Сè започна со
желбата да разговарам со некоја мечка. Но, мечките, се
разбира, не умеат да зборуваат, барем не со мојот јазик,
ниту јас умеам да зборувам со нивниот, освен ако се викаат
Вини; Сакерсон не е таква мечка. Помалку високопарно и
поточно речено, станав љубопитен: љубопитен во врска со
мечката која живеела околу 1600 година, но која прв пат ја
сретнав во библиотека, кога еден млад научник, околу триста
години подоцна, ја оживува мечката за своите слушатели да ги
намами да обрнат внимание на прилично разузданата приказна
за набивањето рогови и авторството. Тоа момче е Џојсовиот
Стивен Дедалус, местото е Националната библиотека во Даблин,
датумот е 16 јуни 1904, времето три часот попладне:
- Тоа беше
истиот час во еден ден кон средината на јуни - рече Стивен,
со брз поглед молејќи ги да го сослушаат. - Знамето се вие
врз театарот крај брегот. Мечката Сакерсон брунда во својата
јама во близината, во Парискиот премин. Едрарите кои пловеле
со Дрејк ги џвакаат своите кобасици меѓу гледачите во
партерот.
Во оваа
кратка одломка, која служи како прелиминарно поставување на
сцена, мечката Сакерсон стои од страна, а необичната
специфичност на нејзиното име се покажува многу поевокативна
отколку споменот на Дрејк - име кое впрочем е толку
предвидливо во раскажувачкиот контекст и едвај се задржува
во свеста на Стивеновата публика, без да разбуди некаква
магија. Ако во таа одломка има каква било енергија, “сила
која предизвикува ‘комешање во духот’,”1
таа потекнува од Сакерсон, животното со човечко име, поточно
речено: со човечко презиме. Не во најмала мера, таа енергија
произлегува од фактот што чувствуваме - и што, се разбира, е
предвидено да го чувствуваме - дека тој необичен детаљ
сигурно не може да биде обична измислица, туку дека во таа
точка текстот посегнува вон книжевното и фиктивното, кон
бујниот живот на елизабетинскиот Лондон. Кусиот внатрешен
монолог што следи јадровито ја одредува стратегијата на
Стивен:
“Локален
колорит. Употреби сè што знаеш. Направи ги соучесници.”
Придавајќи
ù доза на “стварност” на својата “психобиографска”
дисертација за Шекспир, Стивен, наспроти своеволната
спекулација, внимателно ги следи научните конвенции на
своето време, до кои суверено се држи Георг Брандес во
делото Вилијам Шекспир: критичка студија, книга од која
Џојс, се чини, најпрвин ја земал мечката Сакерсон и книга
која претставува добар пример за она што би можеле да го
наречеме стар историцизам. Брандес пишува:
“Во
близина на театарот Глобе се наоѓаше Мечкината градина,
чијшто неиздржлив смрдеж ги поздравуваше ноздрите и пред
Градината да стигне во видното поле. Славната мечка
Сакерсон, која се спомнува во Веселите жени виндзорски,
повремено ќе ги парчосаше своите пранги и ќе ги натераше
посетителките на театарот врескајќи да бегаат што подалеку.”
(Посетителите, очевидно, имале подобра самоконтрола.)2
Брандес
секако “употребува сè што знае”, а тоа, според неговите
оценувачи, се сведува на практично сè што тогаш можело да се
знае, не само за животот и делата на Шекспир туку и за
неговото доба: “вистинска енциклопедија на шекспиријански
податоци”, таа книга ја “воспоставува целокупната
општествена историја на епохата”, според зборовите на
тогашните новински критичари. Бидејќи Бранд дословно сака да
го разоткрие “духовното искуство кому Шекспир му е
живот-дело-израз”, неговото енциклопедиско покривање на
историските детали не изискува експлицитно оправдување. Го
поткрепува општиот консензус за важноста на “миљето” во 19
век. Сакерсон можеби не играл истакната улога во
обликувањето на духовното искуство кое ги создало животот и
делото на Шекспир, но секако заслужува да биде спомнат како
елемент во “рамките на случувањето”.
Врз
студиите каква што е таа на Бранд жестоко удрија Новите
критичари. Во Теоријата на литературата на Њеллек и Њаррен,
неговиот пример се наведува како речит пример за “биографска
романса лекомислено конструирана од драмите и сонетите”.
Поопшто, позитивистичката грижливост околу историските
факти, на која Сакерсон ù го должи своето постоење во
Брандовата - а оттаму и во Џојсовата - шекспирска
спекулација, се осудува како “фалсификување на изворите”,
како погрешен тип на “последично објаснување” кое
книжевноста ја толкува како да е одредена исклучиво со
“екстринзичните” биографски, економски, општествени или
политички причини. Новата критика, меѓутоа, го прекинува
сето тоа: строгата насоченост кон книжевното дело и ништо
освен самото книжевно дело ја упатуваат мечката во една
видлива позадина. Таквата ригорозна методолошка хигиена
можеби помогнала во расчистувањето на фокусот на книжевното
проучување, но со театарот работата е пословично заплеткана.
Со оглед на драмата, новокритичката програма за ослободување
на книжевниот предмет од метежот на ирелевантни и произволни
околности значеше сечење на врската помеѓу текстот и
сцената. Драмите почнуваат да се проучуваат како “драмска
поезија”. Се сметало дека нивното подлабоко значење се
содржи во тематското ниво “под дејствието и ликовите”,
затворено во просторните обрасци на сликите и симболите кои
делотворно ја поништиле временитоста на дејството и
материјалната динамика на изведбата.
Таквата
состојба на нештата сега му припаѓа на минатото. Изведбата
денес го добива целото заслужено внимание, и согласно со тоа
зазема високо место меѓу критичките концепции. Таа доби и
дополнителен полет благодарение на прилично рецентното
проширување кон речиси сеопфатниот поим “културна изведба”.
И токму под таквата закрила Сацкерсон, Харрѕ Хункес, Слепата
Бесс и целата нивна помалку славна дружина одново доаѓаат на
сцена: не како сликовити додатоци кои ќе создаваат заднински
контраст за возвишениот спектакл на шекспировската драма,
туку како ко-актери, иако недоброволни, кои ги имплицираат
своите човечки пандани во малку нелагодно партнерство.
1 Stephen Greenblatt ја
наведува таа дефиниција за енергија од The Arte of
English Poesie на Georg Puttenham, од неговото дело
Shakespeare Negotiations 6.
2 Интересно, Брандес не го
измачуваат недоумици во врска со засновање на “фактичкиот”
приказ заради фалбите на очевидно несигурниот сведок каков
што е наивниот Слендер:
СЛЕНДЕР: Вие сигурно се плашите кога ќе здогледате мечка на
слобода, зарем не?
ЕН: О, секако, господине.
СЛЕНДЕР: Видете, за мене тоа е шега. Дваесет пати сум го
гледал Сакерсон на слобода, и го држев на ланец; но, ви
велам, жените толку викаа и врескаа поради тоа, што беше
уживанција. Жените навистина не ги поднесуваат мечките;
мечките се грди и груби суштества.
(Вилијам Шекспир, Веселите жени виндзорски)
|