржат концерт. Второто ЦД на Чинч "Однесување" (Понашање) беше објавено од Контрапункт и Темплум како додаток на списанието Маргина. Овој регионален настан е дел од проектот "Слевање на маргините", поддржан од Швајцарската Агенција за соработка и развој. |
Чинч неодамна добија нов член, виолинистот Срѓан Стојановиќ, со што
повторно го вратија духот на нивните поранешни песни. Како
збогатување на концертот во позадина ќе се проектира интересно
слајд-шоу. Покрај вообичаениот репертоар Чинч ќе изведат 5
работнички песни компонирани на стихови од различни поети: Вијон,
Паунд, Вајман, Бантинг и Буџини.
Историјат на бендот - Што велат Чинч за себеси:
Постоиме од 2001. Белград е нашето стечиште.
Нашето име нема врска со истоимениот вид кабел.
Нема врска ни со музичарот Борут Чинч, иако го цениме многу.
Нема врска ни со Чинч бубите кои живеат во Северна Америка, иако
некои од нас радо би живееле во Северна Америка.
Нашето име е звук, така треба да се сфати. Има врска со звукот кога
наздравувате со чаши.
Се викаме:
Лука Станисављевиќ - бас, џитра, глас, матрици
Ѓорѓе Илиќ - џитра, глас, перкусии
Ирена Ваниќ - глас
Урош Милорадовиќ - глас, реторска вештина
Андрија Павловиќ - клавир, муг
Александар Димитријевиќ - перкусии
Ана Вранеш - виолончело
Срѓан Стојановиќ - виолина
(Ана Ружа - флејта, привремено во Норвешка)
Свириме, велат:
Психоделичен фолк
Камерен поп
Водвиљски панк
Комеди рок
Еклектичен фјужн
Интерактивен фишн
Фендер пресижн
Некои велат и дека тоа што го свириме е "светска музика", макар што
тоа во принцип е повеќе некако белосветска музика.
Имаме два албуми: "Осечев сјај", прво издание Шкарт, Белград, 2001,
реиздание Аморфон, Токио, 2004; "Однесување", Контрапункт и Темплум,
2003.
Свиревме во: Библиотеката "Милутин Бојиќ", Белград, Народната
Библиотека, Нови Сад, Рума, СКЦ и тн.
Од рецензијата на Даница Миниќ...
...Во почетокот тоа беше бендот на Чудан Шими. Потоа Шими си отиде
па ги слушавме Save the Clock Tower. Потоа на гитарата, басот и
гласот се придружија клавир, виолина, удиралки, нови гласови и два
мини хора, па така умножениот бенд настапи под името Чинч.
Придвижувачи на оваа историја се Ѓорѓе Илиќ и Лука Станисављевиќ,
како автори на текстовите и музиката на Чинч. Од различни причини
бендот настапува главно по библиотеките што освен можноста за седење
која придонесува за разбирање на зборовите на песните, дава и
посебен падобрански шарм на овие концерти. Пејачот седи небаре ќе
држи говор за Андриќ, но наместо тоа пее.
Првиот впечаток може да биде дека тоа е поезија обнародена со музика,
но, од повеќекратните концертни искуства изгледа дека во прашање е
нонсенс. "Гуртна, глазба, кахва, бухтла, гармиш-партен-кирхен,
менкен-гладбах, хонда, џонтра, кмра, требла, ебла, мидла, крка,
роксин токсин, дрнча, дрчна, суџук, ратлук, јавашлук и аутлук" и тн.
се само некои од нивните омилени фрази на кои звукот им ги брише
значењата. Сепак, Чинч има и смисла. Од Огден Неш до Душко Радовиќ,
ова е пред се хумористичка поезија која кабаретски ги спојува
сентиментите, социјалата, детството и срањата. Музичката поезија на
Чинч ги рециклира и архивира нашите интимни сеќавања во јазикот:
народски и поетски зборови, разговори, баналности, и сл. Бидејќи дел
од тие сеќавања се и зборови како "Канада, зрно, вутра, четник, ал
каида, маракана, сарајево, кинези", овие песни понекогаш имаат и
многу суптилен социјален набој.
|