од рецензијата
на Сузана Милевска...
Вид(ови) на гледање
Сетилото
за вид, поточно културната
детерминираност на видот, како и
проблемите на перцепцијата, се
главната преокупација на Атанас
Ботев во неговиот најнов проект
наречен Вид(ови). Започнат уште во
2002 година како серија на графики кои
пред сè ја истражуваа визуелноста
на различните знаци кои се
употребуваат во тестовите за
определување на диоптријата,
проектот Вид(ови) постапно
прерасна во истражувачки проект кој
резултираше и со извесни
парадоксални откритија за
визуелната култура.
Со своите интерактивни графики Ботев
симулира тест за одредување на
диоптријата. Истовремено, тој
внесува и измислен тест со кирилични
знаци бидејќи открива дека, и покрај
тоа што кириличното писмо е нашата
културална дифферентиа специфица,
таков тест воопшто не се користи во
локалните офталмолошки ординации.
Парадоксот што во офтамолошките
ординации во Македонија се уште се
користат латинични знаци (и покрај
тоа што кириличните знаци се
формулирани токму на тлото на
Македонија уште во текот на
деветтиот век н.е. од страна на
словенските просветители Кирил и
Методиј како најадекватно писмо за
означување на локалниот јазик), го
испровоцирал авторот на
преиспитување на овој феномен.
Имено, сите можни недоразбирања што
можат да произлезат од користењето
на писмото кое не е секогаш комплетно
совладано од страна на локалното
население ги потенцира дискусиите за
јазикот и културната хегемонија од
минатото и со тоа открива една
скриена политика на моќ во еден
навидум наивен културен пропуст.
Останатите дела на изложбата се
графички листови со симулирани
офтамолошки тестови во кои
употребата на различни видови на
писма или знаци кои или се користат
за тестирање на видот на децата и
неписмените, или пак се
претпоставени тестови кои ги
измислува самиот автор ја комплетира
тематската и дискурсивната заднина
на проектот.
Заедничко за сите графики (изработени
во сито печат) е тоа што авторот ги
поканува посетителите на изложбата
да го тестираат сопствениот вид со
тоа што на подот ја означува
оптималната дистанца (6 метри) за
определување на какви било девијации
во сетилото за вид. Така прашањата за
односот меѓу физиолошката и
културната детерминираност на видот
и перцепцијата во овој проект го
овозможуваат проширувањето на
полето на графиката и директно ја
вклучуваат публиката во проектот.
Иако ја користи техниката на сито
печат која со појавата на
компјутерската графика делува
застарено Атанас Ботев со своето
истражување на можностите за
интерактивност и со освојувањето на
третата димензија (присутна уште во
неговата изложба од 2000 година во
Отвореното графичко студио) отвора
нови можности за интерпретација на
самиот медиум чија историја на
развој долго била детерминирана и
ограничена од двете димензии на
графичката површина.
|