Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Дерек Атриж
Да се следи Дерида
(извадок)
 

 


Тешко е да се следи Дерида. Да се почне текст со ваква реченица, тоа секако значи - да го следите Дерида: да се следат неговите траги, наоѓајќи потстрек, кој, лишен од секаков контекст, нуди избор на неодлучни значења и кој, покрај тоа, ја најавува темата што текстот ќе ја развие понатаму. Да се следи, во таа смисла, значи повторно да се развие еден механизам кој е пронајдок на некој друг, како што и самиот Дерида покажа во Психе, трансформирајќи го првиот ред од Басна на Понж “Со зборот со почнува овој текст” во “Преку зборот преку, значи, почнува оваа басна”, додавајќи дека “(би можело да има) и други варијанти, повеќе или помалку оддалечени од моделот, но за кои немам време да ги разложам тука”. Но можноста да се оперира со тие варијации не е ништо друго туку следење на откритието, таа ја воспоставува инвенцијата како инвенција, како средство на една безвременска логика што ја среќаваме насекаде во делото на Дерида, логика која не допушта едноставен процес на сукцесија. Ако ја следите таквата логика читајќи го Дерида, станува тешко да не ја следите, тешко да не ја повторувате во вашата сопствена мисла, во вашето сопствено пишување, што секако сведочи за инвентивноста на текстовите.

Сепак, да се следи Дерида репродуцирајќи ја, следејќи ја совршено логиката на таквите инвенции, тоа не значи да се следи Дерида, пишувајќи како него: оти тој не се задоволува со тоа да го повторува она што го чита - тој повторно измислува. Следствено, ако навистина посакувате да го следите Дерида, потребно ви е исто да бидете инвентивни за да го ставите посебниот потпис кој сведочи за посебната инвентивност. Едно откритие, всушност, не нуди само една фомула подложна на варијации, туку тоа ги овозможува следните откритија, без притоа тие да бидат лесно изводливи. Во таа смисла, тешко е да се следи Дерида. Тешко е да се следи Дерида, да се биде негов следбеник, да се пишува по неговата трага, затоа што е тешко да се следи, да се размислува и да се пишува на начин кој ќе ги оправда неговата мисла и неговото пишување, а и затоа што е толку лесно да го следите, да ги репродуцирате тие откритија без инвентивност. Па така, да кажете “тешко е да се следи Дерида”, тоа значи да го следите а сепак, едновремено, да не успевате да го следите. Освен тоа, често ми се случува да не успевам да го следам додека го читам, додека ги читам неговите текстови, додека се обидувам да изреагирам на тие откритија. Веројатно има многу мал број читатели на Дерида кои си немаат речено, додека биле задлабочени во неговите текстови: ова тешко се следи. Веројатно во најголемиот број случаи причината е во тоа што нивното (нашето) читање не е доволно внимателно, или заради тоа што читаме преводи базирани врз невнимателни читања. (Кога почнав со уредувањето на Акти на литературата, немав ама баш никаква намера да ги ревидирам постоечките преводи, но повеќепати, додека читав некој превод и наидував на некоја реченица тешка за следење, доволно ми беше да ѕирнам во францускиот текст и проблемот се разрешуваше за миг.)             


*Дерек Атриж е професор по англиски јазик и литература на Универзитетот во Јорк. Уредник е на книгата Актови на литературата (1992), посветена на Дерида. Други позначајни дела: Ефектите на Џојс: за јазикот, теоријата и историјата (2000), Посебноста на литературата (2004).

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |