Џиновската фигура на Маркиз де Сад, „огромна и ужасна”
(Свинберн), комплементарна е на големата француска
револуција, чиј современик беше и тој. И додека револуцијата
се пресметуваше со историјата, немилосрдно пролевајќи крв во
име на земниот прогрес, „божествениот Маркиз” се бореше со
небеското устројство. Оттаму е и несразмерноста во целите,
во количествата на пролеана крв, во злосторствата (во полза
на Де Сад, се разбира). Зашто Сад беше прометејскиот ребел;
револуцијата за него е само изговор, само бледа слика на
неговиот метафизички грев. Оттаму несразмерноста, оттаму
неговото незадоволство од неа, оттаму неговото барање за
радикализација. „Французи, уште еден напор!” Неговата омраза
кон институциите, на прво место кон религијата, само е
површен знак и илустрација на неговата теза за свет без Бог.
Бидејќи во тајната на настанокот, во смислата на светот не
ни е дозволено да навлеземе, човековиот свесен живот е
интелектуален скандал.
Маркиз де Сад со ваквиот свој однос кон теодицејата се
нареди во наследниците на гностиците, на она нивно радикално
крило кое светот го гледа како дело на лошиот дух, како
победа на демонските сили над силите на доброто, па според
тоа проповедале блуд, злосторство и воздржување од
прокреација. Садовото повикување на рамнодушна природа, пред
сè, е значи, последица на неговиот гностички песимизам што
владеел во круговите на, нему блиските, енциклопедисти. Сад
го радикализира основното прашање на филозофијата: има ли
Бог?, што ќе рече, дали светот е осмислен концепт и, значи,
со цел, или е производ на чиста случајност. Консеквенциите
на неговото заклучување, негативно секако, се сразмерни на
неговото монументално разочарување: ако нема Бог, ако
човековиот живот е само привремена, куса и сурова авантура,
а светот дело на апсурдот и на случајот, тогаш не само што е
сè дозволено, туку злосторството е нец плус ултра во
човековата природа. Злосторството, покрај тоа, е и акт на
бунт, единствено дело по мерка на човековото сознание за
светот, единственото нешто што колку-толку може да ја згасне
човековата жед за вечноста, за никогаш недосегнатата смисла
на постоењето. „Ако вечноста на суштеството е невозможна во
природата, тогаш разочарувањето е еден од нејзините закони.”
Гностицизмот на Маркиз де Сад ја наоѓа својата спротивност
првенствено во христијанството, зашто тоа е покорност,
мирење со устројството на светот, принцип на утеха. Затоа
Сад побргу ќе се определи за паганските богови, кои се само
симбол на поединечните сили на битието, парцијални мистерии,
слика на човековите страсти, за разлика од монотеистичкиот
Бог, „кој исполнува сè со својата огромност”. |