Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



промоција на И-тројазична антологија на македонска поезија

На 11.07. 2002 година во јавниот културен простор Точка, се одржа промоцијата на ново издание на книгоиздадетлството Темплум, книгата И, тријазична (македонски, англиски, албански) антологија на поезија од Македонија. Во рамките на промоцијата се одржа и дебата на тема: Кој е субјектот на македонската книжевност?


Оваа книга има за цел да направи пресек на најновото творештво на македонските поети од албанско и македонско етничко потекло. Во време кога заедничките потфати помеѓу уметниците и интелектуалците од двете етнички заедници претставува вистинска реткост, ова издание требаше да биде едно воспоставување на таквите "интегративни" практики на јазичната различност во Македонија. Сметавме дека книгата најдобро ќе се промовира ако биде придружена со разговор во која и македонските и албанските поети и интелектуалци ќе ги искажат своите размислувања во врска со актуелните проблеми кои насловот на дебатата ги иницира. Трибината имаше за цел да одговори на некои теориски, епистемолошки и социополитички прашања кои го допираат прашањето на книжевната теорија, книжевната историја, класификација и периодизација како и прашањата на книжевната легитимизација? Прашањата кои со оваа дебата се обидовме да ги поставиме речиси никогаш не биле посериозно дебатирани во јавниот дискурс во последните години, на транспарентен начин, како од аспект на теоријата така и од аспект на книжевната практика. Прашањето кој е субјектот на македонската литература најпрвин бара една метатеориска елаборација од типот: дали субјектот е единствен, централистички, холистички, органски и колективен или е децентриран, плурален, единечен и дисконтинуиран. Следното ниво на промислување нè води до следните прашања: кој е субјектот на македонската книжевност, дали е тоа етносот-нација или е политичката нација (што значи и малцинските групи); што со оние субјекти што се дел од етносот-нација по род а што живеат и (или) творат на други јазици; дали е македонска книжевноста што припаѓа само на македонскиот јазик, или и на другите малцински јазици во државата; ако е едното или другото, од кога датираат почетоците на македонската книжевност; што со оние субјекти, припадници на етно-национот што во просторите на државата творат на јазици што не се говорат од јазичните заедници во Македонија.

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |