Во рекламата за
OncoMouse tm во магазинот Science, од 27 април 1990,
корпорацијата DuPont го презентира својот, целосно претворен
во стока, глодар, “првиот in vivo модел кој содржи
активиран онкоген” наречен “Рак-Мамка.”1,
а што доведува до сигурно производство на тумор. Создаден со
генетски инженеринг, овој фин трансгенски глушец е “достапен
за научниците само од DuPont, каде за подобар живот се
оживуваат подобри нешта”.2
Глувчето е оружје во борбата против ракот, еден конфликт кој
ги одржува империите на техничките науки и биотехнологијата.
Кажано со најјаки зборови, OncoMouse tm е технолошки продукт
чија природна средина и еволуциска иднина се целосно
содржани во тој светотворен простор наречен “лабораторија”.
Граѓанин на прекрасните кралства на неумрените (каде се
оживуваат подобри нешта за подобар живот), оваа мала
глодарска интелигентна бомба е исто така, во најсилната
смисла на зборот, културен актер. Орудие-оружје за
искоренување на ракот, биоинженерскиот глушец е истовремено
и метафора и технологија. Ова е нормалната состојба на
нештата во културите на техничките науки, вклучувајќи ја и
нашата. Во науката, како што Ненси Степан заклучува во врска
со деветнаестовековните студии за полот и расата, една
метафора може да прерасне во истражувачка програма.3
“Неколку
збора за репродукцијата од лидерот во областа” е рекламното
мото за системот на удвојување на софтверот на Logic General
корпорацијата во бројот на Science од 1 мај 1983.
Непосредното визуелно и вербално влијание на рекламниот имиџ
на Logic General инсистира на апсурдноста на одвојувањето на
техничките, органските, митските, текстуалните и политичките
нишки во семиотичката ткаенина на технонаучната култура.
Под неветувачкото портокалово до жолто виножито на
земја-сонце логото на Logic General еден биолошки бел зајак
(тој или таа, полот и родот не се баш уредени во овој
репродуктивен систем) го врти својот грб кон нас. Неговите
шепи се на тастатурата, тој инертен, старомоден остаток од
машината за чукање што им овозможува на нашите компјутери да
ни изгледаат природни, лесни за употреба. Но тастатурата
води во погрешна насока; нема букви кои се пренесуваат по
механички пат на цврстата површина која ги чека. Интерфејсот
на компјутерот функционира поинаку: дури и доколку не ги
разбира ефектите од неговата тастатура, белиот зајак, како и
неговиот роднина глушецот, е во својот природен амбиент –
тој/таа е целосно вештачки/а. Како овошните мушички,
квасецот, трансгенските глувци и покорниот валчест црв,
Caenorhabditis elegans, и еволуциската приказна на овој
зајак испарува во лабораторијата, таа е неговото вистинско
дувло, природната средина. И како материјален систем и како
знак за мерење на плодноста, овој вид зајак не се појавува
никаде другаде освен во лабораторијата, во таа надмоќна
сцена на практики на умножување во нашиот хипермодерен свет
на рационализирачки копирачки практики. Ликовите од
приказните на просветителството, зајаците, црвите, глувците
и луѓето од технонауката, истовремено се и истражувачки
модели, и културни метафори и моќни шеги – шеги со моќ да ги
преправат световите и субјектите кои ги населуваат.
1 Оваа кратка интервенција
е преработена од дел на една студија во процес на изработка
“Of OncoMouse tm”, за една книга којашто ја уредува Carl
Cranor, Genes ‘R’Us, so Who’s That?, а која пак израсна од
една резиденцијална студиска група спонзорирана од
University of California Humanities Research Institute, зима
1990, кај U.C. Irvine. Би сакала да се заблагодарам на UCHRI
и на сите учесници од студиската група.
2 Оние што ги следат
комерцијалните кругови на биотехнологијата знаат дека DuPont
стана ДDuPont-Merck кратко откако се појави серијата реклами
за “мамката-рак”. Мотото, “подобри нешта за подобар живот”
како да исчезна од Земјата. Но, како и зборовите од
воведниот дел на “Ѕвездени патеки”, “храбро одат онаму каде
што никој не отишол порано”, милиони земјани му дадоа
комплимент на слоганот на DuPont заради успешното вметнување
во најтврдоглавото несвесно, каде ќе биде подлога за некое
идно рекламно имитирање.
3
Nancy Stepan,
“Race and Gender: The Role of Analogy and Science”, Isis 77
(1986), pp.261-77.
|