Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 64 - избор од содржината

Бранко Прља
ВЕСТИ ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА

пренесуваме дел од
првото поглавје - ВЕСТИ ОД СЕГАШНОСТА


НОВА УСПЕШНА АКЦИЈА НА УРБАНАТА ПОЛИЦИЈА
“ЌЕ ОДАМ НА ЖУРКИ”, ВЕЛИ ПРЕОБРАТЕНИОТ ГРАЃАНИН

Рано изутринава, околу 5:30 по локално време, Урбаната Полиција изведе уште една од низата акции за подобрување на урбанистичкиот дух во нашиот град. Имено, УП влезе насилно во домот на 23-годишниот Т. Урбо и му ги одзема сите ЦД-а со турбо фолк содржини и истите ги замени со колекција на модерни техно ЦД-а. “Ние работиме во името на урбаноста. Т.У. беше пријавен од страна на соседите заради неговото неурбано однесување. Акцијата беше извршена брзо и успешно, а граѓанинот Т.У. вети дека отсега редовно ќе оди на журките на најголемите светски хаус ди-џеи, кои често го посетуваат нашиот град, и како што дознаваме од соседите тој веќе почнал со преслушување на вредните техно-компилации што му ги оставивме.” ни соопшти началникот на Урбаната Полиција, Ем Си Полис.



НОВИ СЛУЧКИ ВО ГИМНАЗИЈАТА “БИЛ ДЕБИЛ”
МЛАДИНАТА СÈ ПОБИСТРА

Завчера во гимназијата за американизација на вселената “Бил Дебил”, ученикот У.С. заради мешањето на еден од професорите во неговото изразување на слободни прдежи, го изрази својот револт со испуштање атомска бомба над непросветените жители на Јужна Камбоџа, бивша покраина Заир, сегашна Нова Куба. Ова надарено момче беше запрашано од нашите новинари за изборот на локацијата, на што тој одговори: “Тие се терористи, човече, а нивниот лидер, диктатор. Тоа го заслужуваат!” И што да се каже по ова, освен, ура, за нашата напредна младина!



ММФ ВО ПОСЕТА НА НАШАТА ЗЕМЈА
НАШИОТ ГРАД КОНЕЧНО СО КОНЦЕРТНА САЛА
Маму Му Факам (ММФ), патувачката театарска група од Јужен Кингстон, вчера пристигна и во нашиот град каде што во Салата на Универзумот одржа тричасовен хипнотички концерт. Сите граѓани кои не беа присутни на концерот присуствуваа на тричасовната масовна хистерија на аеродромот по повод испраќањето на оваа патувачка сензација. Хистеријата од масовна прерасна во семејна во домовите на несреќните граѓани. Сето тоа доведе до општо незадоволство и опаѓање на инаку одличната продуктивност на една, а всушност и единствена развиена индустриска гранка во нашата држава, производство на ништо, поради што се јави суфицит на нешто на кое никој не можеше да му најде намена. По повод тие случувања Министерството за култура одобри средства за изградба на огромна концертна сала во која ќе можат да се соберат сите граѓани, каде што нивните нервни синапси ќе бидат прочистени од вселенските звуци на светската музичка атракција. Така нашиот град конечно ќе добие концертна сала.

ВО “АРЕНА” ВИСТИНСКА АРЕНА
СУДИР НА ЦИВИЛИЗАЦИИТЕ
Дали Терор ќе го уништи Глобал?

На стадионот “Арена” утре во присуство на илјадници навивачи на Гол-купот ќе се одржи финалето наречено “Крвав-куп: Ловечко око”. Во финалето се очекуваат нови возбудувања. Ќе се сретнат “Терор” од ИРАК (Ирелевантните Рудиментирани Анти-глобалистички Корпуси) и “Глобал” од САД (Соединетите Анти-терористички Држави). Целта на финалните игри е да се откорнат што е можно повеќе делови од телото за кои се добиваат одреден број поени, а најмногу за “Окото на ловецот”, т.е. на капетанот на екипата.
“Каква борба очекувате”, го запрашавме г-динот Затру Ен Ум, организаторот на оваа спортска манифестација. “Се работи за судир на цивилизации. Од едната страна ги имаме Ирачаните, гадни момци, кои како деца играле фудбал на минските полиња ширум нивната татковина, одбрани крволочни гадови, а од другата вистински софистицирани убијци, воени ветерани кои присуствувале на сите воени конфликти во изминативе педесетина години предизвикани од силите на светското демократско преиначување, а нив ги немаше малку, нели?”

Токму така! И уживајте во крвопролевањето!



назад


 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |