|
Љубов е да се живее во интимноста на туѓото битие, и тоа не само за да
му се приближме, за да го запознаеме подобро, туку за да се запознаеме
себеси (...) и ден за ден да не бидеме ништо друго освен отворено
место, светлост што не заоѓа, во која Другоста останува секогаш
изложена (...)
Џорџо
Агамбен, Идеја за љубовта
Животот е составен од ситни осамености, а токму нив ги бележиме со
најсофистицираната камера - очите.
Ролан
Барт, Camera Lucida
|
Археологијата на Другиот секогаш ја отвора портата кон проѕирноста на
Себноста. Низ браздите на Другоста секогаш се наѕираат слоевите
напластени од плугот на Себноста, и обратно. И секој еден, знаејќи или
незнаејќи, е во постојана потрага по параметрите кои би биле можен
патоказ за рефлексиите што нè илуминираат во релација со Другите.
Токму еден од таквите патоказни параметри е и фотографскиот концепт
на Иван Блажев, кој водејќи нè низ светот на една од најсуптилните
интимни категории - пријателството - ни дава шанса да се видиме
подобро самите себеси како некој друг.
Патувањето низ
тајните што само се наѕираат низ објективот на Блажев, е комплексна
маршута која насвесното ù ја спротиставува на навиката за
рационализација и вербализација. Лирска и отворена, но и субверзивно
раскажана приказна за едно време кое трае и по врамувањето на
фотографиите, по излегувањето од темната комора, по затворањето на
објективот и за еден простор кој е повеќе внатрешен отколку каков било
поинаков.
Пред нас е
предизвикот на силна визуелна идентитетска играрија со која јасно се
укажува на тоа дека идентитетот е флуиден, секогаш недофатлив,
номадски. Авторската илуминација на Блажев создава свет на идентитети
кој наликува на лавиринт. А во средиштето на тој лавиринт не треба да
се бара одговорот на загатката туку сопствената Аријадна, која одново
и одново ќе го плете и расплетува идентитетското плетиво, што постои
само во релација.
Она што е
возбудливо и што ги активира сите сетила во „политиката” на
фотографските „пријателства” на Блажев е слоевитоста и многузначноста:
зад сликите кои се идентични на фотографираниот објект постојат други
слики, наталожени во сеќавањата и во антиципациите на фотографот. Сите
тие слоеви итаат во повеќе или помалку предвидливи или непознати
правци, хранејќи се со трепетливоста на односот автор - пријател -
идентитет - Себност - Другост - објектив - субјект - објект. Така,
приказната на Блажев ја добива чудесната снага на живот кој се слои,
раслојува, конструира и деконструира како моќен ентитет што ги
релативизира фотографски фиксираните категории на просторот и времето.
Едноставно, остава трага на траење. А ние, како реципиенти, уловени
сме во мрежа на рефлексии, авторефлексии и илуминации, доживеани,
протолкувани и сè уште неспознаени лица.
Наместо со
објектив, Блажев како со лебедово перо го сенчи процесот на
проникнување, себеоцртување преку релацијата со Другиот. Истражувајќи
ја Себноста во силниот субјективен однос, Блажев ги ослободува своите
фотографии од доминацијата на авторското присуство: тој ги остава
гласовите на Другоста (на Другите) да одѕвонуваат низ неговиот
визуелен текст. На тој начин го актуелизира привидот на
„нецентралноста” на Себноста во процесот на творечкото размислување.
Од друга страна, станува збор за единствен интроспективен метод:
Себноста постои како „дополнителен орган” на Другоста, како исечок од
Другиот - се прикачува за колективната меморија, некогаш изградена во
заедничките простор-време со другите. Блажев создава комплексен
идентитетски процес на пресликување и читање на Себноста низ Другоста
и обратно. Фотографскиот пријателски свет што ни е понуден укажува на
тоа дека толкувањето и маркирањето на идентитетот е постојано
пречекорување на границите на идентитетската територија на Другиот и
на сбеси, или на Другиот во себеси или на себеси во Другиот или...
Идентитетите што
ги создава Блажев се ретроспективни: во нивните мапи е исцртано она
што било, што биле или можеби не се. Но воедно тие се и проективни: ве
земаат, ве повикуваат во себе навестувајќи ви ги насоките на новите
простори, на новата картографија што можеби ќе ја освојуваат.
Објектите стануваат дел од имагинарното и симболичкото царство на
знаци, во кое се огледува не само авторот туку и секој субјект што ќе
ги допре со својот поглед. Значи, задолжително станувате имагинарен
патник кој безрезервно ја прифаќа идентитетската игра на авторот.
И уште повеќе,
Блажев успева со неверојатна леснотија и доминација на своето „оптичко
несвесно” да го открие она што погледот не може да го види, она што
погледот го прави невозможно. Пред нас стојат чипки на безброј
невидени нешта, загатки што ќе бидат во постојано одгатнување. Нè
заплиснува фотографска магија налик онаа од соништата во кои не можеме
да се видиме самите себеси, а сепак силно го чувствуваме сопственото
присуство.
Фотографската
нарација на Блажев покажува дека тој е мајстор да го создаде она што
Ролан Барт го нарекува „слепо поле” или punctum.
Тоа значи дека иако фокусот на објективот е навидум на субјектот,
сепак субјектот не е средишен предмет. Блажев го води набљудувачот
надвор од рамката, надвор од видливото и со тоа му ја дава шансата
самиот да стане оживувач на замрзнатиот фотографски миг. Напросто,
фотографиите на Блажев се интерактивен процес без датум и место во кој
приказната постојано се надградува, тече во најнепредвидливите текови.
Тие ве тераат да навлезете длабоко во своите радосни и тажни фрагменти
за да ги препознаете своите тајни преку разликите што ви ги понудил
Блажев низ своите фотографии. Така сфаќате дека овие фотографии не се
фотографии на пријателите на Иван Блажев туку дека се сенки од некои
ваши неспознаени пријателства. И затоа контактот со нив не треба да
биде само контакт на уживање, туку влог на она што можеби Бајрон или
Шели би го нарекле „љубов” и „смрт”, мислејќи на целосно предавање во
мисијата на откривањето на себеси и на другиот.
Пред нас како да
се создадени виртуелни слики што го симболизираат фактот дека
светлосниот зрак не се движи по својот пат. Тој го следи патот по кој
се движат сетилата, чувствата, перцептивните аспекти на свесното и
несвесното на човекот зад објективот. Блажев ја реактуелизира својата
емотивна стварност воспоставена некогаш во одредено време и во
одредена релација, во мигот кога објективот се јавува како “посредник”
во содржината на интимноста.
И после сè, дали
има субверзија во лирскиот дискурс на Блажев? Да. Бидејќи, како што
вели Барт, фотографијата е субверзивна не кога ужаснува, жигосува или
атакува врз сетилата, туку кога е мисловна, тивка и контемплативна.
Токму тоа е фотографскиот свет на Блажев: копнеж по тивка, невербална
размена. Тој нè учи како да го почувствуваме говорот на тишината и тоа
токму во ова наше гласно и празно време. Пловејќи низ неговата
фотографска авантура имаме можност да ја откриеме стварноста за себе
во напонот на тишината создаден од (раз)говорот на неговите
пријатели.
Искра Гешоска
|