Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |

 



За ајкулата што плови спиејќи


од рецензијата на Никола Гелевски

Да се пренесе нешто од онаа страна. Да се префрли нешто преку. Тоа е дословното значење на зборот трансфер составен од латинските trans-, преку, низ и ferre, носење, пренесување.

Според филозофскиот речник, постои трансфер на чувства, феномен со кој една душевна состојба предизвикана од нешто, се пренесува на друга (според сличноста и контингентноста); постои трансфер на вредности, феномен кога знакот ја поприма вредноста на означеното, средството на целта итн.; постои и трансфер на сетилноста, феномен на осетливоста на субјектот за сетилните впечатоци што ги добива од друг субјект.
Во психоанализата трансферот е поврзан со отпорот бидејќи во психоналитичарската ситуација се оживуваат некои животни епизоди кои претходно морале да бидат заборавени. Психоаналитичарскиот трансфер, значи, делумно го изразува конфликтот помеѓу анализираниот и аналитичарот. Тој претставува сценски простор кој е двојник на внатрешниот простор, и во кој се обелоденуваат, со помош на интеракција и фантазматика, внатрешните протагонисти (Идот, Егото и Супер-егото).
Се разбира, во овој контекст многу важен елемент е моментот на контратрансфер кој претставува предсвесен или несвесен аналитичарски одговор на трансферот наспроти него. Но, во психоанализата се смета дека контратрансферот понекогаш е клучен извор за увидот на аналитичарот, за она што се нарекува insight. Значи, успехот на терапијата не му се препушта на трансферот туку, напротив, тој се заснова врз динамиката на тој процес и врз стекнувањето свест за него.
Ете, најпосле, во оваа точка се сретнуваме со графиките на Игор Тошевски, со неговите Трансфери кои се, меѓу другото, и обид да се стекне свест за феноменот на трансферот, и во психолошка но пред сè во уметничка смисла.
Затоа што самиот уметнички чин е трансфер. Или метафора, да употребиме уште една "транспортна" фигура. Уметничкиот чин е преиспитување на постоечкиот поредок на нештата, на фиксираните општи места. Дури би можеле да речеме дека уметноста е "неисправна употреба на јазикот", како што Лудвиг Витгенштајн ја дефинира метафората. "Неисправна" бидејќи се обидува едновремено да скроти две спротиставени тенденции, центрифугалната и центрипеталната; првата упатува кон пошироки контексти, а втората тежнее кон концентрација на значењата.

Ми се чини дека Игор Тошевски низ своите Трансфери се обидува да стори нешто слично, да ги скроти статичките и динамичките принципи чиишто сооднос веројатно е срж на целокупната визуелна уметност. Неговите графички светови се подвижни, интерферирачки и автореференцијални. Неговите Трансфери се сложени метафори чијашто сличност не е заснована врз една единствена точка или врз површни аналогии туку врз деликатно истражување на самиот ликовен медиум. Всушност, се чини дека неговите Трансфери - кои можат да бидат сфатени баш како графички метафори - создаваат своевидна резонанција, тенденција на ширење на значењата и привлекување на други полиња на значења. Токму она што е задача на "пренесувачот", на оној Харон што трансферира помеѓу честопати безграничните брегови на уметноста, која пак може да биде метафора за самиот живот, тој чун меѓу два брега.
Формално гледано, она што Тошевски го нарекува трансферирање всушност е графичка техника на отиснување или пресликување со помош на разредувач. Се разбира, Тошевски не запира кај отисокот туку користи и цела палета цртачки средства: туш, графит, акварел... Претходно долго експериментира со фотокопирани листови, често деструирајќи го основниот отисок, фотографија или букви, до ниво на крупни зрна или флека. Впечатокот е мошне интересен, провокативен и во техничка и во дизајнерска смисла, а крајниот резултат е едно специфично уметничко дело кое синтетизира богата и рафинирана ликовна култура.
Иконографијата на претставените Трансфери е разнолика и загадочна: часовници, ајкули, балерини, атлети, тркала, стрелки... Некои мотиви се повторуваат, но често извртени, пренесени во поинакви контексти, тие ја умножувааат комплексната метафорика, комплексниот "сообраќај" што се одвива на повеќе нивоа и во повеќе димензии.
И покрај тоа што Тошевски веќе има респектибилно разгранет уметнички опус (графичар по образование, со големо цртачко искуство, со низа стрипови и сторибордови зад себе, но и со низа инсталации, дела од концептуална природа, работа на филм...), фасцинира неговата желба да чепка, да експериментира и да истражува постојано нови графички техники. Можеби и кога спие. Како ајкула. Што го штити чунот на Харон?
Но тоа е веќе нова метафорична низа. Нов трансфер.

Никола Гелевски

« назад

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |