|
Шошана Фелман
Жените и лудилото
(извадок)
ЖЕНАТА КАКО ЛУДИЛО
Дали хистеријата (која, како што е добро познато значенски
потекнува од грчкиот збор кој ја означува “матката”) сосема
случајно се зачнала како нешто на што се жалат исклучиво
жените, како судбина и привилегија на жените?1
И дали само сосема случајно, дури и во денешно време,
социолошките статистики воспоставуваат повластена врска и
конечна корелација меѓу жените и лудилото? Во својата книга
Жените и лудилото (Women and Madness) Филис Чеслер (Phyllis
Chesler) го пишува следново, “Жените повеќе од мажите и во
поголем број отколку што би можело да се претпостави врз
основа на нивното постоење во општата популација,
проживуваат ‘кариери’ на психијатриски пациенти.” Како треба
да се анализира и протолкува еден ваков социолошки факт?
Каква е таа природа на односите меѓу жените и лудилото што
тој посредно ја изразува? Имајќи крај себе поткрепа од
обемна документација, Филис Чеслер предлага соочување на
објективните податоци и субјективните сведоштва на жените:
украсени со исповедите на жени кои говорат во прво лице
еднина - книжевни извадоци од романи и автобиографии на
писателки, и буквално пренесени разговори со жени,
психијатриски паценти - книгата донесува заклучоци и го
претресува прашањето за “женската психологија” условена од
угнетувачката и патријархална култура на мажите. “Јасно е
дека жената мора да ‘се прилагоди’ и да ги прифати нормите
на однесување наменети за нејзиниот пол за да биде здрава,
дури и покрај тоа што таквиот вид однесување повеќето луѓе
го сметаат за општествено помалку пожелно... Етиката на
менталното здравје во нашата култура е машка”. (стр. 68-69)
“Sine qua non на ‘женскиот идентитет во
патријархалното општество е повредата на табуто на инцестот,
т.е. почетната и продолжена ‘наклонетост’ кон таткото,
проследена со прифаќање и заљубување и/или мажење за мажи со
изразена татковска фигура.” (стр. 138) Движејќи се по
патеката на почетното воспитување стекнато во семејството, а
потоа следејќи ги понатамошните фази на развој, на жената ù
е доделена улога на служење на авторитативната и за неа
средишна слика на мажот: жената е прво и првенствено
ќерка/мајка/сопруга. “Она што го подразбираме под поимот
‘лудило’, било да се јавува кај жените или мажите, е
однесување покренато од понижената улога на жената или пак
од потполно или делумно отфрлање на стереотипната улога
условена од полот, на која дадената личност ù припаѓа”.
(стр. 56)
1 Во оригиналот phallacy,
алузија на phalicism
(почитување на фалусот како симбол на креативната моќ), игра
со зборови fallacy (заблуда) и
phallacy. (прев.)
|
|
|