Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Чарлс Патерсон
Тоа се само животни
(извадок)
 

 


Во последното поглавје на својата книга Патерсон ги исцртува профилите на Германците кај кои холокаустот извршил некакво влијание во нивното залагање за правата на животните. Иако кон проблемот за односот кон животните пристапуваат од поинакви стојалишта од Евреите, германските бранители на животните имаа слични перцепции и реакции на институционализираното насилство врз животните.

За потребите на својата книга за децата на нацистите, израелскиот психолог Дан Бар-Он го интервјуирал поранешниот лекар во Аушвиц, кому по војната му се судеше и беше ослободен од обвинението. Кога Бар-Он го прашал лекарот за влијанието што престојот во Аушвиц го оставило врз него, поранешниот лекар рекол: “Немав никакви соништа. Доживеав сосема поинакви искуства. Не станува збор за тој вистински ужас, грозната судбина на тие луѓе, не е тоа, разбирате. Чудно е, се навикнувате на тоа. Не, размислувам за прашањето на изборот, како кога копам во градината и наоѓам полжав. Не станува збор за тоа дека не можам да ги убијам полжавите, тоа не е проблем. Но, тогаш се појавува еден кој ќе го превидам, кој го гледам и морам да го убијам, и морам да ископам и да го убијам последниот. Тоа е она што е толку неугодно. Издвојте го тој еден посебен полжав, и тоа е толку вознемирувачко, фобичко искуство. Замислата дека селекцијата продолжува, оди понатаму. Или кога ќе видам како транспортираат стока’.

Нарезоци полни со доверба

Лекарот му рече на Бар-Он дека еднаш разговарал со Гита Серени, британска новинарка која напиша книга за Франц Штангл, заповедникот на Треблинка, базирана врз седумнаесетчасовни интервјуа кои во 1971 година ги правеше со Штангл во дизелдорфскиот затвор. Му рече на Бар-Он дека Штангл за време на едно од интервјуата ù раскажал за искуството што го доживеал во Бразил, каде што побегнал по војната. Еднаш кога патувал, возот во кој се наоѓал застанал покрај некоја кланица. “Стоката во стадата, кога ја слушна вревата на возот, дотрча до оградата и почна да зјапа во возот. Беа многу блиску до мојот прозорец, се туркаа, гледајќи во мене преку оградата. Во тој миг помислив: Погледнете го ова: ме потсетува на Полска; токму така и луѓето изгледаа, полни со доверба, еден миг пред да отидат во конзервите (гасните комори)... Потоа веќе не можев да јадам конзервирано месо. Тие крупни очи... кои ме гледаа... без да знаат дека многу брзо сите ќе бидат мртви”.

Откако лекарот од Аушвиц престана да му зборува на Бар-Он за Штангл, додаде дека не беа очите тие кои делуваа на него, туку фактот дека нешто било жртвувано, убиено со рака. Тоа е тоа”.

Роберт Џеј Лифтон интервјуираше еден друг лекар од Аушвиц, кој го идентификуваше како Ернст Б. “Кога првпат ќе присуствувате на  селекција”, рече лекарот, “не го кажувам тоа за себе туку и за најбесчуствителните припадници на СС, гледате како се избираат жени и деца. Тоа толку ве шокира... што едноставно не можете да го опишете со зборови. Но, по неколку недели се навикнувате”. Се обиде на Лифтон да му го опише процесот: “Мислам дека отприлика можам да ви претставам како тоа изгледаше. Како кога влегувате во кланица каде што се колат животни... и мирисот е дел од тоа... а не само тоа што тие (стоката) паѓаат мртви и така натаму. Веројатно потоа нарезокот нема да да биде толку вкусен. А кога тоа го правите секој ден две недели, вашиот нарезок повторно ви е вкусен како и порано.”

Ист изговор по вторпат

Д-р Хелмут Каплан, кој живее во Салзбург, Австрија, е еден од водечките мислители во движењето за правата на животните на германското говорно подрачје. За време на демонстрациите против експериментите врз животни што ги извршуваше фармацевската компанија Хоекст АГ од Франкфурт, Каплан се обрати на демонстрантите: “Дами и господа! Сите вие знаете што е лагата на Аушвиц. Тоа е тврдењето дека концентрационите логори никогаш не постоеле. Но, можеби не знаете дека концентрационите логори и денес постојат! Ние, всушност, стоиме пред еден концентрационен логор за животни. Тврдењето дека концентрационите логори се затворени по Втората светска војна е втората лага за Аушвиц!”

Каплан потоа го цитираше Исак Башевиц Сингер според кој луѓето се нацисти кога станува збор за нивниот однос кон животните. “Ако не верувате во тоа, би требало да ги прочитате извештаите за експериментите што нацистите ги спроведуваа врз Евреите во истражувачките лабаратории, а потоа да ги прочитате извештаите за експериментите што денес се извршуваат врз животните. Тогаш очите веќе нема да ви бидат заврзани: паралелите се толку јасни што не можат а да не се видат. Сето она што нацистите им го правеа на Евреите ние им го правиме на животните. Нашите внуци некогаш ќе нè прашаат: Каде бевте за времето на холокаустот на животните? Што направите против тие страшни злосторства? Нема да можеме и по вторпат да им го понудиме истиот изговор, дека не знаевме”.

“Најгрубата форма на заспивачко самоуништување”, пишува тој, “е порекнување дека тие суровости се случуваат токму во овој миг во нашата непосредна околина: во лабораториите во кои се извршуваат експериментите, во кланиците, на фармите за крзна итн. Затоа што тоа што се случува тука е сосема еднакво на холокаустот што го покренаа нацистите”.

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |