|
ИТАЛО КАЛВИНО
Ако една зимска ноќ некој патник
Фрли поглед надолу каде Што сенката се згуснува
Отворот на пластичната вреќа морав да го влечам нагоре колку што сакам: одвај му досегаше до вратот на Жожо и главата му остануваше надвор. Другиот систем беше да му ја покријам прво главата, но тоа не ми го решаваше проблемот, зашто тогаш стапалата остануваа надвор. Решението беше да се свиткаат колената, но колку и да сакав да го направам тоа, удирајќи го со клоци, здрвените нозе не попуштаа, и кога најпосле успеав, се свиткаа и нозете и вреќата, така што беше уште потешко за транспорт, а главата стрчеше уште повеќе од порано.
- Кога ли ќе успеам еднаш да се ослободам од тебе, Жожо? - му велев, и секогаш кога ќе го свртев пред себе го наоѓав тоа негово глупаво лице, женкарски мустаќи, коса залижана со брилијантин, јазол на вратоврската што ѕиркаше од вреќата како од пуловер, сличен на пуловерите од времето чија мода тој и понатаму ја следеше. Можеби Жожо до модата од тие години пристигнал со задоцнување, кога тие работи веќе никаде не беа во мода, но тој, бидејќи во младоста им завидувал на типовите што биле така облечени и носеле таква фризура, од брилијантинот до црните антилопски врвови на чевлите, овој изглед го поистоветил со богатство, и кога и тој успеал да се збогати бил премногу обземен со својот успех за да погледне околу себе и да забележи дека тие на кои сака да личи сега изгледаат сосема поинаку.
Брилијантинот добро држеше, и кога му ја притиснав главата за да го пикнам во вреќата, косата на темето не се сплескуваше, туку само се раздвојуваше во крути прамени поткренати во лак. Јазолот на вратоврската малку се поместил; ми дојде некако природно да му го наместам, небаре мртовец со изместена вратоврска повеќе паѓа в очи од убаво стокмен мртовец.
- Ни треба друга вреќа за на глава - рече Бернардет, и уште еднаш морав да признаам дека интелигенцијата на таа девојка беше многу поголема од она што можеше да се очекува од некој со нејзин општествен статус.
Бељата беше што не успевавме да најдеме друга голема пластична вреќа. Во кујната имаше само една, портокалово ќесе за смет кое можеше добро да послужи за да му ја скрие главата, но не и да скрие дека станува збор за човечки труп ставен во вреќа со главата завиткана во помало ќесе.
Но исто ни се фаќаше, не можевме уште да се задржуваме во тој сутерен, моравме да се откачиме од Жожо пред да се раздени, веќе неколку часа го носевме наоколу небаре е жив, како трет патник во мојот кабриолет, и веќе им паднавме во очи на премногу луѓе. Како на оние двајца полицајци на велосипед што молчејќи се доближија и застанаа да нe гледаат додека се подготвувавме да го фрлиме во реката (мостот Берси еден миг пред тоа ни изгледаше сосема пуст), и веднаш јас и Бернардет почнавме Жожо да го удираме по грбот, превиткан со главата и со рацете што му висеа од оградата на мостот, а јас: - Слободно исповрати ги цревата, мон виеуџ, така ќе ти се разбистри главата! - викам, и го придржуваме двајцата, со неговите раце на нашите раменици, и го носиме до колата. Во тој момент гасовите што се создаваат во стомакот на труповите бучно излетаа надвор; а двајцата полицајци прснаа во смеа. Помислив дека мртвиот Жожо има сосема поинаков карактер од живиот, со оние негови префинети манири; ниту пак како жив ќе беше толку великодушен да им помага на двајцата пријатели на кои им се заканува гилотина зашто го убиле.
Тогаш тргнавме во потрага по пластична вреќа и по канта бензин, и веќе ни остануваше само да најдеме вистинско место. Се чини невозможно, во метропола како Париз, со часови да не можеш да најдеш згодно место за да изгориш труп.
- Зарем нема шума во Фонтенбло? - u велам палејќи ја колата на Бернардет која повторно седна до мене - покажи ми го патот, ти го познаваш градот. - И мислев дека кога сонцето ќе го обои небото во сиво веќе ќе бидеме на пат назад кон градот во колона со камионите со зеленчук, додека од Жожо ќе остане само изгорено и смрдливо купче на некоја чистинка со габери, а тоа ќе остане и од моето минато - исто така - велам, ова е вистинска прилика да се убедам дека сe од моето минато е изгорено и заборавено, како никогаш да не постоело.
Колку пати, кога забележував дека моето минато ми станува товар, дека има премногу луѓе што мислат дека имаат отворен кредит кај мене, материјален и морален, како што веруваа во, на пример, Макао родителите на девојките од “Градината од жад”, се сетив на нив зашто нема ништо полошо од кинески роднини кога ќе ти се закачат - а јас, баш поради тоа, кога ги ангажирав девојките секогаш сакав чиста сметка, со нив и со нивните семејства, и плаќав во готово, само да не морам да ги гледам како повторно доаѓаат кај мене тие исушени мајки и татковци во бели чорапчиња, со кошнички од бамбус што мирисаат на риба, со оној загубен изглед како да доаѓаат од село, додека сите, се знае, живееја во населбата до пристаништето - колку пати, имено, кога минатото премногу ќе ми натежнеше, во мене ќе се јавеше надеж дека ќе можам еднаш засекогаш да пресечам: да ја сменам професијата, жената, градот, континентот - еден по друг континент - сe додека не ги поминав сите - навики, пријатели, зделки, клиенти. Тоа беше грешка, а кога го сфатив тоа веќе беше доцна.
Бидејќи на тој начин само трупав минатото врз минато, ги умножував, па кога еден живот веќе ми изгледаше премногу густ и разгранет и заплеткан за да можам да го влечам зад мене, што да речеме за толку многу животи, секој со своето минато и со минатата на сите други животи што постојано се надоврзуваат едни на други. Секој пат залудно си велев: какво олеснување, го враќам бројачот на километри на нула, ја бришам со сунѓер таблата: следниот ден откако ќе пристигнев во некоја нова земја таа нула веќе станала цифра со толку нули што бројачот не може да ги собере, ја преполнила таблата од крај до крај со луѓе, места, симпатии, антипатии, погрешни чекори. Како онаа ноќ кога баравме згодно место за да го карбонизираме Жожо, со фаровите што пребаруваа по стеблата и по карпите, а Бернардет покажа на командната табла: - Слушај, само немој да ми кажеш дека сме останале без бензин. - Беше вистина. Поради сите оние проблеми во главата сум заборавил да го наполнам резервоарот и сега малку фалеше да се најдеме надвор од населено место со кола што не може да тргне, во време кога сите бензински пумпи се затворени. За среќа, сe уште не го имавме запалено Жожо: таман работа да останевме блокирани недалеку од кладата, ниту пак ќе можевме да избегаме пеш оставајќи таму една толку препознатлива кола како мојата. Накусо, единственото решение беше во резервоарот да ја пресипеме кантата со бензин што беше наменета да го натопи синиот костум на Жожо, неговата свилена кошула со иницијали, и да се вратиме што е можно побрзо во градот со надеж дека ќе смислиме некој друг план како да се ослободиме од него.
Сe понеубедливо си повторував дека секогаш некако сум се извлекувал од сите каши во кои сум упаѓал, како од убавите така и од лошите. Минатото е како сe подолга тенија што си ја носам свиткана во мене и не ги скратува прстените колку и да се обидувам да си ги испразнам цревата во сите нужници, во клозетски шолји и во чучавци или во затворски кофи или во болнички лопати или во полски дупки или едноставно во грмушки, вардејќи се да не скокне некоја змија, како оној пат во Венецуела. Минатото не можеш да го измениш како што не можеш да си го смениш името, зашто со сите пасоши што сум ги имал, со толку имиња што не се ни сеќавам на нив, сите секогаш ме викале Руеди Швајцарецот: каде и да одев и како и да се претставев секогаш имаше некој што знаеше кој сум и што сум направил, макар што мојот изглед со текот на годините многу се имаше променето, особено откако мојот череп остана без коса и пожолте како грејпфрут, а тоа се случи за време на епидемијата на тифус на бродот Стјарна, кога поради товарот што го носевме не можевме да се доближиме до брегот ниту пак да побараме помош преку радио врска.
И онака, заклучокот до кој се доаѓа по сите приказни е дека животот што некој го проживеал е еден и само еден, едноличен и компактен како изветвена покривка, во која не можеш да ги раздвоиш влакната од кои е исткаена. И така ако случајно посакам да се задржам на која било поединост од некој ден, посетата на некој Цејлонец што сака да ми продаде окот од штотуку излезени крокодилчиња во поцинкуван леген, можам да бидам сигурен дека и во оваа мала безначајна епизода се содржи сето она што сум го проживеал, сето минато, оние насобрани мината од кои залудно се обидував да куртулам, животите што на крајот се претопуваат во еден општ живот, мојот живот што продолжува и во ова место што решив да не го напуштам, ова куќиче со двор одзади во париското предградие каде го поставив мојот рибник со тропски риби, мирна трговија што ме обврзува на стабилен живот како никогаш досега, зашто рибите не можеш да ги оставиш ни на еден ден, а што се однесува до жените, на моја возраст имаш потполно право да одбегнуваш да си создаваш нови бељи.
Бернардет е сосема поинаква приказна: можам да кажам дека со неа работите ги изведов без грешка: штом дознав дека Жожо се вратил во Париз и дека ми е на трага, не чекав ни миг за јас него да го најдам, па така ја открив Бернардет, и знаев да ја придобијам на своја страна, заедно го испланиравме нападот, без тој да се посомнева. Во вистинскиот момент ја повлеков завесата и првото нешто што го видов од него - по толку години во кои се немавме видено - беше движењето напред-назад на неговиот огромен влакнест задник стиснат меѓу нејзините бели колена; потоа добро потстрижаниот тил на перницата, до нејзиното малку бледо лице што се помести за деведесет степени за да ми остави простор за удар. Сe се случи на најбрз и најчист можен начин, без да му дадам време да се сврти и да ме препознае, да дознае кој дошол да му ја расипе забавата, можеби без ниту да го забележи преминот од пеколот на живите во пеколот на мртвите.
Можеби така беше подобро, повторно да му го видам лицето дури откако ќе умре. - Играта заврши, старо куче - ми дојде да му кажам со речиси пријателски глас, додека Бернардет го облекуваше од глава до петици вклучувајќи ги и црните лакирани чевли со антилопски врв, зашто моравме да го одвлечкаме надвор преправајќи се дека е толку пијан што не може да се држи на нозе. Се потсетив на нашата прва средба пред многу години во Чикаго, во магацинот на старата Миконикос полн со бисти на Сократ, кога сфатив дека парите од осигурувањето за подметнатиот пожар сум ги инвестирал во неговите рѓосани коцкарски автомати и дека тој и онаа стара парализирана нимфоманка ме држат во шепа и ме вртат како што сакаат. Претходниот ден, гледајќи го од дините замрзнатото езеро ја вкусив слободата онака како што не ми се случило со години, а во рок од дваесет и четири часа просторот околу мене повторно се затвори, и сe се решаваше во еден блок од смрдливи куќи меѓу грчкиот и полскиот кварт. Имало десетици такви пресврти во мојот живот, во оваа или онаа насока, но од тој миг постојано се обидував да му се одмаздам, и оттогаш само се зголемуваше сметката на моите загуби. И сега, кога мирисот на труп почнуваше да се шири под мирисот на лошата колонска вода, сфаќав дека играта со него уште не е завршена, дека мртвиот Жожо може уште еднаш да ме упропасти како што толку пати ме упропастил додека беше жив.
Вадам премногу приказни одеднаш зашто сакам околу приказната да се почувствува заситеност од други приказни што би можел да ги раскажам и можеби ќе ги раскажам, или пак сум ги раскажал во некоја друга пригода, простор преполн со приказни што можеби е само времето на мојот живот, во кој можам да се движам во сите насоки како во простор, постојано наоѓајќи приказни, а за да ги раскажам морам претходно да раскажам некои други, така што од кој и да е миг или место да тргнам секогаш ќе ја најдам истата збиеност на материјалот што треба да се раскаже. Поточно, гледајќи го оддалеку сето она што го оставам надвор од главната приказна, гледам нешто како шума што се шири на сите страни и не дозволува светлината да помине, толку е густа, накусо, многу побогат материјал од оној што сега избрав да го ставам во прв план, и поради ова не е исклучено оној што го следи моето раскажување да се почуствува малку измамен гледајќи дека текот се разлева во многу поточиња и дека од основните факти до него доаѓаат само последните одеци и одблесоци, но не е исклучено токму тоа да сум сакал да го постигнам кога сум го започнал прикажувањето, или да речеме дека станува збор за една стратегија во уметноста на раскажувањето што се обидувам да ја применам, воздржаност која се состои во тоа да бидам малку под можностите на раскажувањето со кои располагам.
А тоа е, ако погледнеш подобро, знак на вистинско богатство, непресушно и сеопфатно, во смисла дека, на пример, доколку имав само една приказна за раскажување, претерано ќе се вртев околу таа приказна и најпосле ќе ја изгорев во прекумерната желба да ја расветлам од сите страни, додека со оглед на тоа дека имам речиси бескрајна резерва суровина за раскажување можам да ракувам со неа без возбуда и без брзање, оставајќи место да се пробие и одредена здодевност и дозволувајќи си луксуз да се расфрлам со споредни епизоди и неважни детали.
Секој пат кога ќе зачкрипи портата - јас стојам во просторот со базенчиња на крајот од градината - се прашувам од кое од моите мината доаѓа личноста што дошла дури до тука да ме побара: можеби е само од вчерашното минато и од истото ова предградие, чистачот Арап со низок раст што во октомври ја започнува својата обиколка куќа по куќа во потрага по бакшиш со честитка за Нова година, зашто вели дека неговите колеги си ги задржувале за себе бакшишите од декември и за него не останувала ниту паричка - но може да станува збор и за подалечните мината што го следат стариот Руеди и досегаат до портичката на Емпас: шверцери од Валез, платеници од Катанга, крупиеа од казината во Варадеро од времето на Фулџенчо Батиста.
Бернардет немаше никаква врска со ниту едно од моите мината; таа не знаеше ништо за старите приказни меѓу мене и Жожо што ме принудија да го отстранам на таков начин, можеби веруваше дека сум го сторил тоа за неа, поради она што ми го раскажа за животот на кој ја принудувал. И за пари, се разбира, кои не беа малку, макар што сe уште не можев да кажам дека чувствувам дека ми се во џебот. Нe поврзуваше заеднички интерес: Бернардет е девојка што ситуациите ги разбира без многу објаснување; од оваа мешаница или ќе успееме да се извлечеме заедно или и двајцата ќе пропаднеме. Но сигурно е дека Бернардет мислеше и на друго: за девојка како неа да опстане во светот мора да најде заштитник што си ја знае работата; ако ме повикала токму мене за да куртули од Жожо, тоа практично значи дека ќе го заземам неговото место. Во моето минато слични приказни имало дури и премногу, и ниту една немала среќен крај; затоа се повлеков од тој свет и не сакав да се вратам во него.
Така, кога го почнавме нашето ноќно одими-дојдими со него стокмен и удобно седнат назад во мојот кабриолет, кога таа седна до мене напред, па мораше да ја држи раката испружена наназад за да го придржува, додека ја палев колата таа одеднаш ја пружи левата нога врз рачката на менувачот и ја јавна мојата десна нога. - Бернардет! - извикав - што правиш? Сега ли најде? - А таа почна да ми објаснува дека кога сум провалил во собата сум ја прекинал во најнезгоден момент; не е важно дали со едниот или со другиот, ама таа морала да продолжи токму од тој миг и да оди понатаму до крај. Во меѓувреме со едната рака го држеше мртовецот, а со другата ме отпетлуваше, сите тројца стуткани во она количе на јавниот паркинг на Фобур Сент-Антоан. Ослободувајќи ги нозете со - морам да кажам - грациозни движења, ми ги јавна колената и речиси ме задуши во лавината на нејзините гради. Во меѓувреме Жожо само што не падна врз нас, но таа секој пат успеваше да го оттурне на време, нејзиното лице беше на само неколку сантиметри од лицето на мртовецот што ја гледаше со белките на ококорените очи. Што се однесува до мене, фатен на препад, со физички реакции што си одеа по својот пат претпочитајќи, се разбира, повеќе да u се потчинат нејзе отколку на мојата престрашена душа, дури без потреба да се помрднам зашто таа се погрижи за сe, е па добро, во тој момент сфатив дека она што го правиме е обред кој за неа има посебно значење, токму тука пред очите на мртовецот, и почувствував како мекото менгеме цврсто ме стега и дека не можам да му избегам.
“Се лажеш, девојко - сакав да u кажам - оној таму е мртов поради сосема друга приказна, не поради твојата, поради една уште незавршена приказна.” Сакав да u кажам дека имало друга жена меѓу мене и Жожо, во онаа уште незавршена приказна, и дека причината поради која скокам од една до друга приказна е затоа што и понатаму се вртам околу таа приказна и бегам, како првиот ден од моето бегство кога дознав дека таа жена и Жожо се здружиле за да ме уништат. Тоа е приказна која порано или подоцна сигурно ќе ја раскажам, но меѓу сите останати, без да u дадам поголема важност отколку на некоја друга, без во неа да вметнам некоја особена страст освен задоволството од раскажувањето и сеќавањето, зашто и сеќавањето на болката може да биде задоволство кога болката е помешана, не велам со нешто добро, туку со нешто различно, со нешто што се менува, со интересното, накусо, со она што слободно можам да го наречам добро и што се состои од задоволството да се гледаат работите од страна и да се раскажуваат како нешто што поминало.
- И оваа ќе биде убава за раскажување кога ќе се извлечеме од неа - u велев на Бернардет качувајќи се во оној лифт со Жожо во пластична вреќа. Нашиот план беше да го фрлиме од терасата на последниот кат во едно многу тесно дворче, каде што следниот ден кога ќе го најдат ќе помислат дека станува збор за самоубиство или пак за погрешен потег за време на некоја разбојничка акција. А ако некој се качи во лифтот додека се искачуваме и нe фати со вреќата? Ќе кажам дека некој горе го повикал лифтот додека го носев ѓубрето надолу. Всушност речиси зазори.
- Ти знаеш да ги предвидиш сите можни ситуации - вели Бернардет. А како инаку успеав да се извлечам, би сакал да u кажам, со години бегајќи од бандата на Жожо кој има свои луѓе во сите центри на големите зделки? Но, би морал да u ги објаснувам сите оние работи зад кулисите со Жожо и со таа другата, кои никогаш не се откажале од барањето да им ја надоместам штетата за стоката за која велат дека ја загубиле по моја вина, и сакаат повторно да ми го врзат на вратот синџирот на уцени што сe уште ме приморува да ја минувам ноќта барајќи сместување за стариот пријател во пластична вреќа.
И со Цејлонецот ми мирисаше на нешто слично. - Не купувам крокодили, јеуне хомме - му кажав. - Оди во зоолошка градина, јас се занимавам со друга стока, ги снабдувам продавниците во центарот, домашните аквариуми, со егзотични риби, во најлош случај со желки. Понекогаш од мене бараат игуани, но јас не работам со нив, премногу се чувствителни.
Момчето - имаше околу осумнаесет години - сe уште стоеше, со мустаќите и со трепките што личеа на црни перца на портокаловото лице.
- Кој те испрати кај мене? Ајде, баш ме интересира - го прашав, зашто кога е во прашање азискиот југоисток секогаш сум недоверлив, имам добри причини за тоа.
- Мадмоазел Сибил - вели тој.
- Каква врска сега ќерка ми има со крокодили? - извикувам, зашто иако таа одамна живее за своја сметка, секогаш кога ќе ми дојде некоја вест за неа се загрижувам. Не знам зошто, помислата на децата секогаш побудувала кај мене некаква грижа на совест.
Така дознав дека во некоја дупка на Плас Клиши Сибил изведува точка со кајмани; таа работа толку ме загрижи што не се заинтересирав за други поединости. Знаев дека работи во ноќни локали, но тоа дека настапува пред публика со крокодил, ми се чини дека е последна работа што некој татко би можел да u ја посака како иднина на својата единствена ќерка; барем некој татко што имал протестантско воспитување.
- Како се вика тој смрден локал? - велам, намуртен. - Баш сакам да одам да го ѕирнам.
Ми подава едно ливче со реклама и веднаш ме облева студена пот по грбот зашто тоа име “Нова Титанија” ми звучи познато, премногу добро познато, иако станува збор за сеќавања од другиот крај на земјината топка.
- И кој го води? - прашувам. - Да, кој е директорот, газдата!
- А, мадам Татареску, сакавте да кажете... - повторно го зема поцинкуваниот леген за да си го однесе окотот.
Го набљудував она мрдање на зелени лушпи, на нозе, на опаши, на разјапени муцки и како да ме треснале со тојага по черепот, во ушите се слушаше само тивко ѕунење, татнеж, труба од оној свет, штом го слушнав името на таа жена од чие погубно влијание успеав да ја спасам Сибил, затскривајќи ја трагата преку два океани, создавајќи за мене и за девојката мирен и тивок живот. Сe беше залудно: Влада ја нашла својата ќерка и сега преку Сибил повторно раководи со мојот живот, со онаа способност што само таа ја има во мене да пробуди најжестока одбивност и најтемна привлечност. Веќе ми испраќаше порака во која можев да ја препознаам: ова беснеење на рептили да ме потсети дека злото за неа беше единствен животен елемент, дека светот е бунар со крокодили на кои не можам да им избегам.
На ист начин подаден од терасата гледав кон дното на оној испукан двор. Небото веќе беше прилично светло, но таму долу уште беше црна темница и одвај можев да ја распознаам нејасната дамка во која Жожо се претвори откако се струполи во празнината со краевите од палтото раширени како крилја и си ги скрши коските пукајќи како огнено оружје.
Пластичната вреќа ми останала во раката. Можевме да ја оставиме и таму, но Бернардет се плашеше дека ако ја најдат можат да откријат како работите се одвивале, значи подобро да ја понесеме за да ја уништиме.
Кога го отворивме лифтот, во приземјето стоеја тројца мажи со рацете во џебовите.
- Здраво Бернардет.
А таа: - Здраво.
Не ми се допаѓаше што таа ги познава; дотолку повеќе што начинот на облекување, макар посовремен од оној на Жожо, сепак имаше сличности со неговиот.
- Што носиш во вреќата? Дај да видиме - вели најголемиот од тројцата.
- Погледни. Празна е - велам мирно.
Вовлекува рака. - А што е ова? - Вади лакиран црн чевел со антилопски врв.
◄ назад |
|