Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Миле Ничевски - Белешки од киоскот за цигари и весници
 

Најновата изложба на Миле Ничевски, претставник на младата генерација македонски уметници, ќе се отвори на 05.11.2004. (петок) во 20 часот во културниот центар Точка). Оваа изложба го претставува комплексниот свет на неговите цртежи, или, како што самиот автор ги нарекува Белешки од киоскот за цигари и весници.


...од рецензијата на Маја Чанкуловска

Изложбата е составена од над 90 цртежи, настанати во периодот од 1996 до 2004 година, претежно изработени на хартија А4 формат, во кои авторот користи повеќе техники: во молив, туш, фломастер, лавир, пенкало, а дел од нив се колажи. Дел од овие цртежи веќе се објавени, а најновите се надоврзуваат на циклусот цртежи започнат во 1996 година.
Карактеристичниот израз на Миле Ничевски се базира на употребата на чиста линија, ослободена од додатни оптоварувања, што се надоврзува на неговото графичко образование и искуство како илустратор и стрип-цртач. Како што укажува и самиот наслов на изложбата, цртежите се инспирирани од одредени состојби-фрагменти од реалноста каква што е прикажана во мас-медиумите, што резултира со особена наративност во делата на овој млад автор. Иако секој цртеж одделно експлицитно проблематизира одредени состојби, сепак нема определен редослед на нарацијата, туку дадаистички принцип на случајност во составувањето на целините.
Претставите на Миле Ничевски се доминантно детски ликови во наивни пози наместени за фотографирање поставени наспроти садистички сцени со апсурдно наивен детски цртеж. Се сугерира едноставноста на детските илустарции, сцени од ТВ и списанија, збогатени со рекламни пораки на инцестуозни, секојдневни диктатори (политичари, поп-ѕвезди, модни икони...).
Критичкиот модел во цртежите на Миле Ничевски реферира на дадаистичките и надреалистичките модели на субверзивност, анти-уметничко и критичко преиспитување и прикажување на доминантните културни и општествени норми, институции и вредности. Во нив авторот се подигрува со општествените, политичките, националните, религиозните групи, со она што е дозволено и она што е придушено, насочено против табуа и угнетување од сегакви диктатори.
Цртежите се состојат од испреплетени контрадикторности и деконструирани нарации, со потсвесни претстави и нескриена сексуалност во прикажување уметнички, идеолошки и теориски контроверзи, парадокси и заблуди во современата култура. Авторот на екстремно циничен начин ги демистифицира митовите и идеолошките ограничувања, различните митови од културата, историјата и секојдневието; ги базира неговите претстави на иронија и цитатност, поточно иронија во цитирањето. Основната цел на делата на Миле Ничевски е пародирање и иронично проблематизирање на важечкиот интерпретативен поредок, смело подбивајќи се со колективниот дух, дури и со фетишите на мегакултурите ('Омаж на Егон Шиле', антички скулптури, средновековни илустрации, Бош, Лихтенштајн...).


Миле Ничевски

Роден е 1972 во Гевгелија. Дипломирал 1998 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек, насока графика, во класата на проф. Костадин Танчев Динка. Во периодот 1993-1999 објавува стрипови и цртежи во ЛИФТ и МАРГИНА. Учествувал на повеќе групни изложби и ликовни колонии во земјава. Живее и работи во Гевгелија.

Адреса: ул. Р.Жинзифов бр. 8, 1480 Гевгелија
тел.: 034 216 891
e-mail: mnice@freemail.org.mk

Самостојни изложби и проекти:

2004  Белешки од киоскот за цигари и весници, Културен центар ТОЧКА, Скопје;
Слики, Дом на култура, Виница;

2002  Театар на сенки, режија на кореодрама "Салома#, текст на
O.Wilde, ДАФ-Кочани, ДК - Гевгелија;

2001  Слики, Дом на култура, Валандово;
Слики, Дом на култура, Охрид;
Цртежи, слики, фотографии, Списание МАРГИНА, Скопје;

2000  Дела на хартија,
Schegom, Вроцлав, Полска;
Цртежи и графики, Дом на култура, Гевгелија;

1993  Цртежи, кафе-бар Пиано, Гевгелија;

1986  Слики, Пионерски дом, Гевгелија.

Групни изложби (избор):

2003  Студиски престој и изложба на дела на хартија, Центар за тракиска култура и уметност, Ксанти, Грција. Стална поставка на делата од изложбата во поликлиниката во Ксанти;

2002  Биенале на млади во класични медиуми, Дом на култура, Гевгелија;

2001  Стрип во ЛИФТ - Македонскиот стрип во движење 2000/200, Музеј на современата уметност, Скопје. (Струмица, Гевгелија, Битола, Прилеп,...).

 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |