Рецензии
СИПАТА ШТО ИСПУШТА МАСТИЛО
Големиот алпинист Хилари има една славна реченица: "Се качувам на
ридот бидејќи тој е тука." Но, постои и исто така славното дополнување
на минималистичкиот уметник Карл Андре: "Планинарот се качува на ридот
бидејќи тој е тука. Јас ја произведувам уметноста бидејќи тука ја
нема."
Тоа е еден од можните одговори зошто во транзиционата клоака Скопје сè
уште се тетерави по некој уметник: тие создаваат уметност бидејќи овде
ја нема.
Го спомнувам ова пред сè мислејќи на сликите
на Зоран Попоски. Чуму, денес, во Скопје, таква, на прв поглед,
"анахрона" (можеби модернистичка во едно постмодернистичко доба)
уметност што снажно потсетува на Џексон Полок, на Кандински, на Миро?
Ја има затоа што ја нема, прост е одговорот. Ја има бидејќи
модернизмот, со сите свои комплексни краци во кои се разгранува, кај
нас е еден прилично атрофиран, да не речам жгољав, октопод. Затоа имам
впечаток дека тој сликарски гест, тие акционистички експресивни потези
(баш како сипа што испушта мастило на сите страни, бранејќи се!), кон
кои прибегнува Зоран Попоски, имаат длабоко оправдување токму денес,
токму овде, и тоа можеби повеќе во некаква емотивна отколку
интелектуална смисла.
Значајниот современ медиумски уметник и теоретичар Питер Вајбел вели:
"Колку повеќе луѓето се прилагодуваат, толку е посилен притисокот да
се измисли некое диво сликарство. Ништо од она што уметноста како
идеолошка фантазија го ветува - сувереноста, индивидуалноста,
слободата, автентичноста - таа не може да го оддржи.
Се зборува за слободата на уметноста, а во стварноста со неа тотално
се управува, како и со сè друго, почнувајќи
од галериите, музеите и цените. Таа стана дел од пазарот: стопанството
како култура. Или кога се тврди дека уметноста е нешто индивидуално,
таинствено, таа во стварноста мора да биде општообврзувачка за да биде
разбирлива и за да може да се вреди во општите естетски кодови. Тие
спротивности ја прават уметноста идеолошка фантазија и измама."
Мислам дека Зоран Попоски, и заради својата младост и заради своето
место во општеството, повеќе-помалку го знае тоа за што зборува
Вајбел: уметноста е идеолошка фантазија на капитализмот. Кога
стопанството ќе произведе нова претстава за објектот, уметноста уште
се обидува естетски или ауратски да ја спаси старата претстава за
објектот, значи сè уште да го сочува она што
исчезнува, додека антиуметноста се обидува да ја афирмира новата
претстава на објектот и против уметноста. Уметноста е некој вид
*"ванисхинг ладѕ", таа настојува да го зграпчи она што исчезнува. И
бидејќи притоа и самата исчезнува, ние толку од срце ја сакаме.
Затоа, чувствувајќи една необична искреност на исчезнувањето и
предаденост во сликите на Зоран Попоски, но и една пркосна
церебралност која речиси наликува на ескапизам, би сакал да ја
поздравам неговата прва изложба, свесен дека тој само зачекорува на
сликарскиот пат кој непредвидливо (ќе) се разгранува во многубројни
врвици.
Никола Гелевски, “Маргина”
Патот на копнежот на Зоран
Попоски
Поканата да се влезе во сî
уште “неозваничено ателје” веднаш создава
резервираност кон она со што треба да се соочиш. Во овој случај веднаш
се почувствува пријатен амбиент предизвикан не само од делата што ме
опкружуваа, туку и од првиот спонтан разговор со младиот уметник,
Попоски. Веројатно постојат уште слични “прикриени” места каде што се
наидува на вака неочекувано страстен однос кон сликарството.
Согледајќи го формалниот ликовен јазик на Зоран Попоски, лесно се
одредуваат релациите со одредени апстрактни сликарски правци на
модерната (на акционото сликарство, сликарството на гестот итн. На
’40-те, ’50-те,’60-те). Своите размислувања ги пренесува преку
знаковни потези што создаваат оптички ефекти - резултати на колоритот
за којшто свесно се одредил. Инсистира на говорот на основните бои,
особено на синото.
Сепак, прво ќе го откриеме јазикот на Џексон Полок во начинот на
целосното освојување на површината, миг кога сликата станува комплетно
интегриран објект, кога пиктуралното е примарно. Се забележуваат и
далечни асоцијации на “Соѕвездијата” на Хуан Миро, потоа искуството на
Василиј Кандински во користењето на една боја за позадината, често и
стилот на Сем Френсис во кој е задржана “традиционалната” идеја за
композицијата.
Но, во апстракцијата на Попоски, која е блиска на онаа од ’90-те
(актуелна и дефинирана како “опстанок на апстрактното сликарство”), е
токму “приказната”. Во неа ги внесува оние емоции што одразуваат
одредени духовни, интелектуални или сознајни моменти што ја
потврдуваат блискоста со процесот којшто го применуваа споменатите
сликари, особено со чинот на настанувањето на обоеното поле. Значи, за
Попоски конципирањето на бесформната конфигурација (прифатена како
“слободна” апстракција) не е само во функција на реализацијата (како
конкретен занаетски, технолошки или медиумски процес на изработката на
делото), туку и предизвикување на визии со метафизички ориентации
(особено битни за апстрактните експресионисти). Тој сликата ја сфаќа
како егзалтација на битието, па затоа инсистира на избегнување на
тродимензионалноста и на постоење на планови на сликата (за да ја
нагласи површноста на светот), како и на пукнатини и маргини
-
поднаслови на дел од сликите во кои се наѕира одредена доза на
контрола на емоциите, а акцијата е “протерана” на маргините на делото.
За крај, може да се констатира дека нивото на читањето на сликарските
остварувања на Попоски го задоволува “кодексот” на модернистичките, но
и на постмодернистичките појави.
Марика Бочварова Плавевска,
Музеј на современа уметност - Скопје
Триптихот што го
сочинуваат “Бранови”, “Свила” и “Писмо” се разликува од другите слики
на Зоран Попоски по својата минималистичка поетика. Центарот на
платната е празен, а таа празнина е обликувана со формите што постојат
на маргините на овие слики. Кога ја видов “Свила”, веднаш ми се
допадна. Зоран ми го кажа името на сликата и ми рече дека било
инспирирано од истоимениот роман на италијанскиот писател Алесандро
Барико. Јас многу ја сакам таа книга и ете, можеби затоа ми се допадна
овој триптих.
Има и друга причина. Јас сум маргиналец и живуркам на рабовите на
центарот кој сам по себе ми изгледа празен, небитен. Понекогаш сакам
да бидам уверен дека со самото тоа што не му припаѓам, јас го
разубавувам центарот, му вдахнувам живот од рабовите. Инаку, онаков
каков што е, би бил само обично празно платно.
Тропам глупости? Само ја проектирам својата лична состојба врз
“Писмо”, “Свила” и “Бранови”? Ако мислите дека сум самобендисан тиквар
- сосема сте во право! Но, зарем не се крајно егоистични и оние кои му
припаѓаат на центарот?!
Марко Петрушевски
Прегратка
Ги познавате ли ѕвездите, Месечината, мирисот
на пролетта, вкусот на летото, Сонцето, лисјата што шушкаат под
стапалата? Знам дека знаете за нив, но дали ги познавате?
Сте патувале ли некогаш на облак? Ама само ваш.
А, сте му дозволиле ли на дождот да ја стопи болката што ви ги
раскинува градите?
Баричките се распрснуваат под вашите стапала, а капките ви го милуваат
лицето. Солзи или капки? Знаете само вие. И благодарни сте му на
небото.
Шетачите по дождот го дишат животот,
сонуваат и гледаат во ѕвездите. И небото им испрати сребрен дожд. Од
ѕвезди. Зашто знаат да се радуваат.
Кога последен пат сте му набрале радост на некој што го сакате?
И сте го поканиле на танц на брановите, на дождот или на лет над
покривите. О, таквите прошетки знаат да направат чуда. А, чудата се
можни само ако ги посакуваме. За нив нема граници. Ниту невреме. Само
надеж треба. Онаа бело-црвено-сината. Низ која минуваат жолти
светулки. Тие што го палат и гасат животот. Таа, белата спокојна и
истовремено како палаво дете разиграна зелено-портокалова надеж стои
секогаш пред вас. Само треба да посаката да ја гушнете.
И така гушнати со надежта тргнете на прошетка. На неа можете да
поканите кого сакате и што сакате. А, прегратката и срцето отворете
ги. За боите, мирисите, радостите, тагите, болките, светлините,
ѕвездите, сонцата, дождовите... што живеат во сликите кои чекаат вие и
вашата надеж да ги гушнете. Не срамете се од прегратката. Во неа
собира светови. Овие слики сакаат за нив да ви раскажат. И жедно ги
очекуваат вашите светови. Гушнете се. Направете волшебна прегратка,
која уште долго ќе ви стои на рамениците и душата и откако физички ќе
заврши. Таа е ваша, и на сликите. Тие нема никому да ве издадат за тоа
што сте им го раскажале. Ќе бидат среќни заради енергијата што сте им
ја подариле. А, тоа што тие во прегратката ви го шепнале е ваше. Може
да не му го откриете никому. Може да го соопштите секому. Или да го
поделите со она и оние што ги сакате.
Јас ве поканив на прошетка со слики кои знаат прекрасно да гушкаат. И
ви открив неколку делчиња од мојата прегратка со нив. Но, не ви ја
раскажав. Таа е само моја. И на сликите. Направете ја и вие вашата.
Бидејќи овие слики чекаат да бидат гушнати.
Гордана Ицевска, “Капитал”
|