Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Цртеж - 'рт-еж (Ск_Мк...нови тенденции )

 

од рецензијата на Елена Велјановска

Цртежот е прастар начин на артикулирање на нашите мисли и идеи. Првиот крик на човековата интелигенција кој многу пред појавата на писмото се развива како форма на изразување. Оттогаш цртежот и човековиот дух се во симбиоза, постојано рефлектирајќи се еден врз друг. Можеби и заради моќта да ја овековечи минливоста на моментот, се* до појавата на фотографијата цртежот е единствен и незаменлив начин на документирање на разни ситуации, односи, настани...
И ден денес, се разбира, цртежот е базична ликовна техника која ги шири своите полиња на дејствување и кон анимацијата и кон уште некои покомплексни изразни претстави-хибриди, во што уметноста се* повеќе се претвора.
Токму заради значењето, важноста и обновената и повеќекратна актуелност и употребливост на цртежот, една неформална група млади автори иницираше организирање изложба на која ќе бидат прикажани нивните цртежи. Групата е секогаш отворена за нови членови, а ја поврзуваат неколку работи: љубовта кон цртањето и радоста со која му пристапуваат, сериозноста во искажувањето на своите замисли и идеи, но и генерациската сличност. Тие се слика на една генерација која дејствува и се развива во сличен контекст, која се соочува со исто секојдневие: недостаток на критериум-пример кој ќе се следи, слаб авторитет на институциите кои се задолжени да формираат повисоки вредности, затвореност, невработеност... но, сепак, тие главно успеваат да останат во тек со сите случувања, да ја следат современата сцена и најважно од се, продолжуваат да работат! Длабоко чувствувајќи го времето во кое живеат тие со својот ангажман и својата посветеност се активно вклучени во создавањето на современата културна сцена во Македонија. Во случајов, се обидуваат преку цртежот да ни доловат дел од нивното секојдневие, хумор, фантазија, експеримент...
На изложбата се среќаваме со 19 автори. Третманот на цртежот се разликува кај секој од нив. Пристапот е различен, од класично изработени цртежи, преку експерименти со различни подлоги, цртежи со туш, интервенција со цртеж врз фотографија итн. Различните авторски пристапи се само дополнителна илустрација во колку различни контексти и на колку различни начини може да се користи цртежот.
Насловот на изложбата (како и поднасловот) исто така алудира на различието, отвореноста и потенцијалноста на развивањето на медиумот цртеж.

За авторите


« назад

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |