Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Струмица - четврто гостување на Цртеж - 'рт-еж (Ск_Мк .нови тенденции)

На 04. 02. 2005 година, во просториите на Уметничката галерија при НУ Центар за Култура “Антон Панов”, беше отворена четвртата поставка на групна изложба на цртеж, насловена Цртеж - 'рт-еж (Ск_Мк...нови тенденции).


На оваа изложба и се приклучија 19 автори од помладата генерација македонски уметници. Изложбата веќе беше поставена во Гевгелија, Неготино и Кавадарци. Според замислата локален уметник кој се приклучува од градот домаќин е Ване Костуранов. Изложбата е дел од проектот “Слевање на Маргините” на НВО Контрапункт подржан од Швајцарската културна програма - Македонија.
Цртежот е прастар начин на артикулирање на нашите мисли и идеи. Првиот крик на човековата интелигенција кој многу пред појавата на писмото се развива како форма на изразување. Оттогаш цртежот и човековиот дух се во симбиоза, постојано рефлектирајќи се еден врз друг. Воедно, заради моќта да ја овековечи минливоста на моментот, се* до појавата на фотографијата цртежот е единствен и незаменлив начин на документирање на разни ситуации, односи, настани... Многу од современите автори кои работат во нови медиуми паралелно се изразуваат и со цртање.

Токму заради значењето и убавината на цртежот една неформална група млади автори иницираше организирање изложба на која ќе бидат прикажани само цртежи. Групата е секогаш отворена за нови членови, а ја поврзуваат неколку работи: љубовта кон цртањето и радоста со која му пристапуваат, сериозноста во искажувањето на своите замисли и идеи, но и генерациската сличност. Тие се слика на една генерација која дејствува и се развива во сличен контекст, која се соочува со исто секојдневие: недостаток на критериум-пример кој ќе се следи, слаб авторитет на институциите кои се задолжени да формираат повисоки вредности, затвореност, невработеност... но, сепак, успеваат да останат во тек со сите случувања, да ја следат современата сцена и најважно од се, продолжуваат да работат! Длабоко чувствувајќи го времето во кое живеат тие со својот ангажман и својата посветеност се активно вклучени во создавањето на современата културна сцена во Македонија. Во случајов, се обидуваат преку цртежот да ни доловат дел од нивното секојдневие, хумор, фантазија, експеримент... На изложбата се среќаваме со 12 автори. Третманот на цртежот се разликува кај секој од нив. Пристапот е различен, од класично изработени цртежи, експеримент со различна подлога, цртеж со туш, интервенција со цртеж врз друга подлога, до концептуално гледање и сфаќање на цртежот преку видео анимации. Воедно, преку едноставниот сооднос на линијата и површината најјасно се огледуваат карактерните црти што секој од нив ги поседува.
Идејата на оваа изложба е таа да патува во неколку градови во Македонија, а во секој следен град да се пронајде и да се приклучи уште по еден автор, и така во од изложбата да се збогатува. Јадрото го сочинуваат 10 автори од Скопје: Ѓорѓе Јовановиќ, Матеј Богдановски, Бојан Тикваровски, Владимир Лукаш, Слаѓана Богеска, Ана Андроска, Ненад Ѓоргевиќ, Христина Ивановска, Антонио Димитров и Љубиша Камењаров. Прв им се приклучи Методи Ангелов од Неготино. Целта е да се пронајдат и прикажат автори од другите градови низ Македонија кои се занимаваат со цртеж. Крајниот резултат ќе биде една пообемна изложба која ќе се одржи во Скопје, која воедно ќе даде приказ на работата на повеќе автори кои се изразуваат и размислуваат цртајќи.


Ѓорѓе Јовановиќ разработува циклус Маски, цртежот го добива по пат на гребење на површината на хартијата, а со различната длабочина на подлогите на кои се поставени, дводимензионалните маски добиваат трета димензија.

Матеј Богдановски во Искушението на Св. Антониј, низ дванаесет слики го претставува светецот како некој којшто им одолева на сите искушенија и мирно ги набљудува. Во Св. Антониј, всушност може да се препознае човек со јасна цел пред себе, спремен да ги надмине сите пречки во остварување на истата.

Љубиша Камењаров прави студии за главните делови на еден цртеж
или слика и неговото настанување. Неговите цртежи се карактеризираат со цврста линија и многу хумор. Со неверојатна леснотија успева да ни ги долови и разубави најбаналните секојдневни настани.

Бојан Тикваровски гради цел еден свет составен одорганолики форми, особено се фокусира на деталната обработка на цртежот такашто во секоја завршена форма постои можност да се издвојат уште безброј други.

Владимир Лукаш преку неговите дела раскажува многу приказни, за кралот прободен со стрела, змејоликата жена, цветот кој претерува...со неговата голема раскажувачка способност преку слика ни доловува надреален свет кој изобилува со случки...

Ана Андроска од шума прекршени нежни линии формира цврсти торза, додека цветовите од друга страна симболизираат нежност, кревкост, минливост...Со многу смислена употреба на бојата, нежните работи ги засилува, а силните ги разнежнува.

Христина Иваноска прави интервенции врз испечатени страни од модно списание. Таа ги исцртува фигурите по контури, а понекогаш и целосно им го менува изгледот. Се задржува на цртежот како форма, но му дава сосема поинаква димензија.

Методи Ангелов своите цртежи ги придвижува и претвора во видео анимации. Анимациите се минималистички, приказната ја гради со користење на основните форми круг, квадрат, триаголник.

Антонио Димитров неговите структури/целини најчесто се недовршени или завршуваат онаму кадешто завршува хартијата, но тоа не е нивниот крај...секогаш може да се продолжат. Неговиот цртеж е мунициозен во изработката.

Ненад Ѓоргевиќ со повторното откривање на својата “невешта” детска рака, си дозволува да направи цртеж исчистен од сите правила. Трагајќи по детето во себе, успева да се изрази на начин кој на сите ни бил некогаш близок, но сме го заборавиле.

Новите автори кои ќе се приклучат кон изложбата се: Тома Димовски, Бранко Прља, Наташа Андонова, Ленче Андонова, Бејтула Заими, Миле Ничевски, Бурхан Ахмети, Ване Костуранов, Ивана Драгшиќ

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |