|
ДАЛИ НÈ ЛАЖАТ?
Апострофирајќи го митскиот статус на стилот во современото
општество втемелено во консумирањето, и преиспитувајќи ги
политиката и реториката на рекламната слика која е резултат
на индустријата на дизајнерите и огласувачите, Стјуарт Јуен
заклучува дека токму сликата, односно стилот, е она што нè
дефинира и што придонесува ние да ги дефинираме другите. Тоа
е механизам кој го одржува и одразува капиталистичкото
општество - потребата од постојано менување на сè
попривлечни производи. Најважната улога во таквото општество
ја имаат медиумите коишто, наместо да прикажуваат или
забавуваат, обликувани се со цел да ја привлечат публиката и
да мотивираат одреден стил на однесување. Нашата култура,
заклучува Јуен, е продорна инструментална медиумска култура
која во својот темел ја има идејата за менување на
однесувањето и идејата за општествена контрола, ако
огласувањето го сфатиме како облик на општествена контрола.
Иако во Македонија практиката на рекламите и огласувањето
зема сè поголем замав и сè повеќе влијае на општествените
процеси и вредности, интересот за ова подрачје, во теориска
и критичка смисла, како да не постои, како впрочем ни
поедуцирани проследувачи на она што се случува со нашата
огласувачка индустрија. Затоа преку преводи се обидуваме, не
прв пат, да допреме до некои од темите што ги придвижува
бурната и често контроверзната индустрија на рекламите.
Но, најпрвин неколку зборови за важната тема, поврзана, се
разбира, не само со огласувањето: ДАЛИ НÈ ЛАЖАТ?
◄ назад
|
|