|
РУМЕНА БУЖАРОВСКА
Чкртки (раскази)
Нора
Нора беше доста непривлечно суштество. Тоа го заклучив уште првиот пат кога ја видов на скалите. Се качуваше нагоре и отсечно ми кимна со главата во знак на здраво. Јас u се насмевнав но не мислев дека и таа ќе ми возврати, беше премногу груба. Веднаш познав дека таа е тоа што со часови свири клавир. Кога одеше ги трескаше прстите од бутовите, како да свири дебели акорди. Живееше еден кат над мене и по цел ден ја слушав како дрнка. Дрнкаше околу една недела додека не ја научи композицијата. Потоа бев среќна затоа што и јас ги сакав Шопен и Рахмањинов и убаво ми беше да ја слушам како свири. Но дрнкањето ме вадеше од такт, посебно кога ќе ја слушнев како дрнка во четири часот попладне, кога ме фаќаше дремка. Немав срце да се качам горе и да му кажам на тој што свири да престане, затоа што сепак неколку пати неделно уживав во тоа. Така си решив да го трпам тој што си вежба. Замислував дека е некое лудо момче со мозолчиња, па кога ја видов Нора како се качува по скалите со прстите прилепени на бутовите, малку и се разочарав.
Беше навистина невообичаено грда. Имаше коса црвена како лут пламен, виткана и густа. Леташе на сите страни и u се лепеше на челото. Подоцна забележав дека ја крати за да не u пречи но колку повеќе ја скратуваше, толку повеќе u леташе и личеше на огромен нескротен џбун. А и црвената коса не беше заводлива како што треба да биде, туку бојата u зрачеше некако злобно и опасно. Кадриците u се плеткаа една во друга и беа крути како јажиња. Покрај тоа, воопшто не u прилегаше на нејзиниот тен. Кожата u беше скоро мртва затоа што немаше ни една дамка, ни едно црвенило, туку само нешто проѕирно, како кај труп што лежел во вода долго време. Имаше мозолчиња на страните на лицето кои ги криеше со косата, но одвреме навреме u застануваа на белата брада и стрчеа. Веѓи воопшто не ни имаше, а тоа само ја истакнуваше ситноста на очите, мали и сини, замижани, како да не гледа ништо пред себе. Носот беше незабележлив, поради тоа што устата одземаше голем дел од вниманието на оној кој ја гледа. Таа уста беше нешто многу асиметрично; горна уста како да не постоеше, а долната се спушташе надолу како некоја стрмна падина, како природна катастрофа. Кога зборуваше, срамежливо ја отвараше, u се гледаа кривите, мали заби, т.е само долната вилица бидејќи ја движеше само долната усна. На крајчињата u се собираше бела плунка, која ја прибираше од време на време со нејзиниот крваво-црвен рапав јазик. Од таа плунка страдаше и таа, и сите околу неа, затоа што многу плукаше кога зборуваше, а не зборуваше многу, но кога го правеше тоа обично беше лута и цинична, и тогаш зборуваше многу брзо и збркано, како да u трча времето и таа мора со јазикот да го надмине. Од устата u летаа цели балончиња од плунка и слетуваа врз тој кому му се обраќаше, во огледалото, во книгата во која зборуваше или врз тастатурата. Еднаш ја допрев нејзината тастатура и целата се лепеше, дури и мирисаше на старо и мувлосано.
Сепак најмногу ми остави впечаток нејзиното лелеаво тело. Беше бела како сирење, но на нездрав начин, затоа што беше поднадуена, кожата u беше исполнета но изгледаше како некој претходно да ја дупнал и цицал. Немаше ниедно влакно ни младеж кој би давал знаци на живот, ниедна пора, само проѕирно и растегнато, лелеаво. Во кратките сини панталончиња што редовно ги носеше, нозете u беа млитави како парчиња живо месо од касапница. Личеше точно на тоа што го јадеше: бел леб, со бел мајонез, бела салама и бело млеко. Секој ден пиеше две литри бело млеко и изгледаше како сето да u остануваше во бутовите. Нозете u почнуваа во коцкестата карлица која продолжуваше во едно рамно, сплескано торзо, на кое беа прикачени мали, и пак млитави раце. Прстите како да u висеа од рацете. Велам висеа затоа што никогаш досега не сум видела нешто толку еластично и неживо, толку бледо и болно, без трага од коска или зглопче. Всушност личеа на црви, така и се движеа, баш како да немаат коски. Понекогаш u ги гледав и се чудев како може воопшто да свири со нив. Всушност, не личеа само прстите на црви; сета беше нековчеста, млитава и лелеава како некој црв. Бела и проѕирна како црв, грда како црв и морничава како црв.
Колку повеќе ја гледав толку пострашна ми стануваше. Не се дружевме многу, но јас почнав да доаѓам кај неа за да ја слушам како свири, а потоа зборувавме за Шопен и таа ми кажуваше што ќе вежба следно. Станавме поблиски и Нора почна да ми кажува колку ги мрази луѓето. Имаше по нешто лошо да каже за секого, веројатно и за мене. Сите беа ужасно грди и глупави, површни; општеството беше за никаде, училиштата за никаде, државата требаше да се уништи и луѓето да се пратат во вселена да изумрат. Јас само ја слушав и додавав по нешто лошо за таа хистерично да се насмевне во кратки здивови, како некое мало животинче. Тогаш очите u стануваа толку мижуркави што ми беше страв да ја гледам и се вртев, а таа само се кикотеше како хиена. Мене сепак ми беше драго што на некој начин ја усреќував, макар и да е тоа злобно. Ги озборував соучениците, професорите, соседите, телевизиските програми, вестите, политиката, економските промени, владата и опозицијата. Ја плукавме модерната уметност и им се смеевме на сите домашни уметници што ги знаевме, велевме дека сите се неспособни и неталентирани. Кога читавме исти книги, наоѓавме маани за потоа да се смееме и да велиме колку писателите се провидно ограничени. Сето тоа време Нора седеше на клавирското столче и трескаше по бутовите, а јас со скрстени нозе на каучот, секогаш многу растревожена, расплукана и злобна во соучешништво. Разговорите со неа станаа многу напорни поради константното натпреварување во тоа кој ќе каже нешто погрдо за друг, по можност успешен човек. Всушност и не знам ни зошто почнав да разговарам со неа кога можев и преку ѕидови да ја слушам како свири.
Едно време Нора стана многу молчалива. Ќе отидев кај неа, ќе ми отсвиреше некој валцер или полонеза, и потоа замолчуваше. Стана неиздржливо, затоа што јас бев единствената која зборуваше лошо за светот, а таа молчеше и не се ни смешкаше како порано. Не сакаше да води ни нормални разговори. Се почувствував одвратно и сакав да ја прашам што u е, но сепак се премислив и чекав да видам што ќе се случи.
Ништо не се случи. Еден ден престанав да одам кај неа. По неколку дена престанав да го слушам Шопен низ ѕидовите, и бидејќи ме гризеше совеста, отидов да ја прашам мајка u што се случило. Ѕвонев на вратата но никој не ми отвори. Се обидував неколку дена по ред, но пак ништо. По некое време соседите почнаа чудно да ме гледаат. Мајка ми еден ден во текот на ручекот ми рече дека Нора ја пратиле во некаква си болница, така u кажала сосетката од шестиот кат. Прашав каде е мајка u на Нора, и ми одговорија дека веројатно и таа отишла со неа но дека наскоро би требало да се врати.
Еден ден слушнав чекори на скалите, и отрчав до вратата за низ дупчето да го видам грбот на мајка u на Нора како се качува нагоре. Ми требаше еден ден за да соберам храброст и да се качам горе. Кога заѕвонив на вратата, слушнав чекори и имав чувство дека некој ме гледа низ дупчето и мисли дали да ми отвори. Се молев да се отвори вратата затоа што се чувствував неприродно и гледав нагоре, како да не знам дека некој ме набљудува. Зад вратата се појави мајка u на Нора и ми рече да влезам. Ми беше непријатно од неа и ми беше страв да ја гледам. Ме покани да седнеме во кујната и јас молкома си седнав на крцкавата столица. Првпат ми беше да влезам во некоја друга соба во тој стан. Секогаш Нора ме носеше право кај клавирот.
Седнавме и мајка u одеднаш почна да плаче. Ми рече дека Нора ја хоспитализирале заради некој сон. Ни самата Нора не u кажала што, но веројатно дознала од докторот кој ја ставил на некои лекови и таа почнала да мрмори. Велела дека навечер сонувала некакви црви. Зборувала само за црви и многу се лигавела, зборувала како ја јадат и како секое нејзино парче во секој црв станувало едно, како еден голем црв, и како таа самата еден ден ќе стане црв. Мајка u сета се тресеше и плачеше, мене ми се исуши грлото и со рапав глас u реков дека ќе u помине, веројатно нешто ја исплашило, дека докторите таму сепак знаат што се случува и дека Нора наскоро ќе се врати и ништо страшно нема да се случи. Не верував во тоа што го зборувам, но сепак ја лажев како што ја лажев и Нора кога зборував колку го мразам Хармс или колку не ми се допаѓа Берг. Кога u кажував колку голем кретен е Игор и како опозицијата е исто толку дебилна како и владата. Реков дека ќе одам и сама да ја видам Нора, малку да ја израдувам.
По една недела тргнавме. Стигнавме во некоја болница во една голема пустелија. Наоколу немаше ништо освен едно искубано куче и неколку чавки со отворени клунови. Внатре смрдеше на лекови и немиени плочки, на средство за дезинфекција, и беше мртва тишина. Само во една просторија со тапацирани столици излижани од седење седеа некои докторки во извалкани мантили и пушеа цигари. Имаше и понекој доктор што со секоја од нив заводливо се однесуваше, а тие крескаа од смеење и локаа кафе. Јас и мајка u на Нора влеговме и тие нe пречекаа со насмевка. Ни рекоа дека сега ќе нe однесат. Една жена со руса изгорена коса и црн корен под нив, по полчасовното чекање нe понесе низ еден смрдлив ходник со многу врати. Нашите чекори одекнуваа и однекаде се слушаше мрморење. Стигнавме до една соба и докторката извади клуч. Мајка u на Нора остана надвор и ми рече мене да влезам прва, таа ќе почекала.
Влегов и видов нешто бело стуткано во еден ќош. Се приближив, но не можев да ја препознаам Нора. Кожата u се беше оптегнала рамномерно, само на секои десетина сантиметри се појавуваше по некоја фалта. Лицето беше здебелено, нозете припиени една до друга, рацете припиени до телото, прстите слепени еден за друг, извиени и дебели, млитави. Косата u се беше изветвела и израмнила, се имаше слепено за темето, за заоблената бела глава. Нора личеше на огромен бел црв. Ме погледна со малите сјајни, речиси црни очи, и ги придвижи усните, но слушнав само влажно ц'цкање и потоа мислам дека паднав.
◄ назад |
|