Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Изложба
Александар Богданов - Чоки
Помеѓу денот и ноќта

На својата прва самостојна изложба Александар Богданов се претставува со дваесетина графики и неколку слики изработени во последниве две години. Можат да се воочат сличности, но и разлики во делата кои, пред сè, претставуваат целина сами за себе и, како што сугерира и самиот наслов, го рефлектираат периодот помеѓу денот и ноќта.


Графиките
(најмногу литографии) се сложени и контрастни во употребата на сликарските и формалните елементи, а претставите се движат од скоро реалистични портрети до сложени алегориски композиции. Изобилуваат со комплексни психолошки претстави на човековите состојби кои егзистираат некаде помеѓу денот и ноќта, донекаде метафизички искуства, но и со секојдневни теми и настани изразени преку извесна нарација и силно изразена симболика. Комбинирајќи ги, сепак, апстрактната фигурација, препознатливите знаци и орнаменталните/вегетативни елементи (искористени најмногу како декоративен момент) со симболичката употреба на боја за изразување на психолошките и духовните состојби, ја претставува мачнината, траумата, отсуство на смислата, апсурдноста, очајот, стравот...
Бојата функционира како основа во сликите и се третира многузначно: како изразен (експресивен) материјал, како средство за асоцијативни и архетипски експресии на индивидуалните и субјективните психолошки и духовни состојби, но и како декоративен елемент за решавање на плохата на сликата.
Понекогаш наивен и прочистен, понекогаш брутален и со многу елементи, најчесто експериментален и сè уште истражувачки, светот во сликите на Александар Богданов е истовремено свет на детската фантазија но и простор на чувствување на егзистенцијалната драма на современиот човек
.

Маја Чанкуловска

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |