Хорхешкарт
во Скопје!
Хорхешкарт
(хор+оркестар+шкарт), Белград
НЕРЕДБА - неуредна приредба во повеќе
предели
изведуваат: Хорхешкарт
(хор+оркестар+шкарт), Белград
диригент: Марија Балубжиќ
програма: Силна волја (и
мускули), 2 јарци, Храбрата Марго,
Пластика, Стра ми е, Наша младост (силна
и јака) и Расцветан
роден крај
Една од
клучните активности што требаше да
се реализира во септември,
гостувањето на уметничката група Шкарт
од Белград, се реализираше во
октомври. Беше одложена заради
промената во плановите на групата Шкарт
и заради обезбедување поквалитетна
логистика. Гостувањето на Шкарт и
на нивниот хор наречен Хоркешкарт
беше повеќеслоен настан што
предизвика огромен интерес. Се
одвиваше во четири града (Скопје,
Битола, Струга и Охрид) и опфати осум
јавни простори (Културен центар Точка,
Стара чаршија, Архитектонски
факултет - Скопје; Дом на култура и
Широк сокак во Битола; Стара чаршија
во Струга; Пазар и Дом на култура во
Охрид). Траеше од 17 до 21 октомври. На 25
члениот хор му се придружија и
учесници од локалната средина.
Зошто беше значајно доаѓањето на
оваа група? Пред сè ретко се
случува срединава да види како се
искажува општествената позиција и
контекст преку уметнички ангажман
што се практикува во соседните земји.
А уште поретко (речиси редовно) социо-уметничките
струења од регионот се презентираат
надвор од Скопје - остануваат
затворени во централизираната
државна политика. Ние со
конципирањето на овој настан
успеавме навистина да ја "промениме
традицијата".
Во Скопје првпат ги поканивме во 2001
година, за време на војната и
предизвикаа огромен интерес со
својата презентација наречена Твое
лајно, твоја одговорност. Овој пат
Шкарт доаѓаат со својот последен
проект наречен Хоркешкарт. Овој
хор и оркестар, кој веќе постои три
години, е формиран со аудиција на
која се примени сите присутни без
каква било проба на слухот.
Кога ги запрашавме Шкарт (Прота и
Жоле) да ни дадат неколку информации
кои би ги доставиле до медиумите тие
ни рекоа:
"Може ли со хор составен од триесет
членови да диригира 18 годишно
девојче со чупава коса? Смее ли да не
се пее "задолжителна" програма?
Како да се опстои од бесплатни
концерти? Чуму сето тоа?"
Хоркешкарт настапуваа и во
Битола на 19. 10. 2003 (недела) во 12. 30 на
Широк сокак и во 20.00 часот во Домот на
културата, каде што имаа и
презентација на своите претходни
работи, а на 20. 10. 2003 во Струга и во
Охрид. Во Охрид во 18.00 беше закажана и
промоција на списанието Маргина,
кое како свој додаток го има и првото
ЦД на групата Вентолин од Охрид.
Промоцијата се одржа во кино салата
на Домот на културата.
Турнејата на Шкарт и на
отворените и на затворените простори
го привлече вниманието на публиката.
Посебно посетени беа настапите во Точка,
на архитектонскиот факултет и на
Широк Сокак во Битола. Најинтересна
беше реакцијата во Старата скопска
чаршија и на пазарот во Охрид. Во
Старата чаршија немаше јазичка и
етничка бариера, а во Охрид настанот
се вклопи во секојдневната
интеракција на еснафот и купувачите.
Најстудена беше реакцијата на
главната улица во Струга, каде
минувачите главно не обрнуваа
внимание на настапот. Во домот на
културата организиравме серија на
случувања во која се вклучи и
локалниот уметнички колектив Школа
за работи кои не се учат. Во Охрид,
направивме и промоција на првиот
компакт дск на охридската група Вентолин,
кој излезе како додаток на Маргина.
Настапот на Вентолин предизвика
воодушевување и славеничка
атмосфера меѓу пријателите и
локалните фанови на бендот.
|