|
ЏЕЈМС ГРАХАМ БАЛАРД
Зулфикар Абани:
Заглупувачката досада и непромислените чинови на насилство
Овие денови е прилично тешко луѓето да се наведат да ги
исправат свои-те ‘рбети. Сите сме толку... анестезирани.
Можеби тој се смее кажувајќи го ова, но ова е сериозно
тврдење на 73 годишниот британски автор Џејмс Грахам Балард.
Со своето влегување во светот на фикцијата, особено на
научната фантастика, во доцните педесетти, Балард многу
‘рбети натера да се исправат.
Издавањето на неговиот последен роман Милениумски луѓе
можеби не предизвика исправување на ‘рбети, но сигурно ги
натера уредниците на левичарскиот лондонски неделник Тхе Нењ
Статесмен да седнат исправени и да почнат да фаќаат
белешки.
На насловната страна на неодамнешното издание на ова
списание пишува: Наскоро - нови сиромашни. Под насловот се
наоѓа слика на добростоечки жени од средната класа кои ја
делат масата (но не и своето вино) со четири мажи од
работничката класа. Оваа слика, иако огласуваше текст за
т.н. долг на првиот свет, долго остана во сеќавањето на
Балард: средната класа е новиот пролетеријат.
Универзитетската диплома е како диплома од оригами
Има многу незадоволство меѓу припадниците на денешната
средна класа во Англија - лекари, адвокати, средниот
менаџмент, јавните работници, академиците, учителите -
заради тврдењето дека нивните плати не одеа во чекор со
инфлацијата и дека плаќаат преголеми даноци. Изгубија многу
од повластувањата што некогаш ги имаа, ја изгубија
сигурноста во вработувањето и некои од темелните уверувања
кои отсекогаш ја одржуваа средната класа: чувството за
граѓанска одговорност, важноста на образованието.
Образованието сè повеќе се гледа како некој вид измама која
ја заведува средната класа, наведувајќи ја на помислата дека
нејзините припадници со школувањето не стекнуваат некои
посебни умешности. Образованието не служи за ништо.
Универзитетската диплома е како оригами. И приближно исто
корисна.
Балард ги гледа тие нешта од прва рака. Наводно, неговите
ќерќи работат само за да можат да ја платат дадилката која
им овозможува да можат да одат на работа. Кога припадниците
на средната класа ќе се соберат, кажува Балард, тие
разговараат за пронаоѓање соодветни училишта, размислуваат
за приватната здраствена нега или купување куќа. Или за тоа
дека мора да плаќаат што се паркираат пред сопствените
домови. Значи, постои тоа огромно незадоволство што би
можело да се изрази во граѓански немири. Тоа би можело да се
случи. Средната класа е придвижувач и сидро на општеството.
Кога еднаш ќе ја отфрлат својата свест за граѓанските
одговорности, буквално сè ќе се сруши. Ни водата веќе нема
да тече од чешмите.
Пред шест години Балард напиша дека класниот систем е она
што Анлгија ја штити од револуција. Во меѓувреме сигурно
нешто се промени. Денес тој зборува: Мислам дека класниот
систем почна да се распаѓа. Живееме во време на големи
промени. Учесниците во многубројните бунтовнички движења чии
сведоци сме се милениумски луѓе затоа што на своите плеќи го
носат товарот на протестот. Тие се свесни дека нешто
суштински е лошо и дека нешто треба да се направи во врска
со тоа.
Револуционери-бурЖуи
Милениумските луѓе, по последните два романи на Балард,
Кокаинските ноќи и Супер Кан, можеби случајно стана трет дел
од трилогијата за перверзни убиства. Раскажувачот, Дејвид
Маркхам, налетува на група револуционери-буржуи, жители на
градскиот станбен блок Челзи Марина. Идустрискиот психолог
Маркхам успеваат да го заведат психопатските членови на оваа
група за која верува дека ќе го одведат до луѓето што се
одговорни за експлозијата на бомба на аеродромот Хитроу во
која е убиена неговата прва сопруга.
Една од водачките на групата, предавачката на катедра за
филмски студии Кеј Черчил, која била суспендирана поради
охрабрувањето на своите студенти да снимаат порнографски
филмови, го носи Маркхам во тврдината на средната класа,
Твикхајм, во предградието на Лондон. Таму Маркхам ја следи
Кеј како ги прашува жителите што мислат за купување кал во
спреј или за сексуален чин со пес. Од оваа релативно
безопасна шега, милитантите од Челзи Марина преминуваат во
поопасни напади на галеријата Тејт, Националниот филмски
музеј во Лондон - две мети за кои тврдат дека се трговски
центри на културните делузии.
Балард речиси 40 години живее во една друга тврдина на
средната класа, Шепертон. Неговата куќа се разликува од
другите - затоа што е единствената на која ù е потребна
реконструкција на фасадата. Предната градина не е одржувана,
а гумата не неговиот сребрен “форд гранада” е пробушена.
Имате чувство дека кога Кеј Черчил би поминала тука, Балард
би бил единствениот жител на Шепертон кој би ја повикал на
чај или чаша виски.
Можеби Шепертон на Балард не му го овозможува едно од
почудните гледишта на светот, но е совршено како место од
кое тој ќе кажува најнезамисливи нешта. Ричард Гулд,
придвижникот на бунтот во Челзи Марина, е наклонет на
радикалниот пристап: колку метата е побесмислена толку
подобро. Бесмислените испади, кажува Балард, привлекуваат
поголемо внимание и повеќе ги вознемируваат луѓето. Ако сте
против глобализацијата, нема многу да постигнете со
гранатирање на зградите на Шел и Нестле. Повеќе ќе ги
вознемирите луѓето доколку дигнете во воздух дуќан во Оксфам
затоа што луѓето нема да го разберат мотивот.
Резорвоар на ЧовеЧката психопатологија
Но, идејата понира подлабоко од тоа. Постои кус, но значаен
миг во кој Маркхам сексуално привлекува насилство околу
него. Балард одамна се спротиставува на концептите за
прифатливото сексуално однесување (прочитајте го само
неговиот роман Судар), како што го дефинираат личности што
одговараат на писмата во списанијата и психолозите-советници
на телевизија. Но, многу повеќе од тоа, Балард на ум има
еден многу позлобен феномен, она што тој го нарекува
недопрен резорвоар на човечката психопатологија.
Очајните луѓе - а припадниците на средната класа денес се
очајни или наскоро ќе станат очајни - посегнуваат по
очајнички акти, а за умот одреден тип очајнички акти се
привлечни сами по себе. Можеби сексот го придвижува
насилничката црта која дефинитивно е дел од нашата природа.
Последните три книги ја анализираат човечката
психопатологија која сите цивилизациски сили што го
моделираат нашиот живот многу внимателно сакаат да ја
оградат. Овој резервоар може да биде привлечен за многу
различни страни, од политички партии, преку деловни субјекти
и верски групи до криминалци и филозофи. Мислам дека во
историјата тоа се случи многупати. Последниот пат, се
разбира, со германската нацистичка партија, која отворено ги
допираше психопатските нишки во човечката природа за да
создаде голема садистичка идеологија.
Втората светска војна остави голема трага врз Балард. Џим
Балард е роден во Шангај, а по нападот на Перл Харбор тој и
неговото семејство биле затворени во затворски логор за
цивили. Тоа искуство е темел за неговиот автобиографски
роман Империјата на сонцето. Според некои толкувања, заради
мрачниот период на заробеништво во детството, Балард
продолжува во своите дела да прикажува дистопии -
високо-контролирани, затворени заедници чии жители
подивуваат наспроти својата волја.
Во сосема трезвено општество, лудилото е единствената
слобода и колку повеќе сме цивилизирани и повеќе водени од
разумот толку повеќе во нас расте несвесна потреба за некој
вид ирационална загуба на контрола. Но татковците на
Просветителството тоа никогаш не го прифатија, кажува Балард
согласувајќи се со филозофот Џон Греј (Јохн Греѕ), чија
последна книга Страњ Догс (Сламени песови) Балард многу ја
цени.
Просветителскиот поглед на човештвото е чист мит. Тој нè
води кон заклучокот дека поголемиот дел од времето сме
трезвени и рационални суштества, а тоа ние не сме.
Овие денови Балард настојува да не чита многу фикција.
Сепак, кажува дека британскиот романсиер Вил Селф (Њилл
Селф) е феноменален лик, а сè уште смета дека авторот на
книгата Гол ручек, Вилијам Бароуз (Њиллиам Бурроугхс), е
најважен автор од англиското говорно подрачје по војната.
Сосема е можно сликарите, романсиерите, композиторите да
бидат многу лоши и проблематични личности и истовремено да
создаваат сјајни уметнички дела. Вагнер бил таков. Т.С.
Елиот беше расист и тоа на еден прилично злобен и гаден
начин. Бароуз имаше многу прилично психопатски идеи - го
познавав. Брилијантен писател. Но, знаете, во многу погледи
морален дегенерик.
Недобродојдените духови, наШите двојници
Кога Балард во 1946 година со семејството се врати во
Англија, интересот за психологија го одведе кон медицината,
која ја студираше на Кејмбрич две години. Има кажано дека
доколку не станеше писател, веројатно ќе станел еден од
моралните дегенерици за кои пишува. Но кој? Дејвид Маркхам
или Ричард Гулд?
Којзнае? Човекот лебди некаде помеѓу. Затоа отсекогаш сум се
обидувал да бидам искрен кога зборувам за несвесните импулси
што ја водеа мојата фикција. Затоа во Судар, кој во некои
погледи е отворено психопатски роман, самиот себеси се
воведов како раскажувач, со своето име. Сакав да ги откријам
и поставам на маса сите мои карти, без да се скријам зад
некое измислено име. Во сите нас постојат контрадикции,
понекогаш многу недобродојдени духови, наши двојници.
Балард зборува за пензионирање, но помислата дека еден од
најважните современи автори би можел едноставно да престане
да пишува е многу поапсурдна отколку што изгледа кој било од
неговите романи. А сепак, кога кажува дека ја гледа
планетата која се соочува со иднината на заглупувачка
досада, прекината со непромислени чинови на насилство,
речиси можете да ги видите оние ‘рбети како се исправуваат.
На тоа Балард додава: Добро? Кој?! Ќе им испратам бесплатни
примероци од книгите!
◄
назад
|
|