два дена Контрапункт во Струмица
|
Во четврток и петок 17 и 18. 06. 2004 година, во Струмица,
Контрапункт ќе организира два настани, партнерство со креативното
јадро уметници и интелектуалци од Струмица, во две различни културни
институции.
|
Најпрвин на 17 јуни со почеток во 19 часот, во Работничкиот
универзитет "Јосиф Свештарот" ќе се оджри вечерта на промоции на
издавачката програма на Контрапункт од проектот "Слевање на
маргините", а потоа ќе следи дебатата на тема "Авторот и неговиот
контекст". Ќе бидат промовирани публикациите од едицијата "Градовите
во Македонија", изданието посветено на Струмица. Ова издание го
подготви уредувачки тим од Струмица, и е уникатно по специфичниот
дизајн и одбраните содржини, кои се нивна репрезентација на нивниот
град.
Дебатата "Авторот и неговиот контекст" ќе се обиде да го загатне
прашањето кое е социо-културно но и етичко-естетичко, за тоа на кој
контекст му припаѓа авторот, како го прима неговата публика, на кој
начин го прима неговата средина и како тој се ситуира и во каков
контекст. Има толку различни контексти, од социјао-политички, до
културолошки и естетички, така што цел на трибината е да ги испита
барем некои од нив. Панелисти на дебатата се: Никола Гелевски, Ацо
Гогов, Роберт Алаѓозовски, Искра Гешоска, Никола Маџиров и Владимир
Јанковски.
Истата вечер ќе се промовира и јубилејниот 63 број на списанието
Маргина, како и последните изданија од прозната едиција
Магма и теориската 20/21 век на издавачката
куќа Темплум. Во едицијата 20/21 век излезе книгата на
Никола Гелевски Контрапункт 2001-2004; Принципи за една
поинаква политика, а во прозната едиција Магма ја објавивме
книгата од Чарлс Буковски Љубов за 17 1/2 долари.
Книгата Контрапункт 2001-2004; Принципи за една поинаква
политика претставува збир од колумните што авторот ги објавува во
дневниот весник Утрински весник. Во предговорот на својата
книга Никола Гелевски ќе напише: "Среде инфлацијата од колумнисти кои
мошне лесно ја сфатија улогата на „јавен интелектуалец” (која
неколкумина од нив ја сведоа на најниски можни гранки, деградирајќи го
не само жанрот колумна туку и целиот македонски јавен простор), решив
да изберам еден посериозен и, според мене, поодговорен пристап кон
јавната работа, пристап во кој ќе има дури и нота на едукативност, но
едукативност наменета токму за кобајаги „едуцираните”, луѓето од
македонскиот естаблишмент сфатен во најширока смисла.
Книгата Љубов за 17 1/2 долари од Чарлс Буковски претставува
антологиски избор од расказите на познатиот американски писател.
Изборот е на Владимир Јанковски и Марко Петрушевски, кои заедно со
Димитар Самарџиев се и преведувачи на книгата.
Наспроти големиот светски успех - кој не беше само книжевен бидејќи
Буковски стана ѕвезда и во погенерална смисла - интересно е што тој
остана една од поиздвоените и поосамените фигури во современата
светска литература, па и уметност воопшто. Тој никогаш не припаѓал на
каква било книжевна група која низ заеднички идеи и цели полесно би го
привлекла вниманието на публиката, иако често го доведувале во врска
со духовните современици, поетите на американската бит (Беат)
генерација. За разлика од познатите битнички автори кои наместо
поезија често нудеа утописки претстави за личното и колективно
спасение, Буковски немал илузии од тој тип.
На 18 август во 20:00 часот, во просториите на Уметничката
галерија при Домот на култура ќе се отвори изложбата на Ване
Костуранов, насловена "Куќа одвај поголема од една планета".
Изложбата е дел од проектот "Слевање на маргините" во организација на
Контрапункт од Скопје.
Ване Костуранов е роден 1979 година во Струмица. Живее и работи во
Струмица. Учествувал на групни изложби во земјава. Сегашната
преокупација на Костуранов е графичкиот дизајн во што покажува
исклучително големи резултати. Ване Костуранов нема формално ликовно
образование, со што повторно се потврдува тврдењето дека талентот е
сепак пресуден во создавањето уметност.
Главна опсесија на Ване Костуранов во неговата втора самостојна
изложба, е куќата, на што укажува и самиот наслов на изложбата.
Трансформирајќи ја во насловот сентенцата на Егзипери "Неговата родна
планета е одвај поголема од една куќа" укажува на значењето кое овој
мотив го има во неговото сликарство. Општо земено, сликите, изработени
во техниките акрил и масло на платно, дрво и картон, го нагласуваат
чувството на интимност и меланхоличност. Цртежот е навидум "детски"
едноставен и одразува искреност и свежина, додека, пак, колоритот е
понекогаш контрастен, но најчесто е одмерен и со лирска атмосфера. На
изложбата "Куќа одвај поголема од една планета" ќе бидат
претставени триесеттина слики. |
|
|
|