|
Маргарет Етвуд
ИЗГРЕЈСОНЦЕ
(извадок)
Ивон следи мажи. На
почетокот тоа го прави дискретно и од дистанца; обично ги забележува во метрото,
каде има доволно време да седи и да гледа околу себе, но некогаш ќе се размине
со некој на улица, ќе се сврти и ќе почне да оди зад него, малку забрзувајќи за
да остане во чекор. Понекогаш се вози во метро или шета исклучиво со намера да
сретне некој, но почесто здогледувањето е случајно. Сепак, кога тоа ќе се случи,
го одложува она што го прави и избира друга патека. Поради ова пропушта
состаноци, а тоа ù пречи затоа што обично е точна.
Во метрото, Ивон се
обидува да не зјапа премногу: не сака никого да исплаши. Кога мажот се симнува
од возот и Ивон се симнува за да излезе, неколку метри зад него. На оваа точка
таа или ќе го следи до дома за да види каде живее и ќе чека некој друг ден,
кога ќе одлучи да му пристапи, или ќе почне да му зборува веднаш штом ќе
излезат на улицата. Два-три пати се има случено мажот да сфати дека некој го
следи. Еден дури почна да трча. Друг одлучи да ù се спротистави, со грбот
свртен кон излогот на една продавница, како да е приклештен во непријатна
ситуација. Еден се изгуби во толпата и ù побегна. Ваквите, мисли таа, имаат
грижа на совеста.
Кога ќе дојде вистинскиот
миг, Ивон го забрзува чекорот, застанува покрај мажот и го фаќа за раката.
Секогаш го кажува истиот текст:
“Извинете. За Вас ова ќе
биде чудно, но јас би сакала да Ве цртам. Ве молам, немојте ова погрешно да го
толкувате како изнудување секс.”
Потоа следи пауза по која
тие кажуваат Што?, а Ивон објаснува. Никакви обврски, кажува, никакви врски.
Таа само сака да ги црта. Ако не сакаат, не мора да се соблекуваат; главата и
рамениците ќе бидат доволни. Таа навистина е професионален уметник. Не е луда.
Ако целосно го ислушаат
нејзиното почетно обраќање, а поголемиот дел од нив го прават тоа, многу им е
тешко да кажат не. Што таа сака од нив, на крајот на краиштата? Само мал дел од
нивното време во кое ќе ù дозволат да има пристап до нешто што само тие
можат да ù го дадат. Беа издвоени како единствени, кажано им е дека се
незаменливи. Никој подобро од Ивон не знае колку ова е заводливо. Повеќето од
нив кажуваат да.
Ивон не е заинтересирана
за мажи што се убави на вообичаениот начин: таа не црта реклами за забна паста.
Освен тоа, мажите со идеално обликувани заби и правилни црти на лицето, мажите
што дури и само оддалеку наликуваат на грчки богови, се свесни за површината
што ја претставуваат и за нејзините ефекти. Тие се изложуваат себеси како
нивните лица веќе да се слики, завршени, исполирани, непропустливи. Ивон
наместо тоа сака да го види она што се наоѓа зад лицето. Ги избира мажите на
кои се гледа дека им се случиле нешта, нешта што тие не ги сакале многу, мажи
што носат траги од различни искуства, кои малку биле поткршени, наврнати,
излижани, како школки на плажа. Малку искривена вилица, малку преголем или
подолг нос, очи со различна големина, асиметрија и противтежа, тоа се
квалитетите што ја привлекуваат. Изгледа дека ваквите мажи не се суетни на
ниеден од стандардните начини. Наместо тоа, знаат дека доколку сакаат да
остават впечаток мора да се потпрат на нешто друго освен на надворешниот изглед;
но, самиот чин на цртање повторно ги враќа кон нивните несигурни тела, кон
нивното несовршено месо. Додека ги црта ја гледаат збунето, со недоверба,
ранливи и истовремено чудно лековерни. Нешто од нив се наоѓа во нејзините раце.
Штом Ивон ќе ги наговори
мажите да дојдат во нејзиното студио, таа е многу внимателна кон нив, многу
тактична. Специјално за нив набави половна фотелја и потпирач за нозе што
одговара со неа: цврста, удобна, со сомот во боја на вино, надвор од нејзиниот
вообичаен вкус. Ги сместува покрај големиот прозорец и ги свртува за светлината
да им ги осветли коските. За да се опуштат им дава чај или кафе, и им кажува
колку го цени тоа што го прават за неа. Нејзината благодарност е реална: се
подготвува да им ги изеде душите, не целата душа, се разбира, но дури и едно
мало делче од душата не смее да биде занемарено. Понекогаш пушта музика, нешто
класично или не премногу гласно.
Кога ќе помисли дека се
доволно опуштени ги замолува да ги соблечат кошулите. Според неа, клучната
коска е многу експресивна, а уште повеќе малечката шуплина кај В-изрезот,
подножјето на грлото; јадецот што носи среќа само кога ќе се скрши. Пулсот што
отчукува таму е поинаков од пулсот кај рачниот зглоб или кај слепоочницата. Ова
е местото каде што во историските филмови од средниот век влегува стрелата.
Кога Ивон го подготвила
својот материјал и почнала да црта, работи брзо: тоа го прави за доброто на мажот,
не сака да ја оддолжува работата. Бидејќи во студентските денови и самата беше
подложена на ова, тогаш луѓето позираа едни на други, знае колку е мачно да се
седи и да се дозволи другите да те гледаат. Звукот на моливот што патува по
хартијата ги подигнува малите влакна на кожата, како моливот воопшто да не е
молив туку рака што го продолжува телото, два сантиметри над површината. Не е
изненадување што некои мажи ја поврзуваат оваа дразба - која може да биде
еротска - со Ивон и ја прашуваат дали сака да излезат или повторно да се видат
или дури да спијат со неа.
По ова, Ивон станува
пребирлива. Го прашува мажот дали е женет и дали е среќен. Нема желба да се
плетка со несреќно оженет маж; не сака да дише нечиј лош здив. Но, ако тој е
среќен, зошто би сакал да спие со неа? Ако не е женет, сигурно има некоја добра
причина зошто не е. Најчесто, кога овие покани ќе стапат на сцена, Ивон нежно
ги одбива и продолжува да се насмевнува. Со резерва ги прима објаснувањата за
љубов, страст и бесконечно пријателство, пофалбите на нејзината убавина и
талент, барањето милосрдие, цимолењата и гласното фалење; ова веќе го има
слушнато порано. За Ивон, само наједноставното разумно образложение би успеало.
“Затоа што сакам”, е единственото нешто што би можела да го прифати.
Студиото на Ивон е во
центарот на градот, блиску до брегот, во област со фабрики и складишта од
деветнаесеттиот век, некои од нив сè уште се користат на оригиналниот начин,
некои ги користат луѓе како неа. На овие улици има пијаници, отпадници, луѓе
што живеат во картонски кутии; тоа не ù пречи на Ивон затоа што навечер
ретко излегува надвор. На патот кон нејзиното студио во утрата често поминува
покрај еден човек што личи на Бетовен. Го има истото испапчено чело, густи веѓи,
мрачен медитативен поглед. Неговата коса е сива, долга и замрсена, носи
излитена тексас јакна и патики заврзани со парчиња од коноп за пакување, дури и
во зима, а со себе влечка врзоп завиткан во кеса, за кој Ивон мисли дека содржи
сè што поседува. Си зборува со себе и никогаш не погледнува во неа. Ивон многу
би сакала да го црта, но тој е премногу луд. Таа има развиено многу добро
чувство за сопствена заштита, и најверојатно тоа е причината зошто немала
сериозен проблем со ниеден од мажите што ги собира. Овој маж ја вознемирува, не
затоа што мисли дека е опасен, туку затоа што тој малку повеќе личи на она што
таа би можела да стане.
Никој не знае колку
години има Ивон. Изгледа како да има триесет и се облекува како да има дваесет,
иако понекогаш изгледа како да има четириесет и се облекува како да има педесет.
Нејзината возраст зависи од светлината, а што ќе облече зависи од тоа како се
чувствува, што зависи од тоа колку стара изгледа тој ден, што зависи од
светлината. Префинето заемно дејство. Ја носи својата бронзено обоена коса кусо
потшишана одзади и ја остава да паѓа косо преку нејзиното чело, како кај Петар
Пан. Понекогаш влегува во црни кожени панталони и вози многу мал мотор; од
друга страна, понекогаш става шапка со мал превез, со молив за шминкање црта
вештачки младеж на образот, и околу вратот закачува сребрена лисица со три
опашки купена во продавница за користена облека.
Понекогаш објаснува колку
години има кажувајќи дека е доволно стара за да се сеќава на времето кога
ластиците за чорапи беа секојдневен дел од облеката на жените. Требаше да ги
носиш додека си млада, пред да те присилат да облечеш мидер и да станеш
обложена со гума, како мајките. Ивон се сеќава на доаѓањето на чорапите со
гаќички, смртта на чорапите со шевови, иако за помладите жени овие настани се
само митологија.
Има и друг начин за
одредување на возраста, кој го користи помалку често. Еднаш, кога беше млада но
возрасна, полицијата затвори една нејзина изложба. Беше обвинета дека е
непристојна. Таа беше една од првите уметнички од Торонто на која ù се
случи ова. Пред тоа, ниедна галерија не се осмелуваше да ја постави изложбата,
а кусо потоа, кога синџирите, крвта и деловите од телото во послужавници од
супермаркет станаа мода, нејзините дела веќе беа наивни. Во тоа време, Ивон
само црташе пениси на телата на мажите, повеќе или помалку онакви какви што се
кога имаат силна ерекција.” Не можам да сфатам што страшно има во тоа”, има
обичај да каже, сè уште наивна. “Јас само цртав дигнати курови. Нели тоа го
сака секој маж? Полицајците само беа љубоморни.” Продолжува додавајќи дека не
може да сфати зошто, ако пенисот е нешто добро, нарекувањето на некого пенис-мозок
е навреда. Овие разговори ги води само со луѓе што многу добро ги познава или
со луѓе кои тукушто ги сретнала. Шокантното нешто во врска со Ивон, кога има
намера да биде шокантна, е контрастот меѓу некои елементи од нејзиниот речник и
сето останато кое, како и нејзиното однесување, е резервирано и дури таинствено.
Кусо време беше некој вид
позната личност, но тоа се случи само затоа што беше премногу неискусна за да
се постави подобро. Луѓето од неа направија цел, дури собираа пари за неа, што
беше добро од нивна страна, но сега мисли дека на некој начин ја попречија
нејзината репутација на сериозен уметник. Стана досадно да се биде означуван
како “пенис дамата”. Сепак, имаше една предност: луѓето ги купуваа нејзините
слики, иако не за премногу високи цени, особено кога магичниот реализам
повторно се врати на сцена. Дотогаш имаше заштедено пари: премногу знае за
животот на уметниците за да ги потроши сите пари и да не остави ништо за
времето кога тркалото ќе се сврти и ќе загусти, иако понекогаш се плаши дека ќе
стане како една од оние стари жени што ги пронаоѓаат мртви меѓу куп празни
конзерви од храна за мачки и милион долари скриени во чорапите. Веќе неколку
години нема изложба; тоа го нарекува “живуркање”. Вистината е дека нема
создадено многу дела освен цртежите на мажите. Досега има неколку, но не е
сигурна што ќе прави со нив. Како и да е, трага по она што сè уште не го
пронашла.
Во времето на нејзините
револуционерни пениси повеќе беше заинтересирана за телата отколку сега. Реноар
беше нејзиниот херој, и сè уште го обожава како колорист, но сега неговите
големи опуштено легнати голи тела ù изгледаат блуткави и безначајни. Во
последно време е опседната со Холбајн. Копија од неговиот портрет на Георг Гисц
е закачена во бањата, каде што може да ја гледа додека лежи во кадата. Георг
внимава на неа, облечен е во црно крзнено палто со прекрасна розова свилена
кошула, секоја вена во неговите раце, секој нокт е совршено изработен, со доза
на мрачност во очите, влажен блесок на усната, симболите на неговиот духовен
живот околу него. На масата има поставено вазна што ја означува празнината и
бесполезноста на човечката егзистенција, со еден каранфил во неа, што го означува
Светиот Дух или можната венчавка. Порано Ивон ги отфрлаше овие нешта, на пример,
да насликаш розмарин за да означиш сеќавање, затоа што ја потсетуваа на училиште
за аранжирање цвеќе: сè мораше да значи нешто друго. Доброто нешто во врска со сликањето
пениси е тоа што никој не ги меша со фалусни симболи или воопшто со симболи. Но,
сега таа мисли дека би било толку згодно доколку сè уште има некој јазик на сликите
како овој, што сите го знаат и разбираат. Посакува да биде во можност да поставува
каранфили меѓу прстите на мажите што ги црта, но премногу е доцна за тоа. Сигурно
импресионизмот беше грешка, со неговото месо што беше само месо, иако убаво, со
неговите цвеќиња што беа само цвеќиња. (Но, што ù значи тоа “само”? Дали не
е доволно цветот да биде она што е? Ако Ивон го знаеше одговорот...)
Ивон сака да работи доцна
во утрата, кога светлото во студиото е најдобро. Потоа понекогаш руча со разни луѓе
што ги знае. Овие ручеци ги договара преку телефонски говорници. Нема телефон; кога
имаше, чувствуваше дека постојано е во неговата милост и немилост, без разлика дали
ѕвонеше или не; најчесто кога не ѕвонеше.
Овие ручеци ги дозира како
таблети, во интервали, кога мисли дека ù се потребни. Верува дека луѓето што
живеат сами стануваат премногу молчаливи ако предолго останат без човечки контакт.
Ивон има научено да се грижи за себе; отсекогаш не го знаела тоа. Таа е како растение
- не болежливо, секој коментира колку секогаш е здрава - како некое ретко растение
кое може да цвета, дури и да живее, само под одредени услови. Пресадено. Би сакала
да напише инструкции за себе и да ги предаде на некој друг да ги извршува, но и
покрај неколкуте обиди што ги направи тоа се докажа како невозможно.
Повеќе сака мали ресторани
со чаршафи за маса; чаршафите ù даваат нешто за што може да се фати. Седи наспроти
оној со кој тој ден руча, нејзините големи зелени очи гледаат од зад косата што
паѓа преку челото, нејзината брада е наведната така што левата страна на главата
е издадена кон напред. Убедена е дека подобро може да слуша со левото отколку со
десното уво, верување што нема никаква врска со глувоста.
Нејзините пријатели уживаат
да ручаат со Ивон, иако веројатно не би уживале толку многу ако тоа го прават почесто.
Ќе дојдат до мигот кога ќе сфатат дека немаат за што да зборуваат. Онаква каква
што е, Ивон умее добро да слуша: секогаш е толку заинтересирана за сè. (Тука нема
измами. Таа, на некој начин, е заинтересирана за сè.) Сака да биде во тек со она
што луѓето го прават. Никој не се вртка околу неа за да биде во тек со она што таа
го прави, затоа што остава впечаток дека е толку мирна, толку совршено урамнотежена,
така што нивните мозоци се одмораат кога се со неа. Што и да прави, очигледно е
дека го прави вистинското нешто. Кога нешто ќе ја прашаат, има список од анегдоти
поврзани со неа, кои се забавни, но не многу информативни. Кога анегодите ќе пресушат,
кажува вицови. Ги запишува поентите на вицовите и картичките ги чува во својата
чанта за да не ги заборави.
Надвор јаде сама, но не многу
често. Кога го прави тоа, најчесто оди во ресторан за суши, каде може да седи свртена
со грб кон остатокот од просторијата и да ги набљудува рацете на готвачите додека
вешто ја милуваат и мазнат нејзината храна. Кога јаде речиси може да ги почувствува
нивните прсти во својата уста.
Ивон живее на горниот кат
од една голема куќа во постариот, но од неодамна помодарски дел на градот. Има две
големи соби, бања, мала кујна скриена зад врата на расклопување која најчесто е
затворена, и надворешна платформа во која има неколку садници направени од буриња
исечени на половина. Во садниците некогаш имаше грмушки со рози, но не беа на Ивон.
Станот порано бил таван, и иако Ивон мора да помине низ куќата за да влезе внатре,
има врата на почетокот од скалите што може да ја заклучи ако сака.
Куќата е на еден млад пар,
Ал и Џуди, двајцата работат во одделението за планирање на градскиот совет и полни
се со муабети и проекти. Кога ќе ја исплатат хипотеката планираат да го прошират
својот животен простор на катот на Ивон; тоа ќе биде работна соба на Ал. Во меѓувреме,
воодушевени се што имаат потстанар како Ивон. Овие односи се толку кршливи, толку
лесно можат да настанат недоразбирања и други видови катастрофи, толку лесно можат
да бидат уништени од стерео системите и калта на тепихот. Но, Ивон е скапоцен камен,
кажува Џуди: никогаш ни глас не слушнале од неа. Таа речиси е премногу тивка за
Ал, кој повеќе би сакал да слуша чекори на нозе кога некој му се приближува од зад
грб. Ја нарекува “Сенката”, но само кога имал тежок ден на работа и испил неколку
пијачки.
Како и да е, добрите страни
во голема мерка ги надминуваат минусите. Ал и Џуди имаат едногодишно бебе што се
вика Кимберли, кое наутро е во градинка, а попладне во канцеларијата на Џуди, но
ако навечер сакаат да излезат, а Ивон е дома, без колебање ù ја оставаат Кимберли
за да се грижи за неа. Сепак, не ù бараат да ја заспива. Никогаш не кажале дека
таа е како член на семејството; не ја прават таа грешка. Понекогаш Ивон се симнува
долу и седи во кујната додека ја хранат Кимберли, и Џуди мисли дека може да забележи
копнежлив израз во очите на Ивон.
Кога навечер лежат во кревет
или кога наутро се облекуваат, Ал и Џуди понекогаш разговараат за Ивон. Секој од
нив има различна верзија за неа, базирана врз фактот дека никогаш кај себе не донела
маж или жена. Џуди мисли дека таа воопшто нема сексуален живот; се откажала поради
некоја причина која најверојатно е трагична. Ал мисли дека таа има сексуален живот,
но тој се одвива на некое друго место. Жена што изгледа како Ивон - не кажува што
точно сака да каже - мора на некој начин да го прави тоа. Џуди кажува дека тој е
стар расипник и зјапа во неговиот стомак.
“Кој знае какво зло демне
во срцето на мажот?”, кажува Ал. “Ивон знае.”
Што се однесува до Ивон, ситуацијата ù одговара, барем засега. Се утешува кога ги слуша звуците на семејниот живот
што се одвива под неа, особено навечер и кога излегува а Џуди ги полева своите растенија.
Тоа се работи што таа ги нема. Всушност, Џуди мисли дека нејзините работи можат
да се избројат на прсти: архитектонска маса за цртање, килим, некои перници и ниска
масичка, неколку врамени репродукции и, во спалната, два тенки душеци поставени
еден врз друг. Џуди на почетокот шпекулираше дека вториот е наменет за некој маж
кога ќе дојде да преспие, но тоа никогаш не се случува. Станот на Ивон секогаш е
многу уреден, но на Џуди ù изгледа несигурен. Чувствува дека премногу е подвижен,
како сите работи да можат да бидат спакувани за неколку минути, а потоа пренесени
и распакувани речиси на кое било друго место. Џуди му кажува на Ал дека нема да
биде изненадена ако некое утро открие дека Ивон едноставно исчезнала. Ал ù кажува
да не биде будалеста: Ивон е одговорна, никогаш не излегува без да остави белешка.
Џуди кажува дека зборува за чувство, а не дека тоа навистина ќе се случи. Ал секогаш
е толку буквален.
Ал и Џуди имаат две мачки,
кои многу се интересираат за Ивон. Се качуваат на нејзината маса и мјаукаат пред
двокрилната врата за да ги пушти внатре. Ако ја остави вратата подотворена, веднаш
спраштуваат горе кај неа. Ивон не им замерува, освен кога ù скокаат на главата
додека се одмора. Понекогаш подигнува некоја од нив и ја поставува со шепите од
двете страни на вратот, така може да почувствува како срцето на мачката чука на
неа. Оваа положба не е удобна за мачките. |
|
|