Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Андро Векуа
Географска карта на сеќавањето
 

Андро Векуа е сè уште млад, но сепак сеќавањата се дел од неговата биографија. Неговиот живот може да биде поделен на две значајни етапи: детството и младоста ги поминува во Грузија. Роден е 1977 год. во Сохуми, крајбрежен град. По избивањето на војната семејството на Андро Векуа пребегнува во Тбилиси, каде го завршува уметничко училиште при National Art School. На 18 години заминува за Швајцарија каде студира во Базел во Школата за уметност. Во меѓувреме неговата татковина му станува и временски и просторно далечна, врежани му остануваат само светлите слики од морскиот пејзаж во Сохуми, но и потиснатите спомени од започната војна. Сликајќи и пишувајќи тој се обидува, како што самиот вели, да создаде еден вид географска карта на која станиците на неговите сеќавања ќе го најдат своето место. Сеќавањето за Андро Векуа не значи едноставно актуализирање на еден временски завршен период. Сликите на сеќавањата се отворени за впечатоци од сегашноста и тие се длабоко проникнати со нив. Неговата форма на раскажување е фрагментот, дел од времето и просторот, кој не познава ниту крај ниту почеток на еден линеарен тек. Неговите честички на раскажување лебдат меѓу Истокот и Западот, меѓу минатото и сегашноста, меѓу реалноста и фикцијата. На оваа форма на раскажување која прилега на река со притоки ù одговара мултимедијалното користење на средствата. Неговото дело содржи колажи, цртежи, слики, филмови и, секако, текстови. Тој презема слики од магазини и списанија и ги поврзува во специфичен остар суптилен сликовит јазик. Без да се почувствува видлив премин, областите на јавното се сретнуваат со оние на интимното и приватното. Во изложбите тој ги комбинира медиумите и ги дополнува со просторни инсталации. На почетокот од секоја нова приказна најчесто стои една фигура на којашто ù дава име. Честопати и тој самиот настапува во лик на момче и е придружуван од неговото второ јас. Околу овие протагонисти се развива дејствие во чии рамки фигурата делува како движечки мотор. Приказната е асоцијативна, таа поврзува можни внатрешни (посакувани) слики со искуствата и гледиштата на авторот. Фигурата истовремено се наоѓа и во реален и во виртуелен свет, кој за нас гледачите не е достапен и токму затоа делува толку загадочно и привлечно. Ретко нешто се изговара јасно, повеќето нешта се само претпоставки содржани во меланхоличната загадочна насмевка на едно момче.

 

 






 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |