ПЕРСПЕКТИВИТЕ
НА ИЗДАВАШТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
јавна панел
дискусија
четврток, 05.02.2004, културен центар
Точка
На
јавната панел дискусија за
сегашноста и иднината на
македонското издаваштво беа
поканети педесетина луѓе, во прв
ред издавачи, уредници, писатели,
преведувачи, книжари,
библиотекари, надлежни од
Министерството за култура, од
ФИООМ, како и, се разбира,
новинари. Непосреден поттик за
организирање на ваквиот панел
беа скорешните стратешки
документи кои државата ги донесе
не само во врска со
перспективите на издаваштвото
во периодот 2004-2008 туку и со
целокупната културна политика
на Р. Македонија. Неодминлив
поттик за дискусија беа и
вообичаено контроверзните
овогодишни резултати од
конкурсот за издаваштво. |
Целта на
панелот беше низ еден отворен
разговор на клучните актери во
издаваштвото да се дојде до малку
појасни стратешки перспективи за
целиот издавачки сектор. На пример,
потребни се идеи како да се зајакне
соработката меѓу издавачите,
дистрибутерите, книжарниците,
библиотеките... Потребно е
осмислување на една малку поинаква
улога на Министерството за култура
или евентуалните други донатори...
Можеби се потребни и нови законски
решенија поврзани со книгата... Со
еден збор, потребно е да се осмисли
еден нов, подобар амбиент за книгите
што се печатат на македонски, па и
воопшто, за книгите во Република
Македонија.
Модератор на јавната панел дискусија
беше Зоран Бојаровски, уредник на
Форум и долгогодишен проследувач на
културната сфера во нашата земја.
Од учесниците дојдоа: двајцата
членови на комисијата за издаваштво
од Министерство за култура (Венко
Андоновски, Никос Чаусидис), како и
Министерот за култура, Благоја
Стефановски и одговорната за
издаваштво, Билјана Туџаровска, Маја
Бојаџиевска (Сигмапрес), Јадранка
Владова, преведувач и поранешен член
на комисијата за издаваштво, Ванчо
Каранфилов (Табернакул), Никола
Гелевски (Темплум), Олга Костевска (Ѓурѓа),
Бојан Тренчовски (Макавеј), Игор
Исаковски (Блесок), Ненад Стевовиќ (Или
- Или), Љубица Арсовска (Културен
живот), Петра Волнаровски (преведувач
и главен уредник на списанието
Разгледи), Сузана В. Спасовска (автор
и лектор), Гоце Дртковски (Лист) и
други.
Формирањето
национален центар за книгата би било,
можеби, излез и спас за нашето
издаваштво, е најкусиот сублимат од
искажаното на јавната дебата одржана
во Културниот центар "Точка" во
Скопје. На Андоновски веднаш му се
даде можност да ја одбрани
програмата зад која, како што рече,
"стојам и натаму со двете раце" .
Тој потенцираше дека во иднина, сепак,
треба да се мисли како од еден-двајца
да се оттргне одговорноста или, пак,
вината за изборот, и ја спомена
идејата за создавање национален
центар за книгата, кој "секако ќе
биде покомпетентен да решава за
издаваштвото во земјата од еден
писател и еден професор, на пример
", рече тој. Андоновски ги спомна
примерите со центрите во Грција и во
Бугарија кои, како што истакна, ги
формира државата и во нив вработува
познавачи на книжевноста, менаџери,
издавачи, а "во нив работи и школа
за преведувачи, што е уште една болна
точка во нашето издаваштво, така што
тие центри се грижат за книгата од
нејзиното создавање до ефектите како
производ". Идејата за ваков центар
ја поддржаа присутните издавачи кои
укажуваа и на своите слабости, освен
на оние на државата која нема
критериуми, стратегија и правила во
издаваштвото. "Издавачката
програма не е комплетирана. Наскоро
ќе се објават и резултатите од
преводите што значи дека
Министерството за култура еден дел
од парите наменети за издавачка
дејност ќе ги распредели и за преводи,
еден дел и во соработка со ФИООМ, а на
крајот за се ќе дадеме отчет. За
следната година треба да се направи
сериозна програма и формирање на
преведувачко тело."-истакна меѓу
другото Венко Андоновски.
"Годинава јас сум виновен за тоа
како изгледа издавачката програма,
се произнесе Венко Андоновски, но
работата не е само во распределбата,
туку во изградбата на цврсти односи
на партнерство меѓу министерството
за култура и издавачите и
конкурентност меѓу самите издавачи.
Издавачите од година во година ја
зголемуваат програмата и таа е се
поквалитетна, а парите се тие. Од
друга страна се поставува прашањето:
Кој би ја направил листата на
приоритети? Колку проценти домашна и
преводна литература ќе влезат во тоа?
Дали извесен автор ќе го задржи
нивото и квалитетот и во втората
книга, за која кога конкурира немате
поим како изгледа? Приоритет имаат и
дебитантите. Кој би бил начинот на
оценка на овие книги, кога не знаете
ништо ниту за авторот, ниту за делото?
Националната програма за култура е
едно, а операционализација на
националната програма е друго. Ние
треба да ги користиме примерите од
нашите соседи. Не може еден човек да
одлучува. Во Бугарија, Грција и во
Албанија, постојат национални центри
за книгата, во кои работат луѓе кои се
менаџери за книгата и издавачи. Го
следат пазарот и потребите на
читателите...Јас би бил среќен, да не
постои комисијата за издаваштво при
Министерството за култура. Кога би
имале едно здраво Здружение на
издавачи, па да им ги дадеме нив
парите и сами нека ги поделат. Но ние
сме во ситуација на нездраво
изградени односи и кај издавачите.
Парите од Министерството за култура
се доделуваат, но како што рече Коља
нема повратна информација, во колкав
тираж е отпечатено делото, дали се
исплатени авторските хонорари,
преводите итн."
Во поглед на преводната
литература, Билјана Туџарова од
министерството за култура, појасни
дека за нив ќе одлучува шестчлена
комисија: тројца претставници од
Министерството и тројца од ФИООМ, а
финансирањето ќе биде подеднакво
финансирано- 50% од страна на
Министерството, а 50% од ФИООМ.
За Никола Гелевски
идејата за одржување на една ваква
трибина потекнала од потребата за и
околу издаваштвото да проговорат
сите оние кои се вклучени во оваа
дејност, а особено претставниците на
министерството за култура. "Постои
потреба да се направи стратегија,
потенцираше Гелевски,
Министерството за култура секоја
година доделува пари кои, за некого
се малку, за некого многу, меѓутоа
основното е што потоа нема повратна
информација каде завршиле
доделените сретства. Нема "фитбек",
нема отчет за тоа. Секоја издавач
треба да има свое досие во
Министерството за култура, а никој од
издавачите не е доволно
професионализиран во тој поглед.
Создадовме паразитски систем, ние
чекаме на парите од Министерството, а
Министерството гледа да ги подели
парите и да се ослободи од нив. Треба
да го поставиме издавачкиот сектор
како културна стратегија во која ќе
се вклучат сите: и библиотеките, и
книжарниците, и Министерството за
култура, авторите, издавачите."
"Што се однесува до
поднесувањето извештаи, појасни
Туџарова, само еден или двајца
издавачи досега имаат доставено
финансиски извештај и доколку тоа го
востановиме како услов, не требаше
досега да биде финансиран ниту еден
издавач."
Во поглед на надминување
на некои од недостатоците, Маја
Бојаџиева, посочи дека "неинформираноста
на издавачите може да лесно да се
надмине со воведување на некои
елементи уште во самиот конкурс за
апликација. Состојбата со
дебитантите, продолжи Бојаџиева, би
можела да се подобри со воведување на
институцијата "рецензент", а во
Министерството би требало да се
вработи еден професионалец, добар
познавач на издавачката работа, кој
практично ќе гледа "низ
апликацијата", со што би се
спречиле голем број илузии и
состојби на "дување на цената"."
Дискусијата на Гоце
Дртковски беше насочена кон статусот
на издавачите, кои според него "се
посредници, без кои културата секако
би преживеала. Во Македонија нема
организирана дистрибуција, рече
Дртковски, и постои монопол на
учебници и лектирни изданија, немаме
сериозно Здружение на издавачите итн.
Целата дискусија во изминатиов
период беше насочена кон делењето на
парите, а таа поделба не прави нас
издавачите социјални случаи. Тие
пари се делат за културата и затоа
најпрвин треба да се направи пазарен
амбиент, а потоа се останато."
Ванчо Каранфилов се
заложи пред се за продолжување на
дијалогот, бидејќи има многу прашања
кои на тој начин и преку дискусија би
се разрешиле. "За мене издавачите
не се посредници, се надоврза
Каранфилов, тие се оние што
истражуваат, мотивираат, а суштински
според мене проблемот е немањето
пари. Стандардот на потрошувачите не
дозволува конкурентност на
издавачите. Доколку економската
состојба во државата е поинаква, до
израз би дошла умешноста на
издавачот да "му ги извлече парите"
на потрошувачот. Во вакви услови
перспективата на издаваштвото не е
никаква. Затоа најдобро во моментов е
да продолжи дијалогот и со тоа да се
отвораат перспективите на
издаваштвото."
За порестриктивен начин
на распределба на парите и
востановување на институтот "селектор",
се заложи Јадранка Владова.
Рестрикцијата се однесува на делата
на дебитантите и доајените во
литературата. Имено, таа посочи дека
не може секому затоа што е дебитант
да му се дадат државни пари, но неможе
некому да му се даваат пари и затоа
што е доајен, иако делото
му е слабо. Писателката Јадранка
Владова за актуелната издавачката
програма рече дека е полна со
компромиси кои таа од Андоновски не
ги очекувала и дека е евидентен
некаков притисок врз Комисијата или
врз него, "бидејќи во неа има
повеќе шушки отколку книги". За ова
се почувствува повикан да одговори и
министерот за култура Благоја
Стефановски, кој потенцираше дека
тој не е човек кој врши притисоци: "Избрав
компетентни луѓе во Комисијата, на
кои во секој поглед им верувам. Јас би
сакал да ги задржам во Комисијата
сосе Венко, освен ако не му изнајдете
некоја афера", рече вечерта добро
расположениот министер, кој
неколкупати ги насмеа присутните.
Дека ваквите трибини и дебати се
нужни за да се изнајде вистинското
решение за издаваштвото, се согласи и
тој и вети дека ќе ги поддржи
следните вакви средби, и морално и
материјално. Тој ги разреши дилемите
околу начинот на реализација на
конкурсот. Имено, конкурсот за
издавачка дејност, оваа Влада и
Министерството за култура, го
затекнаа. Наследивме долг од 27
милиони, истакна Стефановски и со
вложување на максимални напори
успеавме да го намалиме. Сретствата
со кои располага министерството се
мали, состојбата во државата е таква
каква што е и настојуваме со сите
сили, колкушто ни дозволуваат
можностите да ги задоволиме барањата."
Зоран Анчевски се задржа
на тоа кои работи се непоходни за
изработка на стратегија за
издаваштвото. "Во Македонија има
гладни издавачи, констатираше
Анчевски. Годинава побарувачката за
издавачката програма на
Министерството за култура беше десет
пати поголема од предвидената сума.
Беа притоа направени големи листи, а
тоа според мене е нездрава
стратегија." "Зошто
Министерството за култура би
спонзорирало бестселери?"-праша
Анчевски. Треба да се води сметка што
е комерцијално, што не е.
Министерството за култура би требало
да ги откупува делата откако ќе се
објават, а не претходно на невидено.
Има ситуации кога на конкурсот се
знае само авторот, а делото воопшто
не е видено. Стратегијата треба да
произлезе од националните центри на
книгата, во кои ќе работат менаџери,
но и обучени преведувачи од
преведувачки центри, а не од
министерството."
За постоење на повратни
информации и поднесување извештаи
околу изданијата, се заложи и Игор
Исаковски, но исто така побара од
министерот донациите во културата да
се ослободат од данокот на додадена
вредност.
Никос Чаусидис, како член
на комисијата за издаваштво,
препорача во иднина да се
воспостават принципи на елиминација,
при што сите можни изданија кои
конкурираат не би биле предмет на
расправа на комисијата при
министерството за култура. "Во тој
куп се поместени на пример и
медицински и изданија од областа на
земјоделието итн., така што ако дел од
нив би презело министерството за
наука би се олеснила малку работата и
комисијата би се насочила на
суштинското, истакна Чаусидис. Би
требало да се планира издавање на
едно издание од национален интерес,
годишно, казнување на издавачите кои
не го реализирале проектот, а ги
подигнале доделените пари,
обезбедување на преводи и
дистрибуција итн."
За Роберт Алаѓозовски
критериумите и процедурата на
конкурсот од аплицирањето до крајот
не се добро разработени. "Стратешки,
сите ние како издавачи, потенцираше
Алаѓозовски, амбиентот треба да го
сфатиме како мал среден бизнис. На
луѓето за мали пари да им го
овозможиме задоволувањето на
потребите."
"Поддршката за
издаваштвото е поддршка за
творештвото, на авторскиот труд и
издаваштвото-истакна Љупчо
Лазаревски, претседател на
Здружението на издавачите. Затоа
предлагам, Министерството следниот
конкурс да го распише за авторите, а
тие потоа да одберат во која
издавачка куќа ќе го објават своето
дело. Веројатно ќе ги изберат
најдобрите. Втор предлог: да почне да
се намалува делот од сретствата за
финансирање и полека да се зголемува
фондот за откуп. Трет предлог: да се
одвојат сретства и да се преведат на
англиски и други јазици барем по пет
успешни домашни автори годишно и
нивните дела да се понудат за
издавање во странство. Да се одвојат
сретства за популаризирање на
книгата во Македонија итн."
Медијаторот на дебатата,
Зоран Бојаровски за затвори
трибината со надеж дека навистина
дијалогот ќе продолжи, можеби во
иднина во организација на
Министерството за култура.
|