Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Александар Хемон
ЧИЈ ПИСАТЕЛ Е ДАНИЛО КИШ? (извадок)
 

 


Секогаш кога го предавам она што во Америка не баш разумно се нарекува “креативно пишување”, ги гонам своите студенти да читаат до измачување, бидејќи верувам дека добриот писател учи од другите писатели, со читање. Еден од писателите кого неизбежно мораат да го читаат е Данило Киш. Мислам дека немам дадено ниту еден курс а расказот “Енциклопедијата на мртвите” да не беше дел од лектирата. Ја читавме и Гробницата за Борис Давидович, како и Градина, пепел. Неколку пати младите писатели на моите часови мораа да ги поминуваат “Советите за младиот писател”. Мнозина од моите студенти се збунети од Киш: виртуозноста на неговите формални потфати се судира со навиките собрани со исчитувањето на современиот американски “реализам”; вкоренетоста на наративите на Киш во источно-европското историско искуство претставува проблем за често неупатените американски студенти; борхесовската традиција на која Киш толку ù должи туѓа им е на младите читатели навикнати на текстовите организирани околу психологијата на ликовите. Па сепак, многумина студенти ја препознаваат универзалната единственост на деталите од еден живот во “Енциклопедијата на мртвите”, или месијанскиот интензитет на таткото во Градина, пепел, и затоа Киш ќе го предавам секогаш кога ќе имам можност.

Што значи дека повторно ќе морам да се соочувам со прашањето кое, на овој или оној начин, ми го поставуваа мнозина студенти: чии писател е Данило Киш? На која култура тој ù припаѓа? Моите студенти се истренирани идентитетот да го препознаваат како нешто што е создадено со помош на културата, што е само американска, модерна верзија на концептот за национален идентитет, наводно остварлив само во рамките на националната култура. Прашањето ми прави проблем бидејќи не сум во состојба да одговорам на него без притоа како бос в трње да се вплеткам во протофашистички реченици во кои фигурираат термини од типот “мешан брак”. Делото на Данило Киш, едноставно, е премногу комплицирано за да може да се сведе на нивото на примитивната реторика на националните идентификации. Секоја идентификација на Киш како претставник на која било нација би ја нарушила неговата книжевна етика, искажана во советите на младиот писател, меѓу кои можеме да наидеме и “Не постапувај во името на својата нација, бидејќи кој си ти за да бидеш чии било претставник освен свој сопствен!”, или “Штом некоја заедница ќе почне да те присвојува, преиспитај се.” Згора на тоа, Киш му припаѓа на транснационалното семејство на писатели какви што се Франц Кафка, Хорхе Луис Борхес и Бруно Шулц, а за неговиот идентитет многу поважен е фактот дека неговото историско искуство ги вклучува и Колима и Аушвиц. Киш, така, не може да се вклопи во ниту еден национален канон. Националните канони сакаат чистотија, а суштината на делото на Киш е во “остатоците”. Дотолку, трагедијата на многубројните негови ликови е токму во тоа што се нашле на ударот како остатоци на разновидни историски проекти.

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |