|
ДЕН РОУДС
Антропологија (раскази)
02Бакнеж
Орхидеја е решена дека нејзиниот прв бакнеж мора да биде совршен. Ја однесов на пролетно патување во Париз. Додека преку Сена зјапавме кон Ајфеловата Кула, го направив мојот чекор. Таа ме оттурна. “Не”, рече. “Едноставно не е доволно романтично. Жал ми е.” Ја однесов на една напуштена, со палми опкружена плажа на Бахамите, а сепак нејзиниот одговор беше ист. Штедев и штедев сè додека конечно на зајдисонце не застанавме пред Таџ Махал. “Чудно смрди”, рече. “Смрди, а и насекаде има питачи.” И јас исто така бев разочаран. Градбата за која се претпоставува дека е величествена бледнееше покрај овие недопрени, кадифени усни.
10Верен
Мојата
девојка умре. Срцето ми беше скршено и ветив дека ќе
останам верен на нејзиниот спомен. На почетокот не ми беше
тешко; мојата болка беше толку голема што не можев да си
замислам да бакнам некоја друга. Но, по некое време, една
девојка почна да пројавува интерес. На почетокот одолевав.
“Многу си убава”, ù кажав, “но едноставно е прерано.
Жалам.” Не сакаше да се откаже. Продолжи нежно да ме
допира, мавтајќи со трепките покриени со маскара. Конечно
се предадов и паднав во нејзините прегратки. Човекот нè
замоли да си одиме. Кажа дека нашето шушкање, млацкање и
кикотење ги вознемирува другите оплакувачи.
23Зборови
Се вљубив во мигот кога ја видов во кујната на нејзиниот дедо, додека темните кадрици се виткаа околу нејзините португалски раменици. “Сакаш да се напиеш кафе?”, се насмевна.
“Навистина не сум толку жеден.”
“Што? Што ти рече?” Нејзиниот англиски не беше многу добар. Сега имам седумдесет и три години, а таа само што наполни седумдесет. “Сакаш да се напиеш кафе?”, ме праша денес, насмевнувајќи се.
“Навистина не сум толку жеден.”
“Што? Што ти рече?” Никој од нас нема талент за учење јазици. По педесет години брак никогаш вистински не сме разговарале, но се сакаме повеќе отколку што зборовите можат да искажат.
34Калап
Безнадежно сум вљубен во безизразна девојка. Никогаш не кажала или не направила нешто интересно. Поминувам часови обидувајќи се да сфатам зошто толку длабоко сум поврзан за неа. Не можам да го пронајдам одговорот на ова прашање. Нејзината коса е досадна, нејзиното лице е досадно и нејзиното тело е досадно. Секогаш кога ќе се вратам дома и ќе ја пронајдам тупосана на креветот, опкружена со употребени чаши јогурт, срцето ми експлодира и чувствувам вртоглавица, како да лебдам во воздух. Ја земам нејзината безживотна рака, го бакнувам нејзиниот блед образ и ù кажувам: “Кога те правеле им се скршил калапот”. Ретко нешто одговара.
42Музеј
Нашиот стан го претворив во музеј. Посетителите се добредојдени да се чудат на префинетите остатоци што таа ги остави зад себе и да ја гледаат лентата со која обично ја заврзуваше косата за да ја тргне од лицето што толку многу го имав бакнувано. Има кабинети полни со фотографии и писма што ми ги испраќаше. На ѕидот виси врамена роденденска честитка, со три големи бакнежи во сребрената рамка. Никој никогаш не доаѓа, но јас сум таму секој ден, чувајќи ја главата мирна колку што можам повеќе. Не сакам да изгубам ниту една од мозочните ќелии што ги чуваат овие скапоцени мигови.
53Парчиња
Ја киднапираа мојата девојка и потоа побараа ужасно голема сума пари што требаше да им ги дадам пред дури и да размислат да ја вратат назад. Бев благодарен поради мирот и тишината што се појавија по нејзиното заминуваше така што не брзав многу да ја средам работата. По некое време почнаа да ми испраќаат мали парчиња од неа, почнувајќи од уво во кутија за сапун. Заради некоја причина не ја намалија сумата за откупот. Нема никаква смисла. Мислат дека ќе платам толку многу за девојка без палци, уши, нос или брадавици колку што би платил доколку сите делови беа на неа.
63Прав
Ксанте ме напушти. Ја пронајдов нејзината нова адреса и ù го вратив чајникот што го имаше заборавено кај мене. Следниот ден ù ја однесов книгата што ми ја имаше позајмено. Пронајдов кутиче со прамен од нејзината коса, и секој ден ù испраќав по едно влакно. Ако не беше дома, го испраќав по пошта, проследено со долго писмо во кое објаснував на кој начин сум го нашол на подот. Кога ги вратив сите, ù однесов, ставена на врвот од прстот, мала честичка прав. “Се сеќавам дека ја видов како еден ден паѓа од твојот фустан”, реков. “Оној убавиот, со цвеќиња на него.”
73Плачење
Мојата девојка ме напушти и како последица на тоа редовно почнав да плачам во сон. Моите ноќни тажења станаа толку гласни што соседите повикаа полиција. Новинарите дознаа, и луѓето почнаа да доаѓаат пред мојата куќа за да ме слушнат како гласно ù го кажувам името и како стенкам. Дојдоа телевизиски екипи и наскоро беше организирана потрага по објектот на мојата болка. Ја лоцираа во куќата на нејзиниот нов тип. Ја гледав репортажата на телевизија. Луѓето кажуваа дека очекувале да биде многу поубава отколку што е, и дека треба да се средам и да престанам да плачам по една толку обична девојка.
80Слепец
Мојата девојка го искористи моето ослепување како оправдување да почне да се облекува неуредно. Во деновите кога сè уште можев да ја видам, секогаш изгледаше совршено во најмодерните парчиња облека и најдобрите дизајнерски марки. Сега, своите високи потпетици ги замени со патики, свилените чорапи и куси здолништа со фармерки, а елегантните блузи и тесните сакоа со вреќасти џемпери. Сè уште ù немам кажано ништо, но доаѓам до точка кога ми е срам да ме видат со неа додека нежно ми ја држи раката и ме насочува каде да одам, осигурувајќи се да не се сопнам или да не треснам во нешто.
93Убавина
Мојата девојка е толку убава па затоа никогаш немала причина да развие некој друг аспект од себеси. На луѓето секогаш им е мило што ја гледаат, и покрај тоа што не прави ништо друго освен што се вртка наоколу и пуши. Освен тоа, станува сè поубава. Последниот пат кога ја напушти куќата предизвика четири сообраќајни несреќи, два срцеви удари, околу триесет домашни расправии и околу шестотини непосакувани и засрамувачки ерекции. Изгледа дека е прилично рамнодушна кон пустошот што го предизвикува. “Одам во продавница по цигари”, вели, проѕевајќи се со таа сочна, сјајна уста. “Подобро да викнеш брза помош или нешто слично.”
94Фуџи
Јоланта е како планината Фуџи. Оддалеку е величествена и магична, но кога ќе ù се доближиш се разочаруваш. Им се доверувам за ова на нејзините додворувачи секогаш кога доаѓаат со рози и шпански гитари. Кога таа не може да ме слушне, им кажувам: “Ако ја заведете зад мојот грб, ќе зажалите”. Тие мислат дека им се заканувам, но потоа шепотам: “Знам дека е брилијантна, но кога подобро ќе ја запознаете ќе видите дека таа навистина е само една обична девојка”. Ме прашуваат зошто не ја оставам ако навистина е така. Се сплеткувам од моите зборови. Едноставно не знам како да објаснам.
◄ назад |
|