Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Љубомир Милошески со Од Семејството и Ирена Паскали со "На ова дно" во Тетово

На 10. 05. 2004 (понеделник), во 19.00 часот, во Галеријата при Музичкото училиште "Тодор Скаловски" ќе бидат отворени изложбите на Љубомир Милошески со наслов Од Семејството и проекција на видеото "На ова дно" на Ирена Паскали. Изложбите се дел од проектот Слевање на маргините, а организацијата е на Контрапункт од Скопје.



Љубомир Милошески е роден во Струга во 1974 г. Во 1999 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на педагошкиот оддел - насока сликарство, во класата на проф. Рубенс Корубин. Во 2002 завршил постдипломски студии на сликарскиот оддел на истиот факултет, во класата на проф. Р.Анастасов. Досега има 3 самостојни изложби, а учествувал на повеќе групни изложби во Македонија и во странство.

Проектот "Од семејството" (2003) претставува продолжување и проширување на проектот "Мутации" (2002). Во овие два проекта Милошески ја (пре)испитува хуманоста преку релацијата човек - животно, односно живо - мртво. При тоа користи евтин природен материјал - свински кожи како материјал со специфична енергија, "привлечност" (особен мирис, тактилност). Насловот на проектот "Од семејството" упатува на поврзување на животот и уметноста и ангажираниот став на уметникот кој не е веќе изолиран од случувањата кои го допираат, во случајот глобалните проблеми на човештвото - убивањето и клонирањето, отуѓеноста и суровоста на доминантниот човек. Ангажираноста, односно критиката на "човештината" се доживува и преку интеракцијата со публиката т.е. преку соочувањето со ликовниот однос на авторот, при што соочувањето најчесто е проследено со чувство на одбивност.

Ирена Паскали е една од најактивните уметнички во Македонија чија преокупација е видеото, а во своите дела обработува општествени, социјални и психолошки теми. Родена е 1969 година во Охрид. Во 1995 години дипломирала на Природно-математичкиот факултет. Во 2000 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Станко Павлески. Досега има 13 самостојни изложби, учествувала на мноштво групни, и е добитник на повеќе награди од неколку видео-фестивали.

Проектот На ова дно на Ирена Паскали е кратка документарна приказна за начинот на којшто припадниците на двете најголеми религии - христијаните и муслиманите, живеат заедно. Оваа година, Ирена Паскали за видеото На ова дно (
At this bottom) е добитник на 3-та награда (3rd Pangaea Award) на "Halowen Film Festival", Institut of Contemporary Arts, Лондон, Англија, за кратки филмови на тема "The Derellict Sensation". Овој видео проект е реализиран 2003 година, во продукција на Култур Контакт од Австрија и Македонската телевизија и за прв пат се прикажува во Македонија.

Истата вечер ќе се промовира и јубилејниот број на списанието Маргина, проектот Слевање на маргините и веб-страницата на Контрапункт, а ќе се одржат и проекции на архива на десетгодишното постоење од списанието Маргина и спот на уметничката група од Белград Хоркешкарт.

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |