Поетски слем во Точка
Во просториите на
културниот центар Точка (Илинденска 38) на 28 декември со
почеток во 20.30 часот ќе се одржи натпревар во читање/изведување
на поезија популарно наречен Поетски слем. |
После неверојатно успешното промовирање на ваквата
отворена, демократска и креативна размена пред повеќе од половина
година (30. 03. 2004 ја организиравме првата вечер на Поетски
слем, во рамките на прославата на десетгодишното постоење на
списанието Маргина) решивме овој настан да го претвориме во редовен,
кој ќе се одвива давпати годишно.
Што е Поетски слем?
Едноставно кажано, Поетскиот слем е
уметнички натпревар во поезија што се изведува, при што акцентот се
става и на напишаното и на самиот начин на изведување на песната. Со
други зборови, овој начин на презентација на песните ги охрабрува
поетите да се фокусираат не само на она што го кажуваат, туку
особено на тоа како го кажуваат. И тоа е всушност главниот фокус -
начинот на презентирање. При презентацијата на поетот му се
дозволени сите расположливи средства од секојдневието.
Во Поетски слем поетите ги "изведуваат" своите песни, а
членовите на жирито ги оценуваат нивните изведби. Вообичаено жирито
го избира организаторот. Членовите на жирито даваат оценка (обично
од 1 до 10) за секоја изведена песна. На крајот оценките се собираат
и оној поет што има најголем број поени е победник на натпреварот.
Правилата за учество во Поетскиот слем се следниве:
• секоја песна мора да биде авторско дело на поетот;
• секој поет добива време од 3 минути за да ја прочита/изведе
својата песна. Доколку го пречекори добиено време, членовите на
жирито имаат право од вкупниот збир да ги извадат добиените поени;
• поетот може да користи дополнителни средства при неговата изведба,
како костуми, музички инструменти итн.;
• од сите добиени оценка од членовите на жирито, највисоката и
најниската се отфрлаат и се сметаат останатите оценки;
Поетскиот слем се разликува од другите поетски читања по тоа
што публиката активно учествува во настанот. Таа има право гласно да
го искажува своето мислење, да негодува во врска со настапот на
поетите, да се согласува или да не се согласува со дадените оценки
на членовите на жири комисијата. Во тој контекст секој поединец од
публиката може да излезе на сцената и да настапи со свое поетско
дело.
|