Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



Отварање на Точка

Издавачката куќа Темплум и здружението на граѓани Контарпункт, на 29. 05. 2002 година, го отвори Јавниот културен простор Точка што се наоѓа на ул. Илинденска бр. 38 (веднаш после семафорите кај владата), а што беше одбележано со поставувањето на изложбата на Игор Тошевски наречена Трансфери.


Точка е простор замислен мултифункционално и во физичка и во содржинска смисла. Во него ќе започне да се развива и да се негува книжарско-библиотечен оддел со клуб на читатели, ќе бидат презентирани дела на наши и, пред сî, на уметници и на движења од регионот, ќе се одржуваат дебати, разговори, проекции, а воедно ќе биде и уточиште за редакцијата на списанието Маргина. Всушност, формирањето на овој културен центар е обид за градење на средишна точка, културно и општествено урбано јадро во главниот град каде што маргиналната и онаа маин стреам продукција ќе се судираат, преплетуваат, и меѓусебно ќе се конфронтираат или согласуваат. Точка би требало да прерасне во огледална слика од која ќе се одбива културниот аутизам на привилегираните "национални" центри.

Една од главните активности на Точка ќе биде регуларниот дебатен клуб, таканаречената алтернативна школа за демократија, вид форум за дискусии, со што можеби ќе се изнајде модел за дефинирање на релациите и преплетувањата помеѓу културата, политиката и теоријата во едно пошироко општествено поле. Крајната цел би била поттикнување и развој на здраво критичко размислување кое ќе стои наспроти хегемонистичката интелектуална практика.

Точка ќе го следи концептот кој ќе поддржува дискусии проследени со тематски мали изложби, презентации, проекции. Во фокус ќе бидат хибридните сфери и резултатите од директното соочување помеѓу, на пример, уметноста и теоријата, уметноста и медиумите и нивното учество во идеолошкото и политичкото конструирање на општеството.

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |