Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 69 - избор од содржината

Хрвое Јуриќ
Петер Сингер и биоетиката  (извадок)
 

 


Биоетика?

“Биоетиката” е поим кој – и покрај нејасноста што честопати ја предизвикува – влезе во секојдневна употреба. “Биоетиката” – и покрај секојдневната употреба и “саморазбирливоста” – сè уште честопати е нејасен поим, и тоа не само “меѓу народот”, туку и во сериозните научни расправи. Но, за биоетиката се зборува, за биоетиката се пишува, за биоетиката се расправа; значи, нешто како “биоетика” на одреден начин и постои. Тогаш што е - биоетиката?

Најлесен пат е, секако, оној историскиот: кога и како настанала биоетиката? На почетокот би можело да се помисли, заклучувајќи по нејзиното име, дека биоетиката настанала како нова гранка на етиката или како нов правец во рамките на етиката како научна дисциплина. Но, не е така. Иако помеѓу филозофската етика, од една страна, и биоетиката, од друга, денес постои тесна поврзаност, самото настанување на биоетиката не се случи во традиционалната етичка рамка. Уште повеќе, биоетиката не се појави ниту во рамките на филозофијата, ниту во рамките на некоја друга дисциплина. Таа се појави како општествено движење, и тоа во почетокот на шеесетите години на дваесеттиот век во САД. Во тоа време научно-технолошкиот напредок во биологијата и медицината (подоцна ќе се востанови изразот “биомедицина”) достигна таков степен што на медицинските стручњаци им се отворија ненасетени можности за лекување на дотогаш неизлечивите болести, нивна превенција и, конечно, можности за продолжување на човечкиот живот. Но, растот на знаењето на науката и моќта на новите технологии истовремено донесе и сè поголем број етички дилеми во практичното постапување. Таа “нова медицинска ситуација” ја покажа недоволноста на решавањето на етичките дилеми во медицината само на ниво на лекарската струка, па дури и на односот лекар-пациент, кој традиционално, и покрај прокламираните одредби за отвореност и дијалогичност на односот меѓу пациентите и лекарот, сепак, во поголемиот дел е еднонасочен. Таквите етички недоумици покажаа, имено, потреба за пошироко и подлабоко дискутирање и за решавање на проблемите во настанување. Тоа значеше основање посебни советодавни и, во одредена смисла, оперативни тела, кои подоцна се нарекувани – етички комитети. Во нивниот состав, пак, немаше само лекари, туку и филозофи, теолози, правници и други. Тие придвижувања на медицинско-етичкото подрачје течеа паралелно со интензивирањето на барањата на многубројните американски групи и движења, кои се стремеа да го зголемат влијанието на граѓаните во сферата на лечењето и лекарските услуги, односно во расправите за медицинско-етичката, медицинско-правната и медицинско-политичката проблематика (абортус, евтаназија, биомедицински истражувања итн.). Основањето на првите етички комитети – кои денес постојат не само на болничко, туку и на повисоко ниво – во склад со споменатите граѓански барања, значи, го придвижи настанувањето на биоетиката. Би можело да се каже дека сето друго е историја. Во овој случај теоријата дојде отпосле, но многу придонесе за понатамошната експанзија на биоетиката. Имено, одреден број научници, пред сè лекари, ја увидоа потребата за систематизирање на стекнатите искуства од конкретната медицинско-етичка практика и понатамошно развивање на теориски расправи за прашањата кои, како и секогаш во медицината, се однесуваа на темелните човекови прашања за животот и смртта. Денес, покрај лекарите, за биоетичките теми расправаат и биолозите, филозофите, теолозите, правниците, социолозите и многу други. Така, малку по малку, биоетиката од општествено прашање прерасна во научна дисциплина.

Но, поимот “биоетика” во своите почетоци и во првите десетлетија се однесуваше исклучиво на медицинската етика, којашто, на назначениот пат, ги надмина рамките на традиционалната, хипократовска медицинска етика и стана “нова медицинска етика”, односно – “биоетика”. Со ширењето на стручниот круг луѓе кои учествуваа во расправата за новите медицинско-етички прашања се ширеше и кругот на проблеми кои се промислуваа под името биоетика. Затоа денес во биоетички рамки рамноправно се расправа за широк спектар прашања: од оние кои се однесуваат на биомедицинската проблематика, преку оние кои се однесуваат на генетски модифицираната храна или правата на животните, до еколошки прашања.

 
назад кон содржината
 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |