Како да се пишува за писмото на
Жак Дерида (а и за кое било друго) без тоа да се деформира
или затскрие? Да не се занесуваме дека можеме да пишуваме за
пишувањето кај Жак Дерида..., онакво какво што е дел
по дел проблематизирано во неговата мисла и... во неговото
писмо, проблематизирајќи ги од друга страна. За почеток,
едноставно да кажеме дека писмото на Дерида е интимно
поврзано со прашањето на искуството:
“Искуството на јазикот мора да
биде заедничко искуство на поезијата и филозофијата. (...)
Општо земено, и покрај тоа што филозофијата обемно се
повикува на искуството, го проучува или го проблематизира
искуството, таа традиционално не го тематизира искуството на
јазикот. Дека филозофијата се пишува и се пишува во еден
свој идиом, тоа долго време беше одрекувано од филозофијата,
или настојувајќи да го негира нејзиниот идиом во полза на
еден универзален и јасен јазик, или пак - доаѓајќи до истото
- кога филозофијата го смета природниот јазик во кој зборува
како емпириски случај, а не како искуство поврзано со
искуството на мислата.” (Point de suspension, [PS]
Ed. Galil$e, p. 387)
Во овој пасаж, Жак Дерида
започнува со доближувањето на филозофскиот до поетскиот
дискурс, затоа што тие би морале да го имаат токму
јазикот како заедничко искуство. Тие два дискурси се
суштествено поминати преку јазикот. Меѓутоа,
продолжува Дерида, она што го разликува едниот од другиот
дискурс се должи на фактот што филозофијата (или филозофот)
најчесто го негира идиомот (како нешто одвоено, прилошко) на
своето име, на својот јазик и на околностите. Да се
одрекува, тоа значи да се спречува нешто што е впишано во
нас да исплива на површината; тоа значи и да се прави еден
вид репресивно потиснување. Како и секој друг писател,
доколку не се стеснува и не се задушува, филозофот во своето
пишување би имал да впише нешто од неговото тело и од
искуството на јазикот што го доживува едновремено, но тој се
однесува како да нема ни тело ни јазик. Тој се однесува како
околноста на пишувањето во која се елаборира неговиот
дискурс да има само случајна вредност.
Значи, не станува збор за тоа
да се пишува за концепти, туку да се искусат концептите во и
преку пишувањето, во самиот тек на пишувањето, кое, во исто
време, и се впишува во традицијата и ја прекинува, оставајќи
му место на настанот, на околноста. Станува збор за тоа да
се пушти пишувањето да ги моделира концептите, да ги
провоцира, да ги менува, да ги создава... едновремено
доживувајќи го, во и преку пишувањето, самото искуство на
пишувањето.
* Сесил
Ајез е авторка на книгата Проза за името на Понж
(2000). Објавила повеќе студии што ја третираат
проблематиката на авторот и на потписот. |