Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Дебата и изложба во Штип

Во вторник 06.07.2004 година, во 21 часот, во просториите на Уметничка галерија "Безистен" во Штип, во рамките на Штипско културно лето, ќе биде отворена изложбата "Четири авторки - четири погледи", на која ќе бидат претставени четири млади македонски уметнички (Наташа Андонова, Гордана Вренцоска, Емилија Божиновска, Ирена Паскали, куратор: Маја Чанкуловска). Истата вечер ќе се одржи дебата на тема "Локалното и националното во културата" на која ќе учествуваат Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски, Кире Панајотов, Оливера Жежова, модератор: Драгана Митровиќ.



Изложбата "Четири авторки - четири погледи" ќе презентира по неколку дела од секоја авторка, кои се избор од нивните самостојни претставувања во Културниот центар "Точка" во Скопје во периодот 15.10.2003 - 14.05.2004.

Претставените уметнички се разликуваат по својот израз (Наташа Андонова - цртеж, Емилија Божиновска - колаж, Гордана Вренцоска - слики, Ирена Паскали - видео) и според проблемите кои ги разработуваат зафаќаат различни дискурси од современата уметност.

Наташа Андонова и Емилија Божиновска ги разработуваат чисто ликовните проблеми и на одреден начин се "навраќаат" кон "старите" техники. Кај Наташа Андонова (р. 1974 г. во Скопје, дипломирала 1999 година на ФЛУ - Скопје, сликарски оддел со насока модно креирање) присутна е само фигурацијата, а сите цртежи се изработени во техника јаглен на хартија. Изборот на јаглен заради неговиот сензибилитет, ја враќаат оваа авторка на почетоците на изучувањето на уметничките техники, а определбата да ги истражува повторно и повторно можностите единствено не јагленот и на црно-белите контрасти е на одреден начин спротивставување на се почестото запоставување на оваа техника во современите трендови.

Емилија Божиновска (р. 1973 во Скопје, дипломирала 1999 на ФЛУ - Скопје, сликарство со насока модно креирање) е претставена со апстрактни колажи од нејзината изложба "Чудна шума - втор дел". Колажите се различни и ги има од неколку фази; тоа се композиции од разиграни растителни форми кои со ритмичкото повторување на мотивите асоцираат на визуелна поезија. Разбрануваните аморфни (поретко строго геометриски) форми во најновиот проект на Емилија Божиновска претставуваат продолжение на идејата која ја развива уште од студенските денови, идеја генерирана од значењето на шумата.

Сосема спротивно од нив, Гордана Вренцоска и Ирена Паскали разработуваат социјални и политички теми. Гордана Вренцоска (р.1973 г. во Виница, дипломирала 1997 г. на ФЛУ - Скопје, отсек сликарство, насока модно креирање) се претставува со дел од изложбата "Преписка". Круцијалниот елемент во овие слики е комуникацијата, односно размената на информации. Во случајов коресподенцијата/преписката се разгледува во нејзиниот негативен аспект, како строго деловен процес, без дијалог, како еднострано испраќање информации. Прикажувањето е засновано на цитирање, монтажа, колаж, симулација; изобилува со асоцијативни објекти-симболи, иконички и параиконички, знаци и метафори, а нагласените поп-артистички формални решенија (асамблаж, реадѕ-маде) повторно се во служба на критика на консумеризмот.

Ирена Паскали (р.1969 г. во Охрид, дипломирала 2000 г. на ФЛУ - Скопје, педагошки оддел) ќе биде претставена со видеото "На ова дно". Ова видео е кратка документарна приказна за апсурдноста на меѓусебната (не)толеранција и (не)прифаќање на две религии кои се географски детерминирани. Прикажан е вечниот судир на културолошки различности, а преку документарни снимки на настаните од (и околу) 2001 година се укажува на сличностите: сличности во ритуалите, во прославите, но и сличности во меѓусебното уништување и страдање. Приказната ги маркира актуелните општествени промени и нивното влијание врз субјектите на ова општество.

Целта на дебатата "Локалното и националното во културата" е во една локална средина да се промислат уште еднаш поимите на локалното и националното и да се види на кој начин тие се разликуваат и преплетуваат. Да се продискутира кои духовни, институционални, инфраструктурни и правни претпоставки се потребни за заживување на културата на локално ниво, како да се надмине јазот помеѓу националните и локалните културни вредности, како да се создаде нов квалитет во културата на локалните заедници, и како локалните вредности да ја збогатат националната култура. Дебатата треба да придонесе во артикулацијата на јавното мислење во контекстот на значајни реформи, на планот на децентрализацијата во културната сфера во земјата, процес што треба да ги разграничи, да ги поттикне и да ги оствари т.н. национален и локален интерес во културата.

Изложбата и дебатата се во организација на КОНТРАПУНКТ, Скопје во соработка со Литературен клуб "Искра" од Штип.

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |