Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина 65 - избор од содржината

ЛЕКСИКОН НА ЈУ МИТОЛОГИЈАТА


избор



А

АДРИА
Основна организација на здружен труд во рамките на Здружението на уметниците од естрадата и сценските уметности во Југославија. Во првата половина од шеесеттите ширум СФРЈ гостува под името “Интернационален циркус Адриа” и презема дотогаш невидена маркетиншка кампања. А. исфрла од авион рекламни летоци и организира паради на слонови, артисти и кучиња по улиците на градовите-домаќини, што остава посебно силен впечаток кај децата и војниците. Членовите на трупата, исто така од рекламни причини, го кријат својот вистински идентитет и настапуваат под звучни англосаксонски имиња (“Џони Браун, бестрашниот кротител на лавови од Невада”). Исклучок е индискиот магионичар од Лесковац кој славата ја стекна под арапското име „Принц Фарук”. Подоцна, со развојот на други типови забава, циркусот како таков постепено ја загуби наклонетоста на публиката.
Дејан Новачиќ

АЈВАР
Дел од националниот идентитет и кујна. Покрај сармата, бурекот и ќебапите, најпознатото југословенско јадење, омилено кај сите југословенски народи и народности. Основни состојки: варени или, подобро речено, печени, па потоа мелени пиперки (оние црвените, т.н. „роги”, кои селаните во сезоната на подготвување зимница, омилената забава на нашите мајки, ги продаваат крај патиштата, во мрежести вреќи), патлиџани и лук. Како што е случај и со сармата, секоја југословенска домаќинка што држи до себе има свој рецепт за кој тврди дека е најдобар. Се прави во огромни количества, се става во тегли и се чува во шпајз, комплет со теглите со џем од сливи, слатко од вишни, кисели краставчиња, кисели пиперки и феферонки. Се разбира, постои и ајварот од продавница, но тој е толку инфериорен во однос на домашниот што не вреди ни да се спомнува. Официјално, ајварот е прилог кон јадењето (читај: месиштето), но најчесто се јаде како намаз врз леб (бел, секако).
Рефлексот за правење ајвар се задржал дури и во емиграцијата; во почетокот на секоја есен редовно ги гледам нашите домаќинки како ги опседнуваат турските пиљари и пребираат по пиперките-роги.
Ирис Адриќ


Б

БОЈАЏИ, АТИНА
Најголемиот херој на повоена Македонија, после народните херои. Прва жена која го преплива Ламанш. По повод подвигот снимен е еден од најинтересните македонски играни филмови “Исправи се, Делфина”.
Игор Тошевски

Атина Бојаџи е апсолутна ѕвезда на маратонското пливање. Родена е во Охрид на 13 март 1944 година, во семејна куќа на самиот брег од Охридското Езеро. Уште на 11 години ги држи македонските рекорди на кратки патеки во сите дисциплини, во слободен стил, делфин и грбно пливање. Двапати светски првак на слатки води, првиот пат само со 18 години, таа до денес останува најмладиот шампион на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња. Во 1962 година ќе ги скроти брановите на патеката Капри - Наполи за да стане светски првак на солени води. Во истата година прави и еден опасен подвиг. Маратонскиот пекол на патеката Саида-Бејрут ќе го започнат 25 пливачи, а само двајца ќе допливаат среде страшно невреме - Атина стигнува незапирливо на целта. Врв на нејзината кариера е Ламанж, покорен на 9 септември 1969 година. Беше тоа единствената жена од Балканот што ги преплива темните води на престижниот сон на секој маратонец. Таа епопеја во Југославија прерасна во мит со филмот “Исправи се Делфина” (1975) на Александар Ѓурчинов, со култната Неда Арнериќ во главната улога. Пливачката кариера ја заменува со тренерска, најнапред во белградскиот клуб “Црвена звезда”, а потоа и во спортски центар во Лос Анџелес. Во октомври 1991 година се враќа во Сараево за да стане селектор на босанската пливачка репрезентација и главен тренер на пливачкиот клуб “Босна”. Тогаш не ја насетува војната, но судбински ќе ги доживее ужасните сараевски зими, беспомошно сама и понижувана. Во студен јануарски ден 1994 година, со помош на потплатен унпрофорски офицер, го напушта Сараево, минувајќи преку фронтот на српската страна, со надеж дека конечно ќе го види синот. Следат кошмарни месеци на истрајување. Дури во летото 1994 година доаѓа во Македонија како почесен гостин на Охридскиот маратон. Претседателот Киро Глигоров ја убедува дека конечно се вратила дома. Од 1996 година ќе стане спиритус мовенс на организацијата на маратонот во Охрид, а подоцна и генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија. Иако материјално ненаградена од државата, во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието великан на македонскиот спорт, а во 2000 година весникот Утрински ја прогласува за спортист на векот. Атина Бојаџи е метафора за успех, но и парадигма за истрајување. Од блескавите врвови на славата до морничавите удари на војната и човечката завист, таа помина маратонска патека за да биде денес морален шампион над сите животни бури. Живее во крајна скромност во Скопје. Ретка легенда на некогашна Југославија, а по малку оставена од своите во Македонија.
Иван Додовски

БОЗА
Течна каша од житарици. Личи на разредена кал, но мошне е вкусна и калорична. Со децении најдобра боза во Скопје прави слаткарницата Апче.
Игор Тошевски / П. Вулкански

БРАНКА СТАНКОВСКА
Спикерка со неверојатно авторитативен глас, прва дама на РТВ Скопје. Нејзин заштитен знак беше феноменалната пунџа, крута и мистериозно еротична како пунџата на Ким Новак во Вртоглавица...
Игор Тошевски / П. Вулкански

БРАНКО КОЦКИЦА
Виновникот за утопискиот идеализам со кој се инфицираа цели генерации, особено со будилката: „У свету постоји једно царство”. „Другарите” ги повикуваше со извикот „тататарира”. Актер кој ќе остане најпознат како водител на детската емисија Коцка, коцка, коцкица, која беше прикажувана во среда. Децата од градинка во образовната програма ги водеше низ околината. Секое излегување беше вистинска авантура. Понекои, вистина, беа и разочарувачки. Во една емисија Бранко беше во Словенија, и со „другарите” одеше по планините да го бараат змејот. Му беа на трага и на многумина рацете веќе почнаа да им се потат од нервоза. На крајот навистина и го најдоа: над планината леташе човек со змај. Разочарани што тоа не беше вистински змеј кој блуе оган некои од нас тогаш престанаа да ја гледаат Коцкица.
„У њему је све лепо, у њему је све нежно, у њему се све радује” - да не бевме деца сигурно цинично ќе реагиравме на ваквиот тип утописки идеализам, но како да се заборават сите прекрасни утра што ни ги овозможи Бранко заедно со своите мали другари ширум Југославија.
Најдобар пример за Бранковата зацементираност во колективното сеќавање е што кај нас на улица потешко е да се наиде на бел тигар отколку на личност која нема да знае гордо да го испее уводниот сонг. Бранко денес го води белградското театарче ПУЖ („позориштанце”), а за многубројните генерации коишто израснаа со негова помош, тој останува еден од светилниците за среќното детство какво што денешните клинци тешко дека можат да го имаат. Татататира!
Сандра Антолиќ/Катарина Пеовиќ/ НоМад /Боро Шнајдер

БРИГАМА
Како во основно училиште учевме да ги запомниме соседните држави? „Југославија је окружена БРИГАМА: Бугарија, Романија, Италија, Грција, Австрија, Маџарска, Албанија”.
Ирис Андриќ



В

ВЕГЕТА
Подравкиниот додаток кон јадењата (сол /натриумов глутаминат и сушен зеленчук), еден од најпознатите извозни производи и десна рака на секоја домаќинка во СФРЈ. Веројатно еден од првите т.н. бренд продукти на Југославија со на сите познатиот нацртан лик на насмеан готвач кој ни ги покажува насмеаниот палец и показалецот. Вегетата била измислена од една сега веќе стара госпоѓа којашто сите во Копривница ја нарекуваат Тета Вегета. Фактот дека натриум глутаминатот, “тајната состојка” на Вегета го засилува вкусот одамна е познат и се користи во комерцијалните верзии на кинеската кујна.
Што се однесува до етимологијата на името, постојат две теории. Првата, онака како што ја дефинира речникот на Клаиќ, вели дека Вегета доаѓа од латинското “вегетус” - здраво, крепко, снажно. Друга теорија вели дека Вегета ги деривира значењата од составниците “витамини, глутамат” и, што е чудно, “тасте”.
Вегета е позната и по тоа што домаќинките од земјите на реал социјализмот беа подготвени за едно пакување на југословенските туристи да им дадат... па, речиси сè...
Дејан Кршиќ / Михајло Спасоевиќ / ур

ВОЗИ МИШКО
“Вози Мишко!”: чудесна императивна и стимулативна синтагма која е позајмена од култниот филм Ко то тамо пева, на Слободан Шијан. До ден денес, и после распаѓањето на СФРЈ, и после смената на генерациите, масовно се употребува, како чудно колективно несвесно, дури и кај генерациите кои веќе не го знаат ниту српскиот ниту хрватскиот јазик, а уште помалку филмскиот јазик на Шијан.
Овој чудесен поттикнувачки восклик беше парадигма за колективниот дух кој секогаш, и покрај сите барикади, ентузијастично ќе зачекори кон освојување на целта, (пред сè сообраќајна, па колку и патот до неа да е со кривини, бездни, тунели). Најчесто се употребуваше во следните контексти:
-школски екскурзии (кога шоферот беше изложен на тортура од учениците и од професорите, а тој стоички се претвораше во поделена личност со претензии да стане репрезентативен лик од светската литература, на пример: Доктор Џекил или Мистер Хајд)
-семејно патување на “наше море” (кога од необјасниви прични моравме да тргнеме во два саатот наутро, со сите тенџериња, со очи ширум затворени и кога патер фамилиас гордо ќе ја одредеше измачувачката сатница за паузи).
-во разно-разни пригоди наместо “среќен пат”
-во разно-разни ситуации кои немаат врска со сообраќајот туку се, повеќе или помалку, психолошки трансфери за поддршка од каков било тип.
Најзначајното нешто со воскликот “Вози Мишко!” е што сите полека заборавивме дека Мишко е полументално хендикепиран тип (брилијантно актерско остварување на Александар Берчек), приврзан за својот татко (одбележан со актерското мајсторство на Павле Вујисиќ), кој е сублимен пејзаж за грубијанската патријархална фигура на таткото актуелна и во денешните услови на самостојните држави, а бивши републики и покраини. Заборавивме дека начинот на кој Мишко вози е сигурен пат во пропаста. Важно сме весели и насмеани кога ќе си се отпоздравиме со “Вози Мишко”, без да се сетиме дека Мишко возеше со затворени очи. Вештина која нè следи како лоша карма веќе со децении.
Искра Гешоска



Г

ГАЛАКСИЈА
1. Првиот југословенски домашен компјутер. На почетокот можевте да го имате под следниве услови: ако го читате списанието Галаксија (види 2.), сте купиле печатена плочка, чипови, отпорници и што сè уште не, и сето тоа знаете да го залемите и споите. Подоцна можеше да се купи и составен, но чинеше речиси како Комодоре 64 - отприлика како југо за цена од голф со клима и воздушно перниче за совозачот.
2. Списание за популарна наука. Во Загреб излегуваше и Човекот и вселената, но не беше ни половина толку интересен. Веќе никогаш не видов нешто толку добро. Мајка на идното списание Рачунари (татко беше Дејан Ристановиќ).
Огнен Стрпиќ

ГОШЕВ, ПЕТАР
Едно од имињата што ја одбележаа пресвртната југословенска историја на македонскиот народ. Многумина сегашни аналитичари го прогласуваат за вечен политички лузер. Иако не сум сосема сигурен во тоа. Гошев е првиот политичар што има најдолг политички мандат (Гувернер на Народната Банка на Македонија), а кој не го заработи на терен, како некои, ами на најкласичен “комуњарски” начин: ќутенката. Со тоа блескаво почнатата кариера на овој ретко принципиелен политичар заврши со обратен лак - со погазување на иконата за самиот себе. Веројатно Гошев се умори од нови почетоци; во изминатите петнаесет години, Гошев неколкупати ја “рестартираше” својата политичка кариера. Изгледа дека во историјата ќе биде запаметен по победата над просрпски ориентираната струја на Милан Панчевски, и следствено, повлекувањето од седницата на 14 конгрес на КПЈ, по напуштањето на словенечката и хрватската делегација. Овој чин беше вододелница што го трасираше патот на независна Македонија, ја иницираше програмата за автономна, еквидистанцирана во однос на соседите, политика на Македонија, која во првите денови од осамостојувањето се покажа како најадекватна, и особено, на митски начин се оттргна од, со децении, во колективното несвесно апсолвираната претстава за Македонците како “измеќари” на српскиот интерес, и за Скопје како сателит, колонија на Белград.
И Гошев, како и Васил Тупурковски, покажа чудна тврдоглавост во однос на политичкото опстојување. За разлика од Панчевски, Ставрев, Глигорие Гоговски и останатите бившојугословенски политичари кои сосема исчезнуваа од политичкиот живот по претрпениот партиски пораз, Циле и Гошев наметнаа една, погубна, политика во македонската транзиција, “радио-активно” опстојување на политичката сцена по секоја цена.
Неколку години по победата на Гошев над Панчевски, мојот цимер носеше маичка “Црвено Куманово”, ре-плаѕ што ми овозможи да ги сфатам димензиите на последниот југословенски судир на македонската левица.
Роберт Алаѓозовски


Д

ДАН И НОЌ
Сараевска ноќна програма, веројатно најдобра од сите коишто тогаш се вртеа (т.е. ротираа) на ЈРТ. Прва можност за запознавање на југословенската публика со популарните серии коишто веќе беа широко распространети на Запад, на пр. Марфи Браун, Стар Трек, Црна гуја, Монти Пајтон и сл. По загинувањето на рударите во Алексинац привремено ги стопираа сите хумористични програми.
Стефан Бужаровски

ДЕТСКА РАДОСТ
Име на издавачка куќа од Скопје, специјализирана за книги за деца (подоцна и за возрасни). Во говорниот македонски, из-разот “Детска радост” означува инфантилно однесување на возрасна личност.
Ана Мишковска Каевска

ДИМИТРОВСКА, ЉУПКА
Загрепска пејачка на “лесни ноти”. Со постојаната насмевка што премина во гримаса и фацијален грч, со своите специфични шишки и песни кои беа речиси синоним за фестивалскиот “тра-ла-ла” жанр (кој не го памети оној морски марш Та твоја барка мала?) - се сомневам дека некој со повеќе од седум и помалку од педесет години ја сфаќаше сериозно. Песните ù ги компонираше нејзиниот маж и ментор Никица Колоѓер, прочуениот “д-р” на нашата естрада.
Но! Нештата најчесто не се онакви како што изгледаат, а за жилавите Балканци (од чие срце, нашата најјужна република, доаѓа таа!) тоа важи уште повеќе. Во случајот со Љупка Димитровска, ревизијата на нашите стереотипи и, признаваме, дури и безобразностите кон неа, беше двојна. Прво стигна од Исток, но - и од Запад. На врвот од својата планетарна слава, источноевропската лизгачка Катерина Вит за време на гостувањето во Загреб бараше автограм само од Љупка Димитровска, што многу кажува за нејзиниот статус во ДДР, но кажува и многу други нешта (на овој детаљ ме потсети Андреа М., за што бескрајно сум ù благодарен).
Во средината на деведесеттите, кога веќе сè беше пропаднато, престижното британско музичко списание Мојо еден од нејзините веќе заборавени синглови го стави на листата од 20 најдобри плочи на европскиот поп на сите времиња. Го, Лјупка, го!
Ѓорѓе Матиќ

ДОЛГИОТ НОКТ НА МАЛИОТ ПРСТ
За чепкање на разни нешта, увото, носот... Знак за рурална софистикација. Феминален елемент на балканските мачо типови. Културолошкиот симбол, распространет на целиот Балкан (Турција, Грција, итн.), порачува дека оној што носи долг нокт не работи физички работи.
аноним.


Ѓ

ЃУРОВСКИ, МИЛКО
“Фудбалер”, поранешен играч на Црвена Ѕвезда, Партизан, Гронинген, Марибор, “тхе Магициан оф Мацедониа”, “тхе ревелатион оф Дутцх фоотбалл”, како што го викаат на сајтот на Ајакс. Многумина зборуваа дека морал да премине од Ѕвезда во Партизан затоа што тоа му го наредила неговата девојка, а сега сопруга, Андреа Пукшиќ, во тоа време кошаркарка на Партизан. Му се заканувала дека ќе го остави ако не го направи тоа. Со својата прочуена “фудбалерка” и акцентот, изгледаше баш како стереотип за фудбалер. Се појави во некоја шоу-програма со Лепа Брена, кон средината на осумдесеттите и онака малечок, кусоног, особено покрај неа, висока па уште и во потпетици (а за “долгите нозе за играње” и да не зборуваме), срдечно ја отспа “работата” од која остана само нејзиниот навивачки рефрен, индеед - “Ооо, о, о, нам ни е најдобро”. Младите словенечки филмаџии, Јуриј Худолин и Митја Чандер пред некоја година за него снимија документарец Ко нам је жога падла на главо.
ур.


Е

ЕМА ЕСЕСА...
За разлика од повеќето популарни невербални броенки на нашето детство (секако најпозната и најраспространета е: “Ен ден дину сава рака тину сава рака тика така елем белем буф триф труф”) мојата омилена беше сосема куса и исклучително мелодична, практично без тврди согласки, па затоа и со значително поинаков ритам од останатите. Гласеше: “Ема есеса есеса пипија”...
Никогаш не ми паднало на ум да трагам по нејзиното евентуално значење: детството е единствен период во животот кога не си ја трескате главата со прашања што не можат да се одговорат, кога нештата ги прифаќате онакви какви што се, па така и фактот дека “зборовите” во броенките не значат - ништо. Или, уште попрецизно, дека значењето што е искажано во зборовите, не е можно да се објасни со зборови.
Дека не е баш така, се уверив многу, многу години подоцна. Во мај 1999 година, на својот пат до Мексико, се најдов во Љубљана каде поминав десеттина дена дружејќи се, меѓу останатите, и со Вук Косиќ (уметник од Белград кој веќе со години живее таму). Во еден разговор ги спомнавме броенките. Така дознав - не без изненадување - да Ема есеса воопшто не е она што сметав дека е, некаква звучна песна во мало. Нејзиното значење е конкретно и не може да се доведе под сомнеж. “Така се спелува зборот ‘Мисисипи’”, ми објасни Вук со насмевка. Бев шокиран, па сепак: моето чудење не се претвораше во разочарување со откритието дека она што со години го рецитиравме како “Ема есеса есеса пипија” всушност гласи “Ем-ај-ес-ес-ај-ес-ес-ај-пи-пи-ај”, значи, дека нашата невербална песничка, таа чиста Дада без дадаисти, сепак нешто - значи. И тоа: Мисисипи. Ни помалку ни повеќе.
Дали на овие простори ја донеле американските војници за време на Втората светска војна, научувајќи ги локалните дечишта што ги привлекуваше нивното присуство, а деца како деца - ја запамтиле песничката, но го заборавиле значењето, па таа слободно се ширела понатаму и живееше меѓу нас со децении, стигнувајќи дури до мојата генерација за која (иако родена само дваесеттина години подоцна) периодот на Втората светска војна делуваше поблиску до Средниот век отколку на нашето време. Не знам со сигурност, но ми изгледа многу можно. Војните се неверојатна работа. Ете што сè, во толку драстични околности, може да стигне до вас во пакет во Трумановите јајца, мастиките со цимет, пченката од Јужна Каролина и првите џез плочи.
Владимир Арсенијевиќ

ЕУРОКРЕМ
Првиот југословенски чоколаден премаз, изработен по италијанска лиценца и проследен со бомбастична пропаганда. Го произведуваше Таково од Горњи Милановац. Иако е предвидена да биде производ за деца, малата коцка Еурокрем беше составен дел од ужината, оброкот меѓу појадокот и ручекот во ЈНА. Затоа беше многу популарен меѓу војниците, кои го употребуваа за интерна трговија, на пример: Еурокрем за две паштети, или пак за трампа со селаните за време на “маневрите” (вежби на терен) во Босна и Србија. На пр.: Три Еурокрема и месен нарезок за шише сливовица!
Во Хрватска најоплакуван производ, оваа легендарна таковска гастрономска прослава во себе го спои, не наизглед туку навистина неспоивото: родителскиот императив за зрава исхрана и детската желба за природно слатко уживање. Беше мачкан на леб, или сркан со лажица, без разлика дали станува збор за црното или белото, сите Киндер Лади и Нутели на овој свет никогаш нема да го надоместат овој Монт Еверест на гастрономското задоволство. Само да прашаме: дали знаете некој што успеа да го намачка лебот онака како на рекламата, пола бело, пола црно?
НоМад/аноним.


Ж

ЖИВОИНОВИЌ, ВЕЛИМИР БАТА
По другарот Тито “најголемиот народен херој од ИИ светска војна”, заедно со воениот другар Борис Дворник со свои раце собори десеттина германски авиони, сруши стотина мостови и трчаше илјада километри на погребот на “ќопавиот Загорец”. Освен тоа, се истакнуваше како еден од најголемите љубовници на југословенските подвижни слики. Во почетокот на деведесеттите го занемарува актер-ството, станува политичар, влегува во Југословенското собрание, а во слободното време се посветува на пишување писма упатени кон поранешниот воен другар Дворник.
Најпрепознатливиот глас на нашето актерство, со оној назален тон звучеше како да има полипи на грлото, а неговата неопислива леснотија при глумењето, “хиперреалистичкиот” стил и улогите што ги глумеше направија Бата да стане синоним, стереотип за “Србин”, балкански мачо тип и апсолутно најпознат домашен актер.
Коментарот на Дражен Матошец, тв-критичар во некогашното Студио, по повод една мета-сцена во Подобар живот, најконцизно ги кажува нештата, иронично и сериозно. Кога Светлана Бојковиќ ја отвора вратата и изненадено прашува: “Кој сте Вие?”, Матошец пишува отприлика вака - “Какво прашање, Светлана? Па тоа е нашиот Бата.” Токму така.
НоМад.


З

ЗДЕНКА СИРЕЊЕ
Топено сирење за мачкање во кружни кутии во кои имаше по шест триаголни сирења, некои ги викаа коцка. Секој триаголник, колку што се сеќавам, одвај да беше доволен да се премачка кришка леб и обично се купуваше само кога се оди на излети, на море и сл.
Инаку фабриката за сирењето се наоѓа во Велики Зденци покрај Дарувар (Старочешко пиво), а постојат и Мали Зденци, па на прашањето “Од каде си?” жителот на Мали Зденци по правило одговара: “Од Зденци”. Се разбира, жителот на Велики Зденци на истото прашање одговара: “Од ВЕЛИКИ Зденци”.
Златко Куриќ

ЗЛАТНО РАЗВИГОРЧЕ
Списание што се продаваше од прво до четврто одделение во македонските училишта. Демек, не мораш да го купуваш, но бидејќи учителката кажува дека мора да се претплатите за цела година, нема избор. Благајникот ги собираше парите и го делеше наоколу.
Ако не го направиш тоа ти се одразува на оценките, а следи и интелектуална отфрленост од страна на твоите другари. А внатре: фантазија - неколку страници поезија и проза, неколку слики, цртеж и еден виц.
аноним.


Ѕ

ЅВОНАРКИ
Панталони што од колената надолу се ширеа, колку повеќе толку подобро. Чисти седумдесетти.
Небојша Параушиќ


И

ИДОЛИ
Прво беше групата Мерлин, па потоа Влада и Зденко како Звук улице на петиот кат на Београѓанка свиреа хитови од шеесеттите. Потоа заедно со Срѓан Шапер, Небојша Крстиќ и Божо Јовановиќ, а под супервизија на уметничкиот фотограф Драган Папиќ ја основаа групата Дечаци. Дечаци, следејќи ги идеите на Папиќ, беа актери на разни акции што тој ги фотографираше и објавуваше во списанието Видици: Дечаци во посета на болница, Дечаци цртаат графити, Дечаци еманципираат жени...
Во 1980 година го променија името во Идоли. Како што групата, барем во јавните толкувања, често инсистираше на т.н. медиумска манипулација, така и фотографиите на Идоли беа многу внимателно избирани и изработувани. Во вториот дел од кариерата, Идоли најчесто беа фотографирани од Горанка Матиќ. За четири години од своето постоење групата ги издаде сингловите: Ретко те гледам со девојки/Помош, помош, Ретко те гледам со девојки/Маљчики, учествуваше на компилацијата Пакет аранжман, издаде мини ЛП ВИС Идоли и албумите Одбраната и последните денови и Чоколада. Најголем хит на Идоли секако остана песната Маљчики (Еден, два три... Маљчики!)
Албумот Одбраната и последните денови во повеќе анкети е прогласен за најдобар домашен рок албум на сите времиња. Идоли во француското списание Ацтуел во 1983 година се сместени меѓу десетте најдобри млади европски групи и тоа на четвртото место. Претходните позиции ги заземаа Ѕелло, Депецхе Моде и Фалцо. Идоли се распаднаа во 1984 година, а за причините за распаѓањето постојат неколку различни верзии.
Горан Тарлаќ

ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА
Можеби најкултниот македонски филм, еден од првите со поурбана и понормална содржина. Неда Арнериќ го препливува Ламанш... Но, најважно од сè беше нејзиното бикини...
Игор Тошевски


Ј

ЈУГО
Патнички автомобил што го движат 32 киловати, 45 коњи, 900 кубици, со должина 3.940, ширина 1.580 и висина 1.390 мм. “Југо” е најпопуларниот автомобил од југословенско производство. Во производство влезе околу 1983 година и никако нема намера да излезе. Варијациите на моторот се од 45 до 65 кс, а варијациите на налепниците на задните врати се од 45, 55, 65, 60ефи, 45а, 55а, 45аџ, 55, аџ, 55еџ - тој со поголем број чини поскапо. Наравоучение: симнете ја налепницата од соседот, а купете поевтино. “Југото” е познато по долгото чекање дури да се добие откако сте ги уплатиле парите (и по повеќе години). Исто така е познат по тоа што фабриката Застава со своите муштерии играше игра на изненадување под наслов “Погодете какво е вашето возило!”; на око сите се исти и како нови, но зависно од квалитетот што варира некое ви трае неколку го-дини или 30.000 километри, додека со другите можете да возите 10-15 години и 150.000 километри без никакви проблеми, дури и да посакате повторно да купите исто такво.
Во почетокот на деведесеттите почна често да се појавува во американските филмови. Брус Вилис го вози во Умри машки 3, се појавува во филмот Гавранот со Брендон Ли. Во филмот Старт Флег ја престигнува групата ликови кои возат “њв царавела”, а еден од нив коментира: “Може ли овој “њв” да оди побргу, гледај што нè претекнува...”, додека во Боњфингер на Стив Мартин се појавува на плакатот зад главниот актер во времетраење од цели две секунди. Сепак, најзастапен е во скорешниот холивудски филм Дроњнинг Мона, каде што цела една населба вози само - “југо”. За таквата атмосфера во американската јавност придонесе деловниот потег на еден автодилер од Њу Џерси, кој својата фирма ја рекламираше со паролата: “Ако купите автомобил поскап од 30.000è бесплатно добивате ‘југо’”!
Бизнисот на столетието, како што е наречен проектот “југо”, почна неславно. Белградската телевизија во живо го пренесуваше поаѓањето на првиот воз натоварен со “југовци” кон пристаништето Бар, од каде требаше да тргне кон Америка. Целата таа фешта беше накитена со високи гости и со директен тв пренос, иако се знаеше дека возилата не се довршени. Утредента возот се врати во фабричкиот круг, за да се дозавршат. Вистински мит (веројатно апокрифен) стана приказната за сопственикот на “југо” кој не можел да го отвори прозорецот на својот нов автомобил, а кога го симнал тапацирот на вратата, пронашол порака од некој работник на Црвена Застава: “Каква плата таква врата!”.
Марко Тасиќ/Борис Поповиќ/аноним.

ЈУТЕЛ
Последен грч на единство помеѓу јужнословенските републики: основана од страна на федералната влада, организирана од силите на “прозападните” медиумци од Триглав до Гевгелија, оваа телевизија се емитуваше од студијата на Телевизија Сараево. Најпозната е веста-извештај од словенечкиот фронт - “Другар, што се случува овде?”, одоговор на војникот: “Па тие демек како да сакаат да се отцепат, а ние демек не им даваме...”. Популарни беа и телефонските броеви што секој граѓанин можеше да ги бира и да го даде својот глас - “да” или “не” - на актуелна тема... Помеѓу останатото темите беа: Дали сте за или против слободни избори? Дали сте задоволни со одлуката на федералната влада за котирање на националната валута за германската марка?
Со релативно краток век. Во Белград просториите на Јутел беа растурени од страна на националистите. Полицијата не се согласи да направи увид.
Драган Ахмедовиќ


К

КВИСКОТЕКА
Најдобриот југословенски квиз на сите времиња и еден од најуспешните производи на ТВ Загреб. Уредник: Лазо Голужа; водител: Иван Хетрих, потоа Оливер Млакар; продуцент: Јозо Бркљајчиќ; уредничка: Маја Јурковиќ; режисер: Егон Шостариќ; компјутерски ефекти: Драган Жалац. Произведени (многу) повеќе од 100 емисии. Се состоеше од повеќе игри: Да/Не прашања, Детекција, Асоцијација итн. Заштитен знак и маскота на квизот беше Квиско (модернистички дизајн на Мирослав Шутеј), кој за време на играта можеше да се вложи како џокер, фигура што го дуплира бројот на вложените поени, иако во подоцнежните изданија на Квискотека Квиското не можеше да се вложи во Асоцијацијата па практично беше вложуван во последната и одлучувачка Игра на прашања и брзи рефлекси. Гледачите го изработуваа Квиското од најразлични материјали и ги испраќаа своите дела на редакцијата на емисијата за да бидат покажани.
Едно од прашањата на Квискотека што остана запаметено: Кога стоиш на планетата Земја и сакаш да ја видиш Месечината - тогаш гледаш нагоре. А кога би стоел на Месечината и сакаш да ја видиш Земјата тогаш треба да гледаш:
а) горе
б) долу
в) малку горе, малку долу
Еден од тројцата натпреварувачи го избра одговорот под в. Оливер Млакар сепак успеа да го задржи сериозното лице. Секоја чест.
Најголемата ѕвезда на квизот беше некојси Радослав Додиг - апсолутен шампион на серијата и човек со зачудувачки ментални способности. Стана ѕвезда благодарение на својот неверојатен талент за откривање во Играта на асоцијации. Додиг знаеше да го отвори првото поле (од шестнаесет) и веднаш да го погоди конечното решение. Фантастично!
Драгољуб Покрајац / Саша Свитлица / аноним.

КО ТО ТАМО ПЕВА
Филм во режија на Слободан Шијан (1980). Патувачки циркус на фирмата Крстиќ размонтиран до лудило во друштво на најбизарната галерија ликови која некогаш се нашла на едно место, од будалестиот возачки двоец татко-син до мистериозната баба на задното седиште. А сето тоа со единствениот саундтрак на светот кој ги популаризираше дромобулите!
НоМад


Л

ЛЕБ И СОЛ
Кога во 1977 година Леб и сол првпат се појавија предизвикаа колективно запрепастување. Гитаристот Влатко Стефановски, басистот Бодан Арсовски, клавијатуристот Коки Димушевски и тапанарот Гаро Табетјан тогаш во просек имаа дваесет години, но преку зрела етно џез свирка поставија сосема нови стандарди. Од класично пасивното Скопје дотогаш немаше стигнато ништо толку музички довршено, емотивно и оригинално. Една од првите песни што ги слушнав од нив се викаше Ние четворицата. И тоа беше тоа. Четворица индивидуалци што функционираат како здрав организам. Леб и сол ù го понудија на сцената она што ù недостасуваше: светско ниво и авторски однос кон музичките корени. Нивните обработки Јовано Јованке, Абер дојде Донке, Зајди, Зајди, Миле поп Јорданов беа и останаа закон за вдахновено цитирање на етно изворите. А авторските инструменталки и заводливите хитови Као какао, Скопје, Чукни во дрво станаа колективно музичко богатство на овие простори. Особен печат на групата ù даде и тапанарот Драгољуб Ѓуричиќ кој во текот на осумдесеттите свиреше со нив. Кон крајот на 1995 година престанаа со работа и како што можеше да се очекува сите четворица оригинални членови го продолжија музичкиот живот низ плодни самостојни кариери.
Петар Јањатовиќ

ЛУНОВ СЕТИЛЕН МАГНУС
Воопшто не се разбирам во стрип. Секогаш кога на телевизија гледам емисија за некој познат цртач и кога по многу минути фалење ќе му ги покажат и цртежите ми станува досадно.
Во својот стриповски развој застанав на јунаците од Златна серија и Лунов магнус стрип и оттаму, со исклучок на неколку наслови, ни ден-денес не се помрднав. Ги обожавав и ги следев авантурите на четири јунаци: Текс Вилер, Командант Марк, Велики Блек и Загор. Дали е тоа сè. Главно. Ги сакав и стриповите од Политикин забавник: Фантом, Делта 99, Дердевил или Рип Кирби. Потоа уште и Алан Форд и Модести Блејз, и тоа би било сè. Подоцна ми даваа стрипови од познатите цртачи, разни супер-јунаци, но - ништо. Овие четири јунаци: Текс, Блек, Марк и Загор се единствените заради кои и денес со уживање одам во кревет со стрип во рацете.
Омилен ми е Текст Вилер и тоа токму поради детската љубов кон вестерн филмовите. Како дете, во сабота честопати гледав вестерни со татко ми. На тоа се сетив пред неколку години, кога на неделата на новиот британски филм го гледав Касапчето (Бутцхер боѕ) одличен филм на Нил Џордан. Во него постои дел кога таткото и синот заедно гледаат некаков вестерн со тоа што таткото некои сцени ги придружува на труба. Мојот татко не свиреше труба на каубојските филмови, но сепак сјајно се забавувавме. Вестернот ја разбуди мојата љубов кон Америка или, поточно, кон некои нејзини предели, така што и ден денес за мене најсилни асоцијации на оваа земја се, освен Њујорк, Тексас и разни зафрлени места, овековечени во рекламите на Марлборо. Секој филм што ги донесуваше оние предели од мојот прв детски судар со Америка ќе ме приковеше за филмското платно или за телевизорот, како на пример Телма и Луиз.
Иако можеби најомилени филмови ми се американските Боогие нигхтс и Магнолија на режисерот Пол Томас Андерсон, пределите низ кои се возат Телма и Луиз се сепак подарок-карта за возење во детството.
Текс Вилер е најдуховитиот од сите горе споменати јунаци. Најдобар пријател му е малку постариот Карсон, со кој секогаш разменува духовити забелешки. Има син со индијанка чијшто најдобар пријател е исто така индијанец. Понекогаш сите четворица заедно работат на некој заплеткан случај. Најдобри делови со тепачки се оние во кои се прикажува доаѓањето на Текс во нов град, поточно во салунот на новиот град. Тука обично Текс ги средува локалните бараби што ќе го испровоцираат.
Првиот стрип од Златната серија што го купив се викаше Бродот на сенките, а главен јунак беше Командант Марк, водач на родољубите во борбата против Англичаните. Постојани следбеници му се Блаф (бивш гусар) и индијанецот Жалосна Сова. Заедно со останатите родољуби наречени “Волците од Онтарио” живеат во тврдината Форт Онтарио. За разлика од останатите јунаци, Командант Марк е единствениот во постојана врска со девојка - убавата русокоса Бети. Марк никогаш не ја лаже иако во некои епизоди се гледаат елементите на нејзината љубомора. Во стрипот нивниот однос е прикажан класично: Марк, маж, секогаш на деловен пат, Бети, жена, во кујната или со метлата во раце, иако постојат епизоди во кои се гледа како Марк ја носи Бети во шопинг.
Вториот дел од воениот рок го поминав како граничар во Словенија, на караулата Вогринка, осамена на планина на границата со Италија. Неколку дена откако дојдов на оваа караула, дознав дека војниците во неа се нарекуваат “Волците од Вогринка”. Војската од децата прави луѓе, но луѓето секогаш остануваат по малку деца.
Велики Блек. Го открив како дете, едно утро, на патот за плацот. Во почетокот одличен, подоцна му опаѓа квалитетот. Најдобри пријатели му се професорот Окултис и Роди, дете чиј апетит не заостанува зад оној на професорот. Како и Командант Марк, и Блек е борец против “Црвените мундири”. Многу години пред тв хероината Али Мекбил, Блек Стена ни го откри Бостон, најблискиот град во кој, одвреме-навреме, поминува.
Конечно, Загор, Духот со секира, јунакот од Дарквудската шума, со верниот следбеник, Чико. Како и во случајот со Блек, квалитетот на овој стрип со текот на времето опаѓаше, особено во епизодите кои обработуваа појави на вонземјани. Дарквудско Досие икс? Или Молдер на почеток се викаше Загор? Како и да е, овој стрип е толку влијателен што една од најдобрите белградски групи денес се вика Дарквуд даб. Пред некоја година, на еден роденден, нашиот пријател Младен, одеднаш, без никаков повод, ја изговори реченицата: “Ете, Загор. Неговата секира е тркалезна како јајце, па пак сече сè пред себе”. Таа нелогичност не ја интересираше пејачката на мојот бенд, Ема, за која Загор е најзгоден од сите стрип јунаци, и тоа заради најдобрите мускули на рацете и феноменалниот газ.
Зошто овој текст го нареков Лунов сетилен магнус? Затоа што секогаш чувствувам глад кога во стрипот за Велики Блек ќе ги видам оние колбаси во мрежичка, затоа што секогаш ми се јаде ручекот што го подготвува Бети и затоа што најрадо би дремел и кулирал на ритчето над Форт Онтарио со одличен поглед на тврдината... А кафе? Во кафето се заљубив како дете читајќи го Текст Вилер. Уживањето во овој напиток никаде не е прикажано подобро од деловите на овој стрип кога Текс и Карсон запираат во некоја карпеста тунгузија и густираат жешко кафе од големи ламаринени шољи додека се смрачува.
Ќе ви откријам нешто што го знае само мојата девојка Оља. Јас веќе преку дваесет години се успивам замислувајќи сцени од овие стрипови. Затоа и напишав дека честопати и денес некои епизоди ги читам баш пред спиење. Потоа го гасам светлото и во свеста ги враќам оние предели замислувајќи го чадот од кафето што го вари Текс, или дремам во тврдината Онтарио по ручекот на русокосата Бети. Сонот најбргу ми доаѓа кога замислувам дека спијам со седло под глава додека огнот тивко пука.
Добро. И училиштетото и војската и факултетот и работата прават од детето човек. Но човекот секогаш останува по малку дете. Можеби затоа оваа година за роденден Оља ми ја поклони книгата Западна Америка од едицијата Тасцхен во која се наоѓаат слики од сите оние прекрасни карпести предели и кањони што ги засакав читајќи го Текс Вилер. Со кратка посвета: “Да сонуваш убаво”.
Бранко Росиќ


М

МАКЕДОНИЈА=ХРВАТСКА
Популарната митологија зборува дека во раните седумдесетти (Адолф) Дадо Топиќ за групата Тиме напиша песна со стиховите: “Кад си сам/ Кад је све тужно/ Ти се сјети нје/Хрватска ти даје/ Лјубави све.” Бидејќи во меѓувреме е објавена политичка пресметка со “пролетарците”, таквото истакнување изгледало несоодветно па саканата земја стана најјужната ју-република - Македонија. Второто читање беше дека тоа е песна за зелените полиња со марихуаната што се одгледуваше таму. Што се однесува до интерпретацијата во националниот клуч, таа веројатно е погрешна затоа што и хармонијата и ритамот се омаж на македонскиот фолклор, што е јасно дури и од она легендарно деветосминско броење на почетокот: “Јед, два, три/ јен, два, јен, два / јен, два, три / јен, два, јен!”.
Дејан Кршиќ / Ѓорѓе Матиќ

МАРИКА (СЕ ВОЗИ СО АВИОН)
Серијал детски сликовници увезени од Америка, популарни во Македонија во седумдесеттите...
Игор Тошевски

МОРЕ
Наспроти морнарскиот извик “копно!” радосниот извик “море!” можеше, таму некаде во педесеттите, да се слушне во купеата и ходниците на натрупаниот воз кој после повеќечасовно тресење за време на ноќта, во раното јунско утро, ќе излезеше на ридот на Цриквеница или некое друго приморско место, од каде за првпат можеше да се види некое сè уште далечно парче од морето. Оние што го чекаат овој миг - а тоа не се само децата - веруваат дека со појавата на морето и воздухот што го сечат рацете испружени од прозорците стануваат помеки, па дури и во тоа дека шините на возот на појавата на морето одговараат со весело брмчење.
Иван Чоловиќ


Н

НАДРЕАЛИСТИ
Швеѓани на привремена работа во Сараево - Топ листа надреалиста
Сите ја паметат оваа култна пророчка серија. Паметат дека ја предвидоа мега крвавата журка, поделбата на Сараево и изградбата на Сараевскиот ѕид преку кој сарајлиите т.е. сите ние си го префрлавме домашното и долго ем грижливо одгледувано ѓубре, мировните интервенции на сомнителната фантазма наречена Меѓународна заедница, новите непремостиви граници, јадот, бедата, сиромаштијата...
Но дали се сеќавате на епизодата во која бившата ни татковина, по сите поделби и голготи, станува напредна и богата земја во која, осиромашените (ш‘о духовно, ш‘о морално, ш‘о материјално) Западни Европјани – во случајов Швеѓани - доаѓаат да си ги најдат среќата и душевниот мир. Па работат во слаткарница, а во слободно време играат тенис. Во работно време, пак, за да не излезат од форма, си ги подаваат топчињата сладолет со тениски рекети, и среќни се, среќни, среќни... А полниот со разбирање газда, им влегува во положение и им дозволува да одат на пауза и да одиграат една партија тенис... Каква утопија, каква идила, каква иднина нè чека пријатели... Стрпете се и ќе ги видите збудалените западњаци како нè молат за парче од нашата исконска мудрост и леб (во случајов сладолед, ама така оди муабетот).
Тамара Буштреска

НОВОКОМПОНИРАНА НАРОДНА МУЗИКА
Музички стил под влијание на традиционални српски и босански изворни фолклорни песни; покрај традиционалните инструменти се користат и синтисајзери, електрични гитари и сл. додека вокалистот има исклучително нагласен вибрат; тематиката е главно со љубовно-меланхоличен карактер. Најчесто се изведува во кафеани или на венчавки на чело со предизвикувачка вокалистка (“пејачка”), додека големите ѕвезди на ННМ одржуваат масовни концерти на стадионите или во спортските сали. Најпознати изведувачи се: Лепа Брена, Шабан Шаулиќ, Халид Муслимовиќ и Шериф Коњевиќ.
Тамара Грубер/Ана Божичевиќ

Во музичка смисла, новокомпонираната народна музика претставува парафраза на фолклорните мотиви на населението на југоисточна и централна СФРЈ (посебно на Селџуците и Парсите). Се изведува на традиционалните народни инструменти (Даллапе, Ѕамаха, Фендер Стратоцастер), главно во угостителските објекти, на спортските стадиони и во клубовите на иселениците. Покрај зачувувањето на музичкото наследство ННМ е посебно значајна по мисловните дострели и поетската вредност на своите текстови.
Во тематска смисла, авторите на ННМ големо внимание посветуваат на фундаменталните метафизички прашања, посебно на проблемот на теодицеја (“Што му згрешив на Бога”, “Зошто мајко толку патам”) но не се запоставуваат ниту поединечните науки и дисциплини, на пр. компаративната социологија (“Моето село поубаво од Париз”) или психијатријата (“Ама би лудеела но не ми дава мама”). Што се однесува до поетиката иако ННМ се базира на традиционалнит стих и на стилските фигури, некои автори прибегнуваат кон авангардни изрази во распон од надреализмот (“Со солзите тапети лепев”) до дадаизам (“Оп цврц грок”).
Теориските трудови од областа на ННМ се публикувани во стручното списание Сабор (Белград), честопати со полемичен тон (види: судир на естрадната левица - д-р. Јахиќ/ д-р Змијанац).
Кон крајот на осумдесеттите доаѓа до собирање на хетерогените правци и школи на мислење во рамките на ННМ и нивна институционализација во единствено идеолошко движење.
ННМ изврши големо влијание врз јавното мислење и општата состојба на духот во земјата, во колаборација со другите значајни културни институции како САНУ и УКС (Друштво на писателите на Србија -заб. прев.)
Дејан Новачиќ


О

ОДМОР ВО ГРЦИЈА
Јадран беше “наше море”, и покрај тоа што непреболниот егејски дел од Македонија апла е наш. Ни никој не го смета(ше) за наш, иако, објективно, многу повеќе одевме во Грција - ем поблиску, ем поевтино. Тогаш бевме богати, самобендисани, и ги сожалувавме Грците. Сега сме мали, бедни и понижени преку секоја мера. Дијалектика.
П. Вулкански

ОНО и ОСЗ
Општонародна одбрана и Општествена самозаштита. Исто така предмет во основните и средните училишта. ОНО и ОСЗ кулминираат во т.н. воншколска настава во стрелиште, каде учениците за оценка пукаат со пушка М-48.
Тамара Грубер


П

ПАРЛОВ, МАТЕ
Југословенскиот Касиус Клеј и Мухамед Али во иста личност. Идол и пример за генерациите на спортската младина и малолетните деликвенти. Беше најсилен, најхрабар и најпаметен човек на светот (ако го изедеш сето она што е во чинијата ќе бидеш силен како Мате Парлов). Парлов докажа дека боксот е благородна вештина затоа што никогаш не го шутираше противникот на подот. По спортската етика му се доближи единствено Маријан Бенеш, кога ја бакна тупаницата на оној Русин кому претходно му го скрши черепот. Парлов подоцна го напушти олимпискиот бокс, на големо олеснување на Кубанците и Полјаците, и премина во професионалци. Продолжи со закопувањето, но неговите победи веќе не се прославуваа на улиците и полоштадите како порано.
Дејан Новачиќ

ПОНИ ВЕЛОСИПЕД
Веројатно еден од првите домашни видови велосипеди со помали тркала. Речиси сите го возевме. Помалата верзија на понито (пони за деца, како што вели еден мој френд) се викаше Виолета. Тоа дојде малку подоцна. Но, кога дојде БМЏ сè отиде во...
Вања Николиќ и Јаков Виловиќ

ПРЛИЧКО, ПЕТРЕ
Имав девет години кога е снимена Ужичката република, во која Петре Прличко ја игра улогата на пекарот Перо. Го забележувате ли интересното поклопување со истите иницијали? Мене тоа не ми се измолкна ни толку рано во животот па уште од тогаш верувам дека Петре Прличко всушнот е пекарот Перо, дека тие двајцата, актерот и ликот, едноставно се нераздвоиви. Не знам многу нешта да раскажам за Ужичката република, но сцената кога детето го прашува пекарот Перо: “Чиче, дали целиот овој леб е твој?”, остана длабоко врежана во моето сеќавање. Како и изразот на лицето што ова прашање го предизвика кај Петре Прличко. Она што токму оваа сцена ја издвои од остатокот на филмот, она што, сосема сигурно, ја направи толку смешна, не беше изговорената реченица (иако по неа најлесно ја помниме) колку неговата реакција. Неодоливата комичност што ја истакнуваше глумата на Петре Прличко (во наведената, но и во многу други улоги) не потекнуваше толку од вербалните или телесните актерски мајстории колку од, за него многу својствената, глума со целото лице. Неговите црти беа исклучително еластични и сами по себе комични, неговата актерска кариера изразито долга, па начинот на кој Петре Прличко се чудеше, лутеше или задоволно се смешкаше низ речиси целата историја на југословенската кинематографија непогрешливо предизвикуваше салви од смеа меѓу многу генерации љубители на филмот.
Инаку, роден е во Велес, во далечната 1907 година. Глумел од најраната младост, а од 1939 година е член на скопскиот Народен Театар. Покрај театарот или филмот (Фросина, 1952, Капетанот Леши, 1960, Маршот на Дрина, 1964 или веќе споменатиот Ужичката република од 1974 година се само некои од многуте филмови во кои се појавуваше), глумеше и на тв, а повремено и самиот пишуваше драмски текстови. Едноставно беше неуморен. Го нарекуваа “актерот со сто лица”. По необично богатиот живот и кариера, умре во Скопје, во осумдесет и осмата година од животот, за време на тажна и тешка деценија. Беше студен ноември во 1995 година, а веста за неговата смрт ја пренесоа - во ова одлучив да верувам дури и ако не е вистина - медиумите во сите поранешни републики на распарчената држава. Поминаа уште неколку години и еве нè во нов милениум. Човекот со смешно име и уште посмешно лице веќе го нема. За среќа, ехото на познатото прашање “Чиче, дали целиот овој леб е твој?” и неодоливо смешното муртење на неговото лице (кое е најлесно да се опише како беспрекорно убаво во целата своја комична грдост) не исчезнаа заедно со него.
Владимир Арсенијевиќ


Р

РАБОТНИ АКЦИИ
Бев на три сојузни: Загреб ‘62., Загреб ‘63. и Ада ‘64. Таму имаше разни ликови кои беа и тогаш, а и сега се важни. На пример, Дејан Пенчиќ Пољански беше командант на бригадата, Мирко Кларин командант на мојата чета, Верослава Тадиќ претседателка на бригадната конференција, а нејзиниот сопруг командант на населбата.
Се пееја разни песни како: “У тунелу усред мрака / бре, бре, усред мрака/хај, хај, хај усред мрака / сија звезда петокрака/бре, бре, бре, усред...” Една од омилените беше и оваа: “Друже Тито само пиши/радиќемо и по киши/нека пише и Јованка/ радиќемо без престанка!/Друже Тито само реци/ радиќемо шест месеци...” Особено полетно се пееше кога наутро се заминуваше на копање на насипот. Бригадите просто се над-викуваа. Ги сакав тие акции, што да правам, признавам. А се сеќавате ли на онаа строфичка: “Мога брата ранила граната/жао ми је што и мене није”. Сенешто пеевме.
Јасмина Богојевиќ

РАЧУНАЈТЕ НА НАС
Најпознатата песна од т.н. “дворски” правец во југословенската забавна музика (в. “дог поп”). Песната подеднакво ја сакаа пионерите, домаќинките и носителите на партизанска споменица ‘41. Освен авторот, радо ја изведуваа “акцијашите” (покрај логорски оган), учениците од вишите класови на основните училишта и пониските класови од средните школи (заедно са своите наставници), како и младите војници по полагањето на свечената заклетва. Со оваа песна авторот ја известува публиката дека “за заклетву Титу сам спевао стих” и тоа во име на својата генерација родена “педесет и неке”. Потоа авторот тврди дека, наспроти стравот дека младината ја “носи погрешан ток” (бидејќи таа “слуша плоче и свира рок”), во неа, т.е. во младината, “струји крв партизана”, и дека таа затоа знае “зашто је ту”. На крајот авторот им порачува на другарот Тито, ССНО и ССУП: “рачунајте на нас”. За изведувањето и слушањето на песнава беа потребни една гитара, малку слух и јак желудник.
Дејан Новачиќ


С

САМАРЏИЌ, ЉУБИША
“Смоки” Самарџиќ - белградски актер, поранешен боксер, ѕвезда на популарните комедии и икона на партизанскиот жанр (митралезец). Иако главно глумеше позитивци - една од неговите најомилени улоги е Шурда, чесен и смотан тип во тв-серијата Врел ветер - знаеше во текот на својата, навистина долга филмска и телевизиска кариера, да направи и поинакви ликови. Во таа смисла веројатно најдобро остварување му е онаа на Црниот Рок, амбивалентен кулер од тв-серијата Каде одат дивите свињи. И тука ништо не глумеше: кожена јакна, борселино шешир, црна долчевита, зулуфи - каков имиџ! Многумина кажуваат дека важи за вистински господин. Сè уште.
ур.

СТЕФАНОВСКИ/УНКОВСКИ
Пред Спилберг да ја основа својата компанија Дреам Њоркс и пред Американците да го состават својот Дреам Теам, македонскиот (па и југословенскиот) театар го имаше својот Дреам Цупле: Слободан Унковски и Горан Стефановски.
Тие беа оние кои прецизно, стратешки разработено, темелно копаа по новите сценски и драматуршки изрази на старите теми. Како феникс го издигнаа од пепелта македонскиот театар промовирајќи не само поинаква театарска естетика туку и нешто повеќе: дух на заедништво, симбол за “заедно сме појаки”, митот за успешност во тандем. Значи, сè што требаше да направи оваа земја е да го следи нивниот пример.
За Македонија сликата за нив беше силен идентификациски код - ете и ние нешто можеме!, ако можат тие, ќе можеме и ние! од Македонија сме, знаете, Горан и Унко! Никој не бил позначаен и уметнички и политички, би рекла, за потврда на нашата битност во комбинацијата 6 + 2. Едновремено гордост, љубов и завист предизвикуваа - што значи, вистински успех!
Субверзивни шминкери, оставија огромна трага врз интелектуалното миље во нашата република. Репликанти има и сега, после дваесет и пет години од нивниот голем успех, кои се обидуваат да го следат не само нивното авторско кредо туку и нвниот животен стил - ноншаланција во комбинација со прецизен оперативен план. Но репликант е репликант, главно сè завршува на снобовска конфузија, маалски шизичлук и медиокритетски имиџ на квази елита.
Митот за успехот што го постигнаа со претставата Диво месо, во продукција на Драмскиот тетатар од Скопје, и ден денес се пренесува од колено на колено, и тивко се шепоти за ромогласниот пресврт што оваа претстава го направи во СФРЈ. Диво месо беше еден од првите репрезентативни и успешни напори да се промовира естетиката на фрагментарноста во тетатарот. Со ова претстава се сруши конечно долги години практикуваниот модел за реализмот во театарот и се отворија портите на модернизмот, што лека полека водеа кон постмодерната драматургија и режија. За тоа беа наградени со сите можни награди на престижното Стеријно позорје.
Уште нешто направија Унко и Горан: најдобрата тв емисија за деца во Македонија, Бушава азбука. Ја гледаа од 7 до 77, заедно со репризите.
Обиди и причини да се деконструира митот за Унко и Горан има многу. Дури и некои автореференцијални, кои самите сакајќи или не сакајќи ги направија. Сепак, тие се “песна што ќе трае долго, долго после нас, дури небо нека знае колку (ги) љубев јас”.
Искра Гешоска

СЕКА И БРАЦО
Чоколади за деца на фабриката Звечево од Славонска Пожега, во црвено и сино пакување со сликички на девојче и момче. Припаѓаат на раната фаза на домашната чоколадна индустрија, сè уште со скромен асортиман. Со своето наивно пакување изгубени во мигот кога настапи ерата на владеењето на Бајадерите, Гриотите и останатите Краш фантастични производи.
ур.

СКОПСКИ ГРАДСКИ РЕПЕРИ (кои веќе ги нема)
Ванила
На почетокот на осумдесеттите, на тогаш поставените клупи и околу фонтаната на “велелепниот” и нов Градски трговски центар, пред излогот на слаткарницата се случуваше корзо на скопската шминка, која тогаш се оформуваше на отворено за нецела декада подоцна да почне да се пика по кафе барови и таму да остане до ден денес. Инаку Ванила, како скопска фирма со ланец слаткарници (каде се одеше да се јаде крем во чаша, принцес крофни и “не-мрсен” бурек со месо), во перидот на транзиција отиде во рацете на грчки слаткари кои ги заменија горенаведените слатки и кори со ала-виенско лиснато тесто. Како доказ за култноста на “пред Ванила” во архивата на МРТВ постои и истоимена песна на групата Тост сендвич, во која почнуваа сега некои од поп-величините како Роберт Саздов (гитара) и Владо Јаневски (тапани).
Дом на млади “25 Мај”
Наменско здание од крајот на седумдесеттите во кое се одвиваше (идеолошкиот) културно-забавен живот, со акцент на рокенролот (концерти и проби), потоа изложби, кинотечни филмски сеанси, трибини, штафети, евтино пиво, астрономска опсерваторија, школа за танцување, јазични и компјутерски курсеви, МОТ, “вечниот” З. Запров и неговото Златно славејче...
Инаку, Денсинг салата е акустички најлошата сала во овој дел од светот, но во неа свиреа сите значајни и помалку значајни екс-ју музичари. Ако “Коцка” беше гротлото, ова беше вулвата на градската интелигенција. Некои фаци од Домот (во 1991 прекрстен во Младински културен центар - МКЦ) до ден денес се култни стожери на животот од едно време: Панде (Р.И.П.), Томче “фонија” (тонски техничар комплементарен со лошата акустика во “денсингот”), Јапанецот (роуди ем еден од највеселите градски поп-рок вокалисти) итн.
Од прекрстувањето, МКЦ е партиска филијала во која независните и непартиските иницијативи тешко поминуваат низ ригидниот селективен филтер на подобност. Затоа и ништо не се случува во овој огромен и неискористен простор.
Коцка
“Вулкан” на скопскиот културолошки андерграунд (панк, ска, гранџ, скејтери...), но и основа за ретки институционални акции (викенд детски фестивалчиња, новогодишни концертчиња...). Баш коцка која најверојатно и била поставена со некаква намена или симболика пред централата на државната електро-компанија. Генерации “чупавци”, од кои неколкумина и успеаа во општеството, а повеќето останаа “култни” на степен на урбани легенди, на овој мермерен постамент создадоа еден куп вистински скопски урбани легенди. Највесел период во животот на “коцка” се смета десетгодишната работа на блискиот “драгстор”. “Коцка” го испушти здивот кога некои вешти градежни инветститори успеаја да ги заебат градските отци за ситни пари и да го земат целиот околен простор за да градат некакво бизнис срање, филозофија против која “коцка” се бореше за време на целиот свој живот.
Рекорд
Најпозната градска чекалница која своето име го добила по (веќе непостоечкиот) моден магазин “Рекорд” уште во педесеттите години од дваесеттиот век (кого исто така веќе го нема). Од тогаш постои и фразата “се чекаме пред Рекорд” и “кај си ти вчера пред Рекорд?”. Овој градски маркер се наоѓа на најцентралната сообраќајна артерија, на која до пред 7-8 години имаше и автобуска станица. Сите поаѓања и стигнувања беа “од пред Рекорд”. Денес автобуската станица е поместена стотина метри кон југоисток, кон Парламентот, а модниот магазин стана бутик насловен “Форум” и тоа нема никаква врска со стариот “Рекорд”. Сега го памтат само генерациите постари од 25 години. И дивите костени со долги корења под “чекалницата”.
Александар Темков

СТАРТ
Загрепски Старт - ТХЕ лифестѕле магазин од Југославија. Излегуваше од крајот на шеесеттите до почетокот на деведесеттите.
На почетокот списание за автомобили, со доаѓањето на познатиот главен уредник Сеад Сарачевиќ Старт се разви во најсилен и највлијателен југословенски модерен магазин.
ур.



Т

-ТА
Повеќе-помалку, тоа е сè што браќата и сестрите од соседните републики научија од македонскиот. На кој било збор од српско-хрватскиот на крајот ќе му го додадеш членот -та, и завршена работа - причаш македонски.
Пандалф Вулкански

ТЕСЛА, НИКОЛА
Татко на југословенската физика. Роден е во личкото место Смиљане кај Госпиќ, од татко електричар и мајка домаќинка. Бидејќи бил добар ученик, добил стипендија за Принстон, каде што докторирал на темата “Струјни акумулатори: од гурка до кабли”.
Сопственик на голем број патенти и откритија, покрај другото ги пронашол и Ѓердап и електричната столица. Никогаш не се ракувал, бидејќи имал фобија од статичен електрицитет. Панично се плашел од молњи и грмотевици.
Огромно внимание му поклонувал на патецот и се чешлал најмалку седум пати на ден. Бил убав, па заради сличноста со актерот Шербеџија за него се снимени филм и тв-серија. Во негова чест емитирана е банкнота од 500 дин. на која е прикажан како седи во некаква бенкичка и чита Борба. Тесла стана симбол на братството и единството, бидејќи беше еден од ретките кого го присвојуваа и Србите и Хрватите. Затоа што беше Американец.
Дејан Новачиќ

ТИТО
Акционен херој на Прилозите на Дедијер. Тито е роден во Кумровец, по што свари глава од свиња за да ги нахрани браќата и сестрите и го скрши коритото на санкање. Потоа отиде во Сисак за да учи занает и оттаму на Источниот фронт каде Черкезите го прободеа со копје, па падна во руско заложништво и се ожени со Пелагија. Потоа се вработува во Коминтерната и набрзо станува генерален секретар на КПЈ, а заради тоа некое време лежи во Лепоглава каде што го признава само судот на својата партија. По излегувањето од затворот подигнува востание и револуција, го создава АВНОЈ и ја ослободува земјата од странските окупатори и домашните предавници. По војната на Сталин му кажува “не”, го апси Ѓида и пие виски со Черчил. Се жени со Јованка, свири клавир, лови мечки и ги придвижува Неврзаните. Патува со синиот воз и со Галеб. Има бел костум, ракавици, прстен и ролекс. Сака чивас, штрукли, млинцеки со пицек, младинци и, особено, младинки. Поседува добра колекција на вина што на Бриони ги пие со својот каскадер Ричард Бартон. Во староста лично заминува за Куба по своето следување цигари, попатно се сретнува со Фидел и на враќање го прескокнува Кинескиот ѕид.
Тито умре во Љубљана и, по кусо задржување во Загреб, закопан е во Белград. Бидејќи беше диктатор, никому не му беше жал што умре. Ни на погребот не му дојде никој. Особено не од светот. Она на тв е монтирано, а очевидците лажат.
Дејан Новачиќ

ТУРСКА ЧАРШИЈА
Најзначајниот и најпознатиот простор во Скопје. Посебна култност Чаршијата стекна во осумдесеттите, кога стана клучно место за собирање на целокупната скопска алтернатива. Во близина на Сули Ан, каде што е сместен дел од Ликовната Академија, тогаш се отвори прочуената чајџилница Галерија 7, каде што се собираа, од собајле до доцна навечер, испивајќи хектолитри ужасно јаки турски чаеви, клучните фигури на македонската (тогаш) алтернативна сцена: ликовњаците Ацо Станковски, Игор Тошевски, Ибрахим Беди, Исмет Рамичевиќ, Тања Миљовска, Мирослав Стојановиќ Шуки, Синиша Цветковски, Хинки (кои беа дел од славната уметничка група Зеро, позната по своите акции и перформанси), критичарката Сузана Милевска, сценографката Ема Чае, писателите Никола Гелевски, Стево Симски, Милош Линдро, Ванчо Полазаревски, идниот моќен политичар Љубомир Фрчковски, идниот владика отец Методиј, многумина (идни, влијателни) новинари, поети, медиумски ѕвезди, актери и режисери (од блискиот Театар на народностите), студенти (од блискиот Универзитет), подоцнежни партиски дрматори...
Од зиме застрашувачки зачадената дупка во лето се префрлавме во дворот, всушност во неасфалтираната улица, седејќи и по околните камења... Осумдесет отсто од нарачките беа чај (сервиран во стаклени бардачиња), а другото беше турско кафе и кисела вода. Во еден момент се појави и перверзниот оролед (некаков прашок што се става во врела вода), чисто за да не испоумрат од кофеинска предозираност недоволно искусните чајопијци. Меѓу чајџилничките легенди треба да се спомнат газдата Адиљ, потоа Иљаз, конфликтниот решавач на крстозбори, Неџо, лудиот мудрец, ингениозниот теолог-боем Борјан... Еднаш во чајџилницата, по добивањето на струшкиот ловоров венец, дојде и Ален Гинзберг, славниот битник, кој преседе на камењата цела ноќ...
Подоцна, ново култно место во Чаршијата стана чајџилницата Багдад кафе која понуди порцелански сервиси, специјални чајници и десетици видови најрафинирани чаеви... Но, да се разбереме, Багдад кафе ни во една секунда не беше шминкерско место; клиентелата главно беше истата од Галерија 7... Шминкерски и “помодерни” можеби беа Арарат, Мондријан (на почетокот на Чаршијата), или Јурист (во рамките на Капан Ан)...
Други важни чаршиски локалитети: ресторанот Т’га за југ (некогаш најдобрата храна во Скопје), Пивница, галеријата Куршумли Ан, галерискиот комплекс Чифте Амам (некогашна огромна јавна бања), просторот Даут Пашин Амам (каде што одевме на незаборавни претстави и концерти!), комплексот Музеите на Македонија, каде што едно време беше сместена и кинотеката...
Дестан - најдобрите ќебапи во градот, легендарни и во поширокиот регион. Од слаткарниците треба да се издвојат Ригара и, пред сè, Охрид, каде што има казандиби и туфахии.
Пандалф Вулкански


Ќ

ЌЕБАПЧЕ
Симбол на братството и единството, на класната воедначеност: сите го сакаат и сите го јадат без оглед на верската припадност, без оглед на тоа дали се работничка класа или елита.
Освен тоа, причина зошто повеќето семејства успеаја да не се распаднат: одењето на ќебапи во недела беше нужна активност која ја практикуваа дури и најраскараните мајки и татковци, браќа и сестри, деца и внуци. Достојна награда за завршената школска година со одличен или многу добар успех.
Обединувачкиот социјален карактер на ќебапчето заслужува да се опее во народното творештво.
Искра Гешоска


У

УРАДИ САМ
Весник што со задоволство го читав. Полн со совети за работите во куќата, но и за електроника, аудио, радио аматеризам, фотографија, со новости од техниката и сите можни информации за тогашните геек-ови. Дури се сеќавам дека имаше и шема за “како да направите свој компјутер”. Можеше да се нарача кит од него. Искрено, баш беа фаст форњард со технологијата во тоа време, можеби понапредни од сегашниот Њиред. Многу им благодарам на луѓето што го уредуваа овој весник затоа што навистина многу научив од него.
аноним.


Ф

ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА
На едната страна на паковката - латиница, од другата - кирилица...
Игор Тошевски


Х

ХРИСТОВСКИ, ЈОНЧЕ
“...скршете ги чашите... ЦАНГРР!” Култен пејач...
Игор Тошевски


Ц

ЦРТАНИОТ ФИЛМ ВО 19:15
Како дете секогаш бев пред телевизорот пет минути порано. Тоа беше единственото време кога можеше да се види цртан. Потоа одеа шарените реклами (кои се приказна за себе), и на крајот Дневникот.
Душан Матиќ


Ч

ЧКЕМБЕ ЧОРБА
Најчесто се пие многу рано наутро, кога отвораат првите бифеа и кафеани, за мамурлак после бурна ноќ. Холестеролска бомба со изнутрици; велат дека потекнува од битолско...
Игор Тошевски


Ш

ШТИМАЦ, СЛАВКО
Генијален натурчик и детска актерска ѕвезда, “југословенската Џуди Гарланд”. Роден во Коњска глава, село покрај Госпиќ, првпат настапи на филмот во познатиот хит Волкот самотник на Обрад Глушчевиќ и ја расплака земјата со улогата на добриот овчар кој се спријатели со германски овчар. Како пубертетлија играше во култните тв-серии на Бауер Имот во Мал Рит и Зимување во Јакобсфелд и веќе тука покажа каков талент се крие во него.
Со секоја нова улога Штимац се надминуваше себеси - треба да се потсетиме на филмовите како што се Специјално воспитување (“Кај си бе Виолета, куќо стара”), Тигар, Кој тоа таму пее и други. Притоа само што се развиваше како актер, но - и како личност, а таа несразмерност веројатно беше една од причините за подоцнежното трагање и падот. Неговата актерска тоур де форце улога е адолесцентот Дино во ремек-делото на Кустурица Се сеќаваш ли Доли Бел. Штимац перформираше некоја повисока добрина, наивност (никако глупост!) и завидувачка човечка и актерска длабочина.
Со својата појава и улогите стана синоним за една ера, симболичко место и точка за поврзување на она најдоброто, најтоплото и најчувствителното што ја праваше, ако така може да се каже, “колективната гледачка свест” на една цела земја. Затоа не е чудо што Костурица токму нему му даде таква улога во својот Подземје и дека токму Славко Штимац - и никој друг - може да го каже текстот на самиот крај на филмот: “Беше еднаш една земја...”
ур.


Превод:
Никола Гелевски, Искра Гешоска, Роберт Алаѓозовски и Владимир Јанковски




назад


 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |