|
ВЕНКА СИМОВСКА, ЕМИЛИЈА ГЕОРГИЕВСКА
Дали психологијата може да се критикува однатре
Кратка содржина
Со цел да се прошират хоризонтите на психолошкиот професионален дискурс во македонскиот контекст, во овој труд претставуваме сегменти од еден растечки светски тренд во психологијата познат како критичка психологија. Исто така, накусо ги дискутираме поврзаните со овој тренд квалитативни истражувачки методи, кои вклучуваат поинаков пристап во посматрањето и размислувањето за светот и за субјектите кои живеат во него. Заради појасно оцртување на радикалната различност на критичката во однос на традиционалната парадигма, ги опишуваме и спротивставуваме различните онтолошки, епистемолошки и методолошки премиси на традиционалната и критичката психологија, како и основните вредносни разлики во однос на прашањата за добар, квалитетен живот и општество, професионална етика и легитимизација на моќта и односите на моќ. Како илустрација на конкретна примена на базичните критички вредности и премиси прикажани се две големи полиња на критичка психологија: феминистичка и културна психологија. На крајот, комплексноста на квалитативната истражувачка методологија е претставена преку нејзино позиционирање во рамките на четирите основни истражувачки парадигми: позитивизам, постпозитивизам, критичка теорија и конструктивизам, и опишување на основните претпоставки, критериуми, методи и истражувачки стратегии, како и на начините низ кои тие ги рефлектираат пошироките вредности на критичката психологија.
Клучни зборови: критичка психологија; квалитативни истражувачки методи; културна психологија; феминистичка психологија.
Увод
Генерално зборувајќи, може да се каже дека развојот на психологијата во Македонија заслужува почит, особено со оглед на социоекономските и политичките услови во кои се одвива од осамостојувањето на државата до денес. Овој развој главно ги следи светските трендови во маинстреам психологијата, т.е психологијата што се изучува на универзитетите и што доминира во професионалната практика на клиничките, развојните, училишните и другите психолози1. Сепак, постојат и празнини во професионалниот дискурс, пред сe во однос на застапеноста на порадикалните трендови во психолошката теорија, практика и методологија на истражување. Со цел да придонесеме кон збогатување на хоризонтите на дисциплината, во текстов ние ќе прикажеме сегменти од еден растечки тренд во психологијата што во литературата се нарекува критичка психологија, како и основните принципи на квалитативните пристапи во истражувањето.
Критичката психологија не е само уште една гранка во психологијата. Станува збор за радикално различна парадигма на посматрање и размислување за светот и за субјектите кои живеат во него. Терминот критичка психологија има повеќе значења. Во текстов, ние со него означуваме голем опсег на психолошки теории и практики кои меѓусебно значително се разликуваат, но имаат една заедничка карактеристика - сите ги дискутираат психолошките теории и практики од аспект на степенот до кој тие придонесуваат да се одржи статус љуо во општеството, којшто често е неправеден, неетички и неоправдан; притоа особено внимание им посветуваат на маргинализираните и ранливите групи и поединци во општеството. Исто така, идеја што им е заедничка на критичките психолози е уверувањето дека психологијата има потенцијал и треба да придонесе кон подобар живот, подобро општество и подобар свет, преку бескомпромисно застапување на етичкиот императив за постојано подобрување на добросостојбата на луѓето. Тоа всушност значи дека психологијата и психолозите дејствуваат како катализатори на позитивна социјална промена наместо како агенси на социјална контрола.
Во духот на критичката психологија, веднаш сакаме да истакнеме дека јаснотијата на аргументите презентирани во овој (впрочем и во секој) текст е само привидна. Во суштина, целата историја на критикување на која било доминантна парадигма е проследена со низа неизбежни дилеми, избегнување на удобноста на академизмот, преиспитување на сопствените позиции, почитување на ирониите, тензиите и нејаснотиите својствени на сето она што не е етаблирано. Ние како автори на овој труд, низ личните приказни на професионални созревања, животни дислоцираности, идентитетски поместувања, ги живееме принципите на критичката психологија како неизбежни вредности кои проникнуваат во сите сфери на нашето живеење, од најинтимните до најјавните. Затоа, рефлектирајќи го постмодерното сфаќање на знаењата како конструирани нарации, ќе Ве замолиме да го читате овој текст како приказна, или во најмала рака, конструкција, која не е повеќе или помалку легитимна од било која друга приказна.
Ќе започнеме со контекстуализација на појавата на критичкиот дискурс во рамки на светските трендови на психологијата и со дискусија за основните онтолошки, епистемолошки, методолошки и вредносни разлики помеѓу традиционалната и критичката психологија. Потоа ќе ги прикажеме двете главни полиња на критичката психологија - феминистичката и културната психологија - илустрирајќи ги разните начини на кои тие го толкуваат и применуваат поимот “критичност” како нивна основна одлика. На крајот накусо ќе ги прикажеме четирите основни истражувачки парадигми (позитивизам, постпозитивизам, критичка теорија и конструктивизам) и ќе ги позиционираме квалитативните истражувачки пристапи во овие рамки, заклучувајќи го текстот со базичните премиси на квалитативниот пристап во истражувањето кои се карактеристични и за критичката психологија.
◄ назад
|
|