Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Иван Додовски
ГОЛЕМИОТ КУФЕР
 

Јас дури и не се понадевав дека скончината ќе си ја видам така величествена, голема и внедоапна, изумно измамна и дури исклештена во триумфирачка насмевка над мојот ситен и докрај измамен сон за величие! А дојде на сон и ме голтна.

Ежедневно се ежев и катаноќ срцето си го коткав со мислата дека еден ден ќе се потврдам како голем научник, велик книжевен критичар во една мала земја. (Уф, тоа одвратно зборче „мала” што го презрев како смртен враг на мојот потаен заговор против ситничавостите, дребностите и сите човечки маленкости!) Се хранев со таа мисла, ја љубев, ја дарував со сјајни глетки што ги црпев од една тајна бездна на моево срце: величествени симпозиуми, блескави реферати и долги аплаузи, сочни ласки и почести, здравици во мое име!

Колку само се изнамачив за да дојдам до професорско место на Универзитетот! Колку лиги пред прости лиоти, па колку прислужувања на „другарите од ЦК”; станав виртуоз во таа необјаснива а исплатлива уметност – да ги презираш луѓето, а да им служиш со најголем покор, да ти треперат дамарите од лицето растегнато во полунасмевка и со готовност да се ставиш на располагање! Јас, како што паметно ќе претположите, брзо ја голтнав идеологијата, станав „пламенен борец за идеалот”, и безбели триумфално ја ставив целата позната реторика в џеб, а заправо – риев и кинев подмолно и за своја душа. Научив дури и да погребувам. Тивко, со интрига, без да се знае, со другарски поздрав! Скалила, скалила се тоа, бедни мои, и ги чекорев внимателно, на штрек, едно по едно – кон врвот! Тој под тебе турни го, на тој над тебе лижни му го топукот сè додека не го сопнеш, а потем прати го долу, а ти правец – едно стапало погоре! Ах, уметност!

Но, попусто. Трошно ми приличуваше моето сопствено величие, тукуречи бедно. И што дека бев универзитетски професор, критичар, па дури и надежен „татко во ЦК”? Што дека колев и бесев? Секако, власта е слатка. Ете, на пример, јас една обична книжевна „болва” можев да претворам во „врвен писател”! А други, пак, погребував преку ноќ, без трага, без да напишам ни еден збор. Со мојот скришен благослов тие паѓаа во анонимност. Еве, јас дури и ќе си признам дека слатки ми беа тие ситни души што никогаш не можеа да излезат од бункерот во кој ги натискував со ситно блаженство! Но, сето тоа, сето тоа, бедни мои, сето тоа величие и самата власт ми се сторија ништожни во мојот нездржан, див, непојмлив немир за нешто уште поголемо. Та колку поголем можев да се себезамислам!? Ах, да се каже право, повод за потрага по величието може да е и една безначајна ласка. Ете, замислете – што значи една ласка?! Но, тоа толку милно, толку топло легнува во мене, ме скокотка во срцето, гили-гили ми прави, ми вели, ми трешти, или ми шепоти, потајум но заводливо, ме слади, ме шеќери со милка, со збор – Голем си! – ми вели.

Та така, се запнав и решив, ровев и сновев, и не ми излезе од памет таа апежна мисла, тој сврбеж в срце: како ќе биде, ми шепна натемаго, мил мој Боше Стопарев, да влезеш во Академијата! А!? И сетне она „академик” пред твоето име? И сите привилегии, а? Можеби најсетне ќе се пензионираш и потем како почесен критичар-академик ќе си ги облизнуваш усните, ќе црвенееш во обравчињата, ќе царуваш со презир и со великодушие, просто така – како фигура против чиј сјај не може да опстои ниедна ситничава загроза!?

Ех, токму тоа го искачив со многу лукавства. Но, почнаа да ме ошурат јанѕи. Се штрекав против сите ситничавости. Ете, замислете – јас дури и одот си го променив, почнав да одам побавно, малку со главата подисправена, со блага лукава насмевка, небаре не сакам никого да сретнам што мисли дека е поголем од мене. А мојата веќе бела коса ја потскратив назад, но толку колку да има ред влакна што знаменито ќе се веат како грандиозна римска кикиришка. Ама, и тоа не е сè! Спомнете си, јас дури и она меко „л” во говорот го воведов со напор, со долго вежбање, со усилби – за да звучи ете така некако – величествено, различно, аристократски, да речам! А и она кратко, божем поткашлување – акм, акм – и тоа, ете, го измислив за оние мигови кога пред мизерните колеги требаше да кажам нешто значајно и големо!

Но, ве молам, не спомнувајте ги, не спомнувајте ги нив – моите колеги! И самата брза и кратка помисла на нив ја потресува така страшно мојава несреќна душичка. Оти, како што очекувате со право, јас навистина ги мразев, ги презирав, не допуштав да си помислам дека се можеби подобри. Заправо, тие беа и најодвратните непријатели на мојот сон за величие, и човек би бил среќен и дури среќно би умрел – нив да ги нема. Но, тие се и нужни! Треба да ги научиш да ти даваат ласки, да мораат да ти даваат ласки. Тие се нужни за да ти го дадат тоа мајчино млеко. Да, драги мои, затоа ги мразам! Зашто не можев без нив, без тоа млеко што се пие со дива сладост. Затоа!

А токму тие, токму тие се оние што и сега не ми даваат мир. Тие останаа да се ќезат над мене, да ме мразат и да редат ласки над мојот посмртен презрив насмев само за да направат лакрдија од мојот трагичен и веќе бурлескен погреб, кој го прават со декорирано величие и со лицемерна трогнатост – а јас – ах имајте милост за мојава сопствена невиделица и мака – јас лежам, и еве веќе и капакот ќе ми стежне, а не можам да им стрештам дека сум велик, или барем многупати повелик од нивната беда и трошност.

Но, јас морам да речам нешто и за тоа како дојде до таа велика умирачка.

Во Академијата стигна покана да учествувам на еден меѓународен симпозиум за слависти од целиот свет, кој требаше да се одржи во Вашингтон. Си одам така до Академијата, кога портирот ми го дава писмото и јас бргу-бргу го отворам и читам. Се вџашив, си подголтнав, троа крв ми надојде во срцето или во умот, та изгледа се подзасенив во видот и бев седнал на една фотелја во холот. Опа! Мил мој Боше Стопарев – ете го твојот сон!

Да појаснам, меѓутоа, некои важни работи. Јас имав отидено во неколку странски земји, особено во Источна Европа, во Советскиот Сојуз, но сонував за Америка и ù се радував како дете, така скришем, потајум, најтајно што се може, како будалетинка што чека нешто неможно со будалеста надеж. Да бидам искрен, и пред демократијава да дојде, јас чекав погода та да им се свртам на Јенките, да им подзалижам под топукот, да им се улизнам и сето претходно беше само средство, само тактика за да дојдам до сонот. А сонот беше Вашингтон, Конгресната библиотека! Затоа бев и необично вешт кога настанаа промените. Јас не паднав заедно со „ЦК”. Не, не, бедни мои, та секогаш е исто, само треба лукавства, дозирани превртливости и подличења, лигавости и итричења на вистинско место и во вистинско време. Таа моја најслатка уметност е постара од сите системи! Јас навреме станав бранител на демократскиот систем, проповедник на свртувањето кон Запад, та дури и потајно си смислив да барам начин да се прогласам за бивш дисидент – оти чинев дека е тоа крајно полезно за да бидам велик и во новонастанативе ситуации.

Да, бедни мои, Конгресната бибилиотека во Вашингтон! Колку само зборови потрошив за во нечии будни очи да станам отворен поклоник на тоа големо западно чудовиште! И токму кога се срушив на фотелјата во холот на Академијата, една милина жестока и слатка ме обли. Боше мој, некој ги слушнал твоите зборови, си реков, некој сигурно ги чул и ги пренел погоре – со препорака! А доказ ми беше таа убава покана.

За Вашингтон тргнав во придружба на една колешка, професор на Универзитетот, која беше исто така поканета на симпозиумот. Но таа, заправо, беше и мојата најголема мака. Нејзиното присуство фрлаше сенка врз мојата сосредоточеност на посетата што ми претстоеше, та најсетне јас и едвај ја поднесував колешката. Најблаго да речам, јас се мачев во адски оган за да ја игнорирам и за да ја потиснам некаде на работ од мислите за да не ми рипне како загроза, оти потајум ми шептеше дека е таа барем исто толку „врвна” колку јас, штом е поканета во Вашингтон заедно со мене. И така, значи, го прелетав Атлантикот, со големи маки, со чести мокрења во авионското ве-це, но и со возбуда. Ами, кога ќе стигнеш, Боше Стопарев мој, па право во Конгресната библиотека, влези величествено, претстави го своето величие и замоли ги да ги побараат на компјутерот – сите твои изданија! Оф, та јас неколку часа пред да слетаме сонував како на мониторот се појавува долгата листа на мои дела и тоа ме облеваше со слатко себељубие, и да признам конечно – тоа ми беше најпосакуваната потврда дека сум велик! Слушав слатки ласки од случајната библиотекарка уште пред да можам да ги чујам, зашто ги слушав со тајни уши превртени во моето срценце, а тоа подрипнуваше од слатка мисла дека сето тоа се ближи, се ближи и еве веќе ќе дојде... И рај ќе беше таа најслатка себеизмама да не беше онаа колешка до мене, која ја ловев со крајче од окото пожелувајќи ù да ја снема, да исчезне што подалеку од мојот сладок сон што го сонував благо навален на седиштето и со ситна блажена насмевка над својата горна вилица.

Во Вашингтон ме попари тежок, пеколен ден. Дојде тукуречи високо пладне кога стапнав на скалилата од Конгресната библиотека, а онаа моја колешка туку поттрчнуваше по мене, не можејќи да го запре мојот полет.

Мрак, мрак, драги мои, јас ништо не паметам освен еден тежок мрак што потем настапи внедоапно и нечекано, непредвестен од ништо. И кога почна да ми се избиструва во свеста, а очите сè уште не ми го наоѓаа љубениот проѕир во виделината, јас од далечина ја чув таа моја колешка што крескаше над мене: „Помош, помош! Не грижете се, колега Стопарев, ќе дојде веднаш лекар. Та не сфаќајте го ова трагично!”

И потем полека почна да ми се бистри, ја видов над мене нејзината глава, а јас се најдов себеси легнат на една клупа, надвор од библиотеката. Таа ме прскаше со водичка, ме ладеше панично по раскопчаните гради, кај што сетив една остра болка. И кога ме жегна таа стија, си приспомнав, небаре црпејќи од длабок бунар си приспомнав за една тажна светлинка од мониторот на кој го внесоа моето име, а под него не се појави ниту еден наслов!

О, јас сега си спомнав дека молев да се провери дали е тоа грешка и дури ги наредив, најсетне, имињата на други колеги што од мојата внатрешна, настегана невиделица нарипаа со загроза дека се подобри. И навистина – тие беа таму, наредени со сите нивни изданија и ми се ќезеа скриени зад секоја буква!

 – Не вознимирувајте се, колега Стопарев! Та тие лично ги донеле, со куфери, та тие се ситни души!

Тоа, чинам, го сетив да ми зуе во ушите или можеби само се понадевав дека го рече мојата избезумена колешка. Ама што дека!? Не можев да се подисправам од клупата, така здрвен и ангелосан, вкочането се трештев нагоре во пуста и далечна синевина што прскаше со пеколна сончева изѕирност. Требаше сам да ги донесеш, критичару Стопарев, академику Бошле-вошле, сам да ги донесеш во еден голем куфер и ќе станеше вечен! А сега е доцна! Доцна е, ми шепна, и тоа одекна во мене, та дури и сам си го повторив. И одеднаш, леко, како да се топат, клепките ми паднаа преку видикот, ама продолжив да гледам во невиделицата, тонев безвреме и без други гласови, а од немајкаде и од никаде се појави еден голем куфер, ми падна врз чело, ме раскости, ме претвори во ситни дребности, во ништожни прашинки и, небаре сон, ме голтна скончината, та не се разбудив.
 

 


 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |