Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 64 - избор од содржината

ЖАК ДЕРИДА (15.07.1930 - 08.08.2004)

(...)Смртта на Жак Дерида означува крај на една ера. Тој е последниот од генерацијата на француски филозофи кои револуционерно ја променија филозофијата во шеесеттите години на XX век. Дерида не ми значи толку колку што ми значат Фуко и Делез (или Делез и Гатари), или дури и Лакан, но беше филозоф кој навистина вредеше да се чита и кој имаше одредено (главно позитивно) влијание врз светот на идеите.
Кажано поинтимно: Дерида за мене беше важен бидејќи кога првпат ги читав неговите рани трудови, моето мислење за него се промени. Подоцна веќе не можев да гледам на нештата на ист начин. Нема многу писатели, филозофи, мислители за кои би можел да кажам нешто слично. Подоцна почнав да мислам дека Дерида не е толку длабок и ниту, пак, толку важен како што се филозофите кои влијаеле врз него (Ниче, Батај, Бланшо) или како некои од неговите современици и врсници (Фуко или Делез). Но она што Дерида ми го овозможе за разлика од другите е влезот во разбирањето и рецепцијата на веќе споменатите филозофи. Како прво, ми овозможи да ја сфатам радикалната случајност на сите значења и конструкции кои ги создаваме врз темелите на тие значења. Второ, неговите идеи за децентрирањето и за бесконечниот процес на релации или реферирања, и логиката на разликата, остануваат клучни делови на сите критики кои ги пишувам. Дури би рекол дека постои некоја необична синергија помеѓу она што го научив од Дерида и она што го научив со користењето на ЛСД дрогата (со која се сретнав прв пат во исто време кога се сретнав првпат со Дерида и кога почнав да го проучувам): и Дерида и ЛСД-то ми го обезбедија истото чувство дека сето она што е (интелектуално и емоционално) важно, може да биде исклучително кревко и непостојано.
Но веќе не земам психоделични дроги и немам потреба често да го читам Дерида. Сепак, и едното и другото остави голема трага врз мојата психа.
И на крајот, мислам дека филозофската важност на Дерида е во тоа што го заговараше духот на кантовската критика во доцниот XX век. За Кант една од најважните задачи на филозофијата е да се критикува и да се поништи она што се нарекува трансцедентална илузија. Тоа се, вели Кант, „софистикации не на човечкото суштество туку на чистиот ум. Дури ни најмудриот од сите луѓе не може да ги избегне; можеби може со голем напор да ја спречи грешката, но никако не може да се ослободи од илузијата која често го задева и му се подсмева". Дерида го следеше Кант во тоа што постојано ги истражуваше таквите илузии кои се вградени во природата на рационалноста и настојуваше , трпеливо и внимателно, да ги поништи, останувајќи свесен дека таквото поништување никогаш нема да биде целосно или конечно. Склон сум да мислам дека филозофите генерално му придаваат преголемо значење на разумот давајќи му поистакнато место од она што тој навистина го има во човековиот живот. Кога е веќе така, мене ми е јасно дека Дерида беше далеку подобар филзоф и далеку попосветен на рационалноста и на вистината од оние (а ги имаше многу) кои неупатено го обвинуваа дека е ирационалист, нихилист и опскуратор.(...)



Стивен Шавиро, Умните желеа на животот - психоделичниот Дерида, мозоците без тела, катастрофата без ѕверство,
Зарез, 18. 11. 2004



Во овој темат поместени се следниве текстови:
Жак Дерида: Писмо до еден јапонски пријател
Виктор Шиков: AcrobAt reAder
Стујард Сим: Дерида и крајот на историјата
Жак Дерида: Одговорноста и гостопримството
Сузана Милевска: Историја на една грешка: за отсуството на прецртаното битие



назад



 


 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |