Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Дајана Шоемперлен
Набљудувајќи ги одблизу телата на мажите
(извадок)
 

I.

 

 


    Баш се атрактивни, тие тела на мажите.

    Ќе почнеме од вратот. Најдобар врат е оној кој е доволно тенок и кој во истиот миг нема да те потсети на зборот бик. Тој ист врат би требало да биде доволно долг за да не се добие впечаток дека главата директно е закачена на телото. Примери на мажи без вратови најчесто можат да се најдат во фудбалерска и хокејарска униформа. Тешко може да се замисли таков маж во обична облека со јака и вратоврска.

    На добриот врат Адамовото јаболко е видливо, но не и шилесто. Не привлекува внимание со тоа што премногу штрчи или премногу скока горе-долу. Не смее да има премногу лузни заради честите незгоди при бричењето. Можат да бидат видливи поголеми вени на секоја страна на вратот, но освен во ситуации на екстремен стрес, не смеат да бидат премногу истакнати. Можеш понекогаш да видиш како крвта пулсира во тие вени. Тоа би требало да те исполни со нежност, а не да предизвикува тегобност, одвратност или дури убиствена желба. Имај предвид дека една од тие жили е пулсирачка жила.

    Под вратот се наоѓаат рамениците кои се неопходни за подигнување тешки објекти како клавири, фрижидери, но и да ја носат тежината на целиот свет. Силата на горниот дел од телото кај мажите е трипати поголема отколку кај жените. Тие широки и импресивни раменици се природна површина за твојата глава додека спиеш, плачеш или танцуваш. Нема ништо подобро од пар цврсти раменици во кои можеш да се чувствуваш нежна, галена и заштитена.

    Еднакво добар за плачење е и градниот кош. Градниот кош кај многу мажи во средината има мала вдлабнатинка во која, ако доволно долго плачеш, ќе се соберат твоите солзи како во мал базен. Градниот кош мора да има развиени пекторални мускули, толку добро формирани што во никој случај не можат да бидат помешани со гради. Некои мажи можат да ги затегнат своите пекторални мускули за да скокаат како мали кученца. Тоа може да те збуни, исто како и машките гради кои можат да бидат поскладни од твоите.

    Иако машките брадавици немаат никаква позната функција, тие се привлечни на свој начин. Гради без брадавици би биле како лице без очи.

    Влакната на градите можат да ти се допаѓаат или не, тоа е прашање на вкус. Сепак, најдобри се градите кои се наоѓаат некаде на средината меѓу два екстреми. Целосно голите гради премногу се лизгави и можат да произведат непријатен звук на цицање кога на нив ќе ги притиснеш своите испотени гради. Додека, од друга страна, дебелата прекривка од црно крзно во лето е далеку од пријатна. Познато е дека мажите чии влакна штрчат надвор од нивните кошули необично сакаат златни привезоци, синтетички ткаенини и прстени на малиот прст.

    Во внатрешниот дел од градите е сместено срцето. Немој да мислиш дека машкото срце во основа е исто како и женското. Постојат многу теории за тоа кој е најдобриот начин за доаѓање до машкото срце. Слободно пробај една или пробај ги сите варијанти, но ќе те предупредам дека во суштина тој пат ќе остане еднакво мистериозен како и она што најверојатно ќе го најдеш кога ќе стигнеш таму. Некои мажи имаат камења на местото каде што би требало да биде срцето. На други таму им зјаат празни дупки.

    Од 204 коски во телото на мажот, дваесет и четири се ребра, по дванаесет на секоја страна. Гледајќи однадвор не би се осмелила да го потврдам тоа. Еден од дваесет и четири луѓе има дополнително ребро и таа личност најчесто е маж. Добро размисли пред на овој факт да му припишеш премногу симболични вредности.

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |