Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

разговор меѓу Жак Дерида, Хелен Сиксу и Алиет Армел
Од истата градина сме (извадок)
 

 


Четиридецениското пријателство меѓу Жак Дерида и Хелен Сиксу претставува редок пример на книжевно пријателство и на продуктивен интелектуален дијалог, мошне плодоносен и за обајцата мислители. Дерида и Сиксу отворено ги разменувале ракописите, ставовите и новите искуства, заедно учествувале на семинари, научни конференции и промоции, а неретко полемизирале... Благодарение на последното заедничко интервју за списанието Magazine littéraire, објавено во април 2004 (од кое приопштуваме неколку извадоци), сочувани се траги од еден од нивните последни регистрирани разговори поврзани со дел од клучните заеднички мисловни преокупации: врската меѓу гласот, тишината, говорот, зборот и пишувањето; заедничките корени; вредностите на вистината; искуството на не-возможното; релациите со другиот, аспектите на алтеритетот; гостопримството и простувањето, правото на тајна, статусот на литературата...

Прашањата ги поставува Алиет Армел.


Алиет Армел: Прифативте да направиме жив разговор кој се базира врз она што е “изговорено”, за кое Сиксу ја има предочено опасноста во однос на “мислата”. Гласот игра значајна улога: тој зазема значајно место во вашите текстови.

Жак Дерида: Оние коишто не ме читаат понекогаш ми припишуваат дека пишувањето го спротивставувам на гласот, сведувајќи го на тишината. Всушност, јас предложив една повторна елаборација и генерализација на концептот на пишувањето, на текстот или трагата. Оралноста е исто така оставање на една трага. Но, сериозното зафаќање со тие проблеми бара време, трпение, повлекување, пишување во потесна смисла. Тешко ми е да импровизирам за нештата што ми се најбитни. Нашите три гласа овде ќе се изложат на опасноста во една гибелна, во многу нешта особена вежба: да го пуштиме говорот, да му дозволиме да направи една во голема мера непредвидлива патека. Нашите зборови треба да означат повеќе од еден агол, тие треба да се триаголнизираат, да се прекинуваат, усогласувајќи се меѓусебно. Да, и за Хелен и за мене, и покрај огромната разлика, пишувањето се устројува според гласот. Внатрешен глас или не, тој секогаш е наоѓа на сцена. Пишувам “со вискок глас” или “со низок глас”. За едно предавање како и за текстовите кои не се наменети за изговарање. Повеќе од четириесет години го пишувам тоа што го предавам од прв до последен збор, однапред ги испробувам ритамот и тоналитетот на тоа што, преправајќи се дека импровизирам, ќе го “вокализирам” во амфитеатарот. Никогаш не пишувам во тишина, се слушам себеси или го слушам диктатот на некој друг глас, на повеќе од еден глас: тоа е една претстава, значи, еден танц, сценографија на зборови, на здивот и на “промената на тонот”. Подготовката на едно предавање е како една патека на слободата: тогаш можам да говорам, да го одвојам целото време кое ми е посветено на пишување. Тоа важи и за објавувањето, бидејќи станува збор за текстови од најразлични жанрови, секојпат се менува регистарот на гласот.

Хелен Сиксу: И обајцата имаме различни практики на пишување. Една која се искажува преку гласот што се нарекува висок, но кој за мене е малечок и едногласен, оној којшто е во доменот на образованието, и една друга практика која се движи вдлабувајќи се преку степените на тивкото пишување, која изгледа дека нема глас, иако во неа се слуша цел хор од гласови преку само еден глас. Кога ти ги пишуваш твоите предавања, ти ги пред-гласуваш, твојот глас е еден пред-глас, ти пишуваш текст за повторно изговарање. Тоа пред-говорење е театрализација на она што веќе претставува едно сценарио. Ти ја удвојуваш театарската поставка. Ти си актерот на оној којшто си ти како автор. Ти се удвојуваш - во секоја смисла. Јас не ги пишувам моите предавања. Со денови крстосувам низ еден предел од повеќе текстови преку вкрстено накалемено разгранување сè додека не ги научам наизуст. Потоа импровизирам во еден расадник од белешки на две страници по четири-пет часа. Чувствувам таква потреба да се препуштам на опседноста од гласовите дојдени од моето другаде, кои резонираат преку мене. Одеднаш јас сум во милоста на нивните вдахнувања. Тие можат да ме изневерат. Јас не управувам, јас им се препуштам на пророштвата. Тој ризик е предуслов на мојот елан и на моите оригинални идеи.

Алиет Армел: Во Монолингвизмот на другиот Жак Дерида објаснува дека јазикот кој ве обединува е искован во заедничкото потекло. И обајцата сте: “Писатели, Евреи, од Алжир”.

Жак Дерида: На почетокот (тоа сепак беше веднаш по “Алжирската војна”), заедничките корења не беа многу присутни во нашите дискусии. Но подоцна, ние за нив станавме свесни на еден сè појасен начин. Јас почнав да пишувам за “мојот” Алжир, за детството, за јудаизмот и сл. во Поштенската картичка, Монолингвизмот на другиот, Обрезување итн. Надвор од она што нè обединува од другиот брег, на другата страна, очигледно е дека ние пишуваме текстови што се целосно различни. Нашето објавување во францускиот јазик е исто така различно. Ние немаме исто образование. И покрај тоа што мојот порив кон литературата беше првичен, јас сум “филозоф”. Започнав обидувајќи се да ја легитимирам мојата филозофска дејност преку универзитетската институција. За да можам да си ги дозволам слободите во пишувањето, претходно беше потребно да ми биде доверен некаков кредит. Порано не ги кршев нормите освен на внимателен, игрив и квази-илегален начин. Сепак, тоа не можеше а да не го забележат сите. Мојата чудна и бурна страст кон францускиот јазик полека се подослободи. Упорно останувам монолингвален, без природен однос кон некој друг јазик. Читам германски, можам да предавам на англиски, но мојата приврзаност кон францускиот јазик е апсолутна. Непопустлива. Додека Хелен има природен однос со германскиот јазик од раѓање, бидејќи нејзините корени не се само сфарадски туку и ашкенаски, од страна на нејзината мајка. Таа чита и на голем број други јазици.

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |