|
КУЛТУРНА ГЕРИЛА
Лутер Блисет
Да живее неоизмот
Неоизмот е културно движење кое под влијание на футуризмот,
дадаизмот, флуксус и панк движењето се разви од Мејл артот во
доцните седумдесетти.
Неозимот е методологија за создавање историја на уметноста. Целта е
да се создаде интерес за делата и карактеристиките на различните
поединци вклучени во ова движење. Неоистите сакаат да побегнат од
затворот на уметноста и да го променат светот. Имајќи ја предвид
оваа мисла, тие на капиталистичкото општество му ја туркаат в лице
неговата сопствена мачна слика.
Секој може да стане неоист, сè што треба да направи е да се прогласи
за дел од ова движење и да го усвои името Лутер Блисет. Но,
неоистите не се ограничија само на ова име, туку го користат и името
Смиле (Насмевка), со кое ги нарекуваат своите поп-групи, перформанси,
па дури и списанијата.
Тоа е еден автентичен егзистенцијален експеримент, вежба од
практичната филозофија. Неоистите сакаат да откријат што се случува
кога веќе не се прави разлика меѓу произведените нешта и луѓето.
Но, иако веруваат во практичната филозофија, неоистите НЕ ЈА
ПОДДРЖУВААТ логиката што се студира на факултетите и останатите
авторитетни установи. Нивната логика ќе биде тестирана на улиците,
во кафеата и ноќните клубови. Таа подразбира создавање комунистичка
култура, а не теориски апстракции.
Капитализмот владее со материјалниот свет преку именување и
опишување на нештата со кои сака да владее. Правејќи ги имињата
бесмислени, неоистите го уништуваат средишниот контролен механизам
на буржоаската логика. Без тие класификации, власта веќе не може да
ги диференцира, дели и изолира револуционерните маси.
Заситени од фрагментарниот свет во кој живеат, неоистите одлучија да
земат заедничко име. Секоја акција во име на Лутер Блисет е чин на
отпор против поредокот на моќта и доказ дека со неоститите не може
да се владее. Лутер Блисет е вистински иднивидуалец во светот во кој
индивидуалноста е злосторство.
Конечно, неоистичката филозофија е револуционерен проект што е
придвижен за да се подобри човештвото. Неоизмот ги надминува сите
поранешни филозофии затоа што свесно се базира врз реториката,
наместо врз фактографските забележувања.
Неоистите веруваат во вредноста на измамата како револуционерно
оружје. Тие практикуваат валкана наука и редовно ги лажираат
резултатите. Служејќи се со оваа методологија, неоизмот со леснотија
ги сруши владејачките илузии поврзани со менталниот склоп на
“индивидуалноста” и сега полага право на угнетување на сите оние кои
одбиваат да ја признаат неговата вистинска човечност. Успехот на
неоизмот е историски неизбежен. ДА ЖИВЕЕ ЖИВОТОТ!
◄
назад
|
|