Сè беше предодредено за мене уште кога
не го видов првиот од најпрвите пати. Она што се втисна во
тоа што подоцна стана еден вид легенда - што значи нешто
читливо - тоа е дека не го видов: само го слушав. Тоа беше
неверојатен настан. Имав осумнаесет години. Се случуваше на
Сорбона, за време на устен испит, бев на крајот од еден
амфитеатар, го “гледав” само неговиот грб. Го гледав само
гласот. Зборуваше за нешто што бескрајно ме интересира:
мислата за смртта. Никогаш не бев обземена од ништо друго
како од тој сосема друг, толку моќно жив јазик, кој ја
промислуваше мислата за смртта. За мене тоа беше откритието
на мислата и литературата. Години подоцна, му пишав откако
ги прочитав неговите први текстови. Потоа, секогаш се
случуваше истата работа: не го гледав. Тоа беше некаква
пророчка фантазма или пак тој беше пророк. Го напишав ова во
Колку е часот?: не ја гледав неговата личност ами неговото
битие кое пешачеше по еден планински гребен. За време на
нашата прва средба, во (пивницата) Балзар, разговаравме
долго за Џојс. Чекор по чекор, напредувавме околу тоа
гранично дело, бевме на самата граница, секој од својот
брег, настојувајќи да го промисли “нештото”. Мојот начин на
не-гледање беше визионерски: не го гледаме тоа што мораме да
го гледаме поинаку.
* Хелен Сиксу е професорка на
Универзитетот Париз 8 - Вансен. Има објавено шеесетина
книги (филозофија, есеистика, театар, литература), меѓу кои
и Фереџиња, со Жак Дерида (1998) и Портрет на Жак
Дерида како Млад Еврејски Светител (2000). Со Жак Дерида
соработувала цели четири децении.
|